Владиниот авион со кој претседателката Гордана Сиљановска Давкова требаше да лета за Париз на отварањето на реновираната катедрала „Нотр Дам“, се расипал на 3 декември. Со него патувал претседателот на Собранието Африм Гаши во Стокхолм, Шведска. За време на подготовката на авионот за лет кон Скопје и редовните активности и проверки на аеродромот во Стокхолм утврдена е неисправност на едниот од двата инструменти кои покажуваат температура на издувните гасови од моторите, објави порталот Сакам да кажам.
– Според прописите на производителот, неисправноста на еден таков инструмент не дозволува летачка операција ниту стартување на моторите додека не се заменат. Нов инструмент стигна на 4 декември и веднаш по неговата замена и проверка, авионот е вратен во Скопје. Се прават додатни анализи и испитувања за да можеме воздухопловот со сигурност да го пуштиме во погон. Секогаш кога воздухопловот бил во погон бил целосно исправен и безбеден – изјави директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата Ивица Томовски.
Томовски во изјавата за порталот наведува оти смета дека како држава треба да набавиме нов владин авион.