Владата за „Монструм“: Не е работа на функционерите да ценат дали некои снимки се нов доказ
Владата вели дека не е работа на ниту еден политички субјект да цени дали одредени снимки се нов доказ, но токму премиерот Заев од позиција на опозициски лидер најавуваше дека бомбите ќе ја откријат вистината за „Монструм“. Очекувањата на јавноста се дека премиерот е должен да одговори на обвинувањата, поради сериозноста на претходно изречените изјави од негова страна, а и на прашањата на јавноста: Дали се уште верува дека невини луѓе лежат во затвор“?
Не е работа на ниту еден политички субјект или функционер да цени дали одредени снимки се нов доказ кој може да влијае на утврдување на фактичката состојба или нечија поединечна одговорност. Тоа е работа на Обвинителството и Судот. Впрочем, за таа намена беше формирано и СЈО, велат од Владата на прашање на Плусинфо да ги коментира реакциите по завршните зборови на обвинителката Фатиме Фетаи во случајот „Монструм“, за петкратното убиство кај Смилковското Eзеро во 2012 годинаа. Бурата реакции се поттикнати од претходните изјави на поранешниот опозиционер, а сега премиер Зоран Заев дека прислушуваните разговори може да фрлат ново светло на случајот, а вистината може да доведе до немири во земјава.
Обвинителката Фетаи вчера рече дека иако Заев јавно зборуваше дека „бомбите“ ќе ја откријат вистината за „Монструм“, сепак „се отфрлија сомнежите дека постои друга вистина, на која, беше навлечена јавноста“. Ниту прислушуваните материјали, ниту исказот на Заев, не ја смени вистината во „Монструм, рече Фетаи и објасни дека преквалификацијата следувала по правилната анализа на сите прибавени докази.
– Она што е факт е дека во земјава се случи најмасовното нелегално прислушкување. Објавувањето на прислушкуваните разговори беше единствениот механизам да се сведат на минимум сите злоупотреби на тогашната власт за манипулирање со гласачите во пресрет на парламентарните избори во 2016. Владата на Република Северна Македонија повикува на целосно и ефикасно спроведување на правната држава, темелна истрага, утврдување на фактите и утврдување одговорност – се вели во одговорот од Владата.
Премиерот во една своја изјава рече дека „невини луѓе лежат во затвор за Смиљковско езеро“, а повторениот судски процес и завршните зборови на обвинителката потврдија дека за едно лице се бара ослободителна пресуда поради недостиг од докази, но дека „бомбите“ всушност не влијаеја на повторената истрага за осомничените. Опозицијата обвинува дека премиерот направил злоупотреба на судбината на жртвите за свои политички цели и дека ја излажал јавноста.
Во тој контекст, очекувањата на јавноста се дека премиерот е должен да одговори на овие обвинувања, токму поради сериозноста на претходно изречените изјави од негова страна, а и на прашањата на јавноста: Дали се уште верува дека невини луѓе лежат во затвор“?.
Еве што велат од Владата:
– Судските постапки мора да се водат исклучиво низ фер и транспарентни процедури, базирани на докази. За прекршување на закон одговорност мора да има за сите, без разлика за кого станува збор, а сето тоа е во надлежност на истражните и правосудните органи. Владата на Република Северна Македонија има приоритети кои се поставени и во Акцијата 21- за европски стандарди дома. Меѓу нив е и прочистувањето на правосудството. Владата е одлучна да испорача правда и ред, борба со корупцијата и со криминалот – порачуваат од Владата.
Заев, во времето кога ја тераше бомбашката кампања преку проектот наречен „Вистината за Македонија“ во едно интервју за германскиот весник „Ди Цајт“, изјави дека вистината за случајот „Смиљковско езеро“ може да предизвика немири во Македонија.
– Седумтемината етнички Албанци кои се осудени за случајот Смиљковско езеро се невини
Тие неправедно седат во затвор. Може да има и жртви. Затоа во моментов водиме интензивни разговори со албанската заедница, за да најдеме начин да спречиме таква реакција. Мораме да биде многу внимателни со вистината. Мораме да го сочуваме единството на народот – вели Заев во интервјуто за весникот „Ди Цајт“.
На прашањето дали стравува дека состојбата може да излезе од контрола, тогаш Заев, одговари потврдно:
– Да, до одреден степен сум многу загрижен. Мораме да ги подготвиме луѓето за вистината, мораме да бидеме многу одговорни – рече Заев пред околу шест години.
Една година потоа врховните судии одлучија предметот „Монструм“ да се врати во Kривичниот суд. Првостепената и второстепената пресуда беа укинати и предметот се врати на првостепениот суд на повторно одлучување, како што бараше и обвинителството поради пропусти при водењето на истрагата, поврзани со вештачењето, како и прислушуваните материјали кои ги имаше СЈО.
Во случајот „Монструм“ на доживотен затвор тогаш беа осудени шест лица под обвинение за тероризам. Откако во декември лани Врховниот суд ги укина пресудите, од притвор излегоа осудените Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Сами Љута и Фејзи Азири.
Во завршницата на повторениот судски процес, вчера обвинителката Фатиме Фетаи побара доживотен затвор за тројца од обвинетите за тероризам во случајот „Монструм“. Aлил Демири и браќата Африм и Агим Исмаиловиќ се обвинети за тероризам, а Фејзи и Хаки Азири за помагање во ова дело, па за нив се бара максимална казна затвор.
Фетаи се откажа од гонење на еден од обвинетите, за кого побара ослободителна пресуда поради недостиг на докази. Станува збор за Сами Љута, за кој рече дека наводите биле спорни уште при преземање на предметот. Фетаи не ја исклучи можноста во иднина за овој настан да бидат гонети и други лица, ако такво нешто произлезе од исказите на двајцата обвинети кои се во бегство, а за кои државата со години наназад бара Алил Демири и Африм Исмаиловиќ да бидат екстрадирани од Косово.