ВЛАДАТА ВО ОВОЈ МОМЕНТ НЕ РАЗМИСЛУВА ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ НА 67 ГОДИНИ Се бараат решенија за стабилизирање на пензискиот фонд
Остануваме посветени и на состојбата во Фондот за пензиско осигурување и ќе ги разгледаме сите состојби како да имаме еден стабилен систем. Во овој момент не се размислува за она што беше предлог од страна на Фискалниот совет, вели портпаролката Марија Митева.
Владата, во овој момент, не размислува да ја зголеми возраста на која вработените ќе одат во пензија, изјави денеска на прес-конференција владината портпаролка Марија Митева.
Одговарајќи на новинарско прашање како Владата размислува да ја пополни дупката во Фондот за пензиско осигурување, Митева рече дека се разгледуваат сите опции за да се стабилизира пензискиот систем. Таа ја отфрли можноста да се прифати предлогот на Фискалниот совет од 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање на 67 години и за мажи и за жени. Митева не прецизираше дали се разгледува и другата предложена мерка за постепено зголемување на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување.
– Во овој момент, она што направивме е усогласување на пензиите од 5.000 денари. Имаме активна методологија, имаме закон по кој што се работи. Остануваме посветени и на состојбата во Фондот за ПИОМ и ќе ги разгледаме сите состојби како да имаме еден стабилен систем. Во овој момент не се размислува за она што беше предлог од страна на Фискалниот совет – вели портпаролката Марија Митева.