Власт како лепак за корумпираните

Во последните години во ЕУ постојано се зголемува притисокот за зајакнување на мерките за борба против корупцијата, како во рамки на самата Унија, така и надвор од неа. Европската комисија во мај годинава даде предлог за построги правила кои ја криминализираат корупцијата, за еден поширок поглед на тоа што претставува кривично дело поврзано со корупција, како и за усогласување на казните во Унијата.

350

Без оглед дали од „патриотски“ или од „европски“ побуди, корупцијата во Македонија се шири како канцер. А кога владата ги затвора очите пред таквото зло, болеста продолжува да напредува и да ги уништува институциите. Критиките што се уптауваат кон Македонија јасно ја лоцираат корупцијата како клучен проблем што го разјадува општеството одвнатре. Користењето на знамето на ЕУ како параван, не може да го сокрие тоа. Македонските граѓани, како што се констатира, се навикнати дека корупцијата е постојано зло во нивната земја.

На македонската Влада и е постојано полна устата со заложби за реформи за доближување до ЕУ, но, како што забележуваат критичарите, според примерот на холандскиот амбасадор во Скопје, „сѐ е заглавено поради недостатокот на имплементација, и поради корупцијата и непотизмот“. ЕУ, се разбира, не може, ниту пак некогаш можела, да се постави во улога на пасивен набљудувач.






Во последните години во ЕУ постојано се зголемува притисокот за зајакнување на мерките за борба против корупцијата, како во рамки на самата Унија, така и надвор од неа. Европската комисија во мај годинава даде предлог за построги правила кои ја криминализираат корупцијата, за еден поширок поглед на тоа што претставува кривично дело поврзано со корупција, како и за усогласување на казните во Унијата.

Казнување на тешките кривични дела на корупција во светот, според предлогот на Европската комисија, треба да биде прашање за кое ќе одлучува Министерскиот совет на ЕУ. Замислата е таквиот пристап да се користи како ударна тупаница против „сериозни корупциски дела“ во земји кои имаат слабо или непостоечко законодавство во областа. Македонија е секако добар пример во таков контекст.

Врз основа на разни истражувања се констатира дека важна причина зошто луѓето се занимаваат со затајување на данок е тоа што не веруваат дека другите граѓани ги извршуваат своите даночни обврски. Корупцијата сериозно го загрозува општествениот развој и затоа добива се повисок приоритет во агендата на низа меѓународни организации. Меѓународни истражувања покажуваат дека корупцијата не е само проблем на сиромашни и на неразвиени земји. Некои ЕУ-членки, како Бугарија, Унгарија и Романија, се вбројуваат меѓу покорумпираните земји во светски рамки.

Критиките што се актуелизираат одат на линија дека лабавата контрола околу користењето на средства од ЕУ-фондовите поттикнува на проневери и измами. Ревизорите на ЕУ забележуваат дека годишно преку четири милијарди евра се исплаќаат на погрешна основа, при што најмногу во рамки на земјоделските и на фондовите за поддршка на регионалниот развој. Документирани се голем број примери на злоупотреба на европски средства, следејќи ги написите во европските медиуми во последните години. Во заднината на низа случаи се присутни мошне бизарни мотиви.

Еврокомесарот за внатрешни работи Илва Јохансон неодамна побара одговор од полската влада по наводите дека полските амбасади и конзулати делеле шенген визи во замена за мито. Агенцијата на ЕУ за борба против измами, ОЛАФ, пред извесно време откри неправилности при исплаќање на ЕУ-средства за дигитализација во училиштата во Унгарија, преку кршење на правилата за јавни набавки и исклучување на компанијата што дала најевтина понуда.

Познат е случајот на поранешен градоначалник во шпанскиот град Чиривел, кој поднел барање за 54.000 евра за проект кој се однесувал на школо за јавање, но потоа пројектот бил пренасочен за отворање бордел крај автопат. Еден друг извештај зборува за шест милиони евра, кои биле исплатени за изградба на дом за деца заболени од рак во италијанскиот град Авелино, но во домот не бил поставен ниту еден болнички кревет.

Дански бизнисмен добил 100.000 евра од ЕУ за изградба на скијачки терен на островот Борнхолм, чија надморска височина е само пет метри. Данецот потоа изјавил дека никогаш не поверувал оти „ЕУ-бирократите ќе поддржат една толку луда идеја“. Во Македонија, скандалозните сознанија кои излегоа во јавноста за одобрување на стотици илјади евра од европските фондови за обуки за магариња и за фризерница, наидоа на сили критики и исмевање на социјалните мрежи.

Во услови на вакви и слични проневери критичарите укажуваат на системски грешки. Буџетскиот систем на ЕУ е заснован врз придонесите од земјите-членки, а европската бирократија решава како ќе се користат средствата. Тој „заобиколен“ пат преку Брисел, води кон полабав пристап во барањата да се понесе одговорност. Најострите критичари порачуваат дека наједноставно решение за превентивно дејствување во однос на проневерите на пари од фондовите на ЕУ би се постигнало со префрлување на мандатот за буџетските издатоци во парламентите на земјите-членки. Со тоа националните парламенти би можеле да ги постават владите пред одговорност при парламентарните избори.

Според шведскиот истражувачки проект „Институт за квалитет на владеењето“, што се спроведува при универзитетот во Гетеборг, ниската меѓучовечка доверба и поделеност и партизација на сите нивоа во некои земји, би можело да се објасни со недостиг на квалитетно функционирање на институциите, и тоа, пред се, поради раширената корупција. Висок квалитет и професионалност на јавната администрација би требало да бидат клуч за за зголемување на степенот на социјална доверба, како и за избегнување на ризиците да се западне во државно-финансиски дубиози, кои се присутни во некои земји со ниски даночни приходи, но и со ниска јавна потрошувачка. Многупати е речено: интензивна и бескомпромисна борба против корупцијата е неоспорно потребна.

Тоа е веројатно лесно да се разбере, па и без мавтање со европски знаменца. Често се вели, врз база на историски искуства, дека власта корумпира. Но, кога се некои земји во прашање, вклучувајќи ја и Македонија, се чини дека би било попрецизно да се рече дека власта, всушност, е силен лепак што ефикасно ги привлекува корумпираните.

Поврзани содржини