ВЛАСТА ГО СТАВИ ГРЕЕЊЕТО ПРЕД ЗДРАВЈЕТО Употребата на високо-загадувачки горива е неприфатлива, вели Пехчевски од Еко-свест
Секое навраќање кон зголемена употреба на високо-загадувачки фосилни горива е неприфатливо во 2022 година, вели Давор Пехчевски, експерт за квалитетот на воздухот од Еко-свест во интервју за Фактор.
– Ние изминативе две години во земјава се соочуваме со интензивен увоз на јаглен, реактивирање на електрана на мазут, а еве сега и прилагодување на топланите да работат на дизел. Ова, покрај другото, е и огромен одлив на пари. Дополнителен проблем е што овие средства се потрошени нетранспарентно и нема никаква информација што точно, во колкави количини и со каков квалитет е набавено. Доколку главниот одговор на кризата од властите е јаглен, мазут и дизел, тогаш пораката што е испратена до граѓаните е дека сѐ е дозволено за да се обезбеди енергија и дека животната средина и здравјето се секундарни – истакнува Пехчевски.
Според него, државата мора да се насочи кон инвестирање во енергетска трансформација и зголемена употреба на обновливи извори на енергија и тоа мора да биде приоритет.
– Треба да се инвестира во енергетската трансформација на земјата кон зголемена употреба на обновливи извори на енергија. Конкретно, за решенијата за загревање на домаќинствата, веќе постојат понови технологии базирани на обновливи извори, што се истовремено и поевтини и поефикасни. Исто како што се интензивира дискусијата за инсталирање соларни системи за производство на струја како дел од мерките за надминување на кризата, мораме да почнеме да зборуваме и за воведување обновливи извори за загревање и ладење – вели тој.
Загадувањето на воздухот во земјава одамна ги надминува сите безбедносни нивоа и тоа за повеќе пати. Доколку се погледнат извештаите за квалитетот на воздухот во Европа од Европската агенција за животна средина, нашата земја редовно е во топ три најзагадени земји според концентрациите на ПМ 2,5 честички, а здравствените последици се големи. Токму затоа и Пехчевски алармира итно да се започне со интензивно работење на промена на начинот на загревање, како и зголемување на свесноста кај граѓаните, но и кај институциите за потребата од итни инвестиции за намалување на загадувањето.
– Здравствените последици од ваквото загадување се страшни и според анализите се движат од 3000 до 4000 прерани смртни случаи годишно, проследени со многу повеќе случаи на хронични заболувања на респираторниот и кардиоваскуларниот систем. Дел од она што мора да се почне да се спроведува за да се спречи ваквото зголемување на емисиите во Скопје е интензивно да се работи на промена на начинот на загревање и тоа со посебен фокус на социјално-економски ранливите категории, да се почне со воведување локални системи за централно греење базирано на обновливи извори во приградските населби како Драчево и Сарај, да се реорганизира и модернизира јавниот превоз, да се зголеми просторот за немоторизиран сообраќај и пешачење на сметка на просторот за автомобили, да се воведат сразмерни и одвраќачки казни за индустриите што загадуваат, да се спроведат плановите за управување со отпадот и да се воведат мерки за намалување на емисиите од градежни и земјоделски активности – заклучува тој.