ВЛАДАТА СИ СТАВА ТРН ВО ЗДРАВА НОГА Можната зависност од игрите на среќа не се решава со нивно затворање
Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) спровела истражување кое покажало дека во казината и во автомат клубовите во Северна Македонија влегува само 3 проценти од полнолетната популација, кои се традиционални играчи. Тоа се луѓе кои најчесто играле на запад и овде си ја пробуваат среќата.
Никој во Европа не ја прифаќа тезата дека потенцијалната зависност од игрите на среќа се решава со затворање на казината, автомат клубовите и обложувалниците, како што ни потенцијалната зависност од алкохол и никотин никаде не се решава со затворање на кафулињата, тобаката и продавниците на алкохол, вели Горан Стоименов, претставник на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС).
Тој ја објаснува разликата меѓу Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) и Асоцијацијата на спортските обложувалници (АСОМ).
– АПИС е Асоцијација на приредувачи на игри на среќа која ги застапува трговските друштва кои организираат игри на среќа во автомат клубови и во казина. Во АПИС членуваат претставниците на Групацијата Новоматик и Апекс Македонија како Казино Фламинго, Адмирал, Астра и Апекс. АСОМ е Асоцијација на спортските обложувалници.
Државниот Буџет годишно се полни со 280 милиони евра од игрите на среќа. Ве обвинуваат дека казината, автомат клубовите и обложувалниците прават профити од 1 милијарда евра годишно. Како го коментирате тоа?
– Игрите на среќа се една од најстрого регулираните дејности во нашата држава. Постоечката регулатива е најстрога на Балканот. Затоа, нема потреба од весели математики кои немаат допирна точка со реалноста. Кумулативните финансиски обврски за приредувачите на игри на среќа се јавни и зафаќаат 6 проценти од приходите на планираниот буџет за 2023 година. Тие имаат законска обврска за плаќање посебна давачка во вкупен износ од 23 проценти, од кои 1,5 проценти одат за потребите на јавното здравство и 1,5 проценти за потребите на Агенцијата за млади и спорт, а останатите 20 проценти директно се слеваат во централниот Буџет.
Казината и автомат клубовите дополнително плаќаат годишно и за секоја лиценца која на приредувачите на игри на среќа во строго дефинирана процедура им ја издава Министерството за финансии, а конечно ја одобрува Владата. Како правни лица плаќаат и годишен данок на добивка по стапка од 10 проценти. Плус за секоја поединечно остварена добивка од играње приредувачите имаат обврска да платат 15 проценти данок на истата.
Приредувачите на игри на среќа плаќаат плати за вработените и придонеси од работен однос, со двојни дневници за работа во недела, празници, ноќен труд и сменско работење, бидејќи работното време е 24/7, за 10 000 вработени. Државниот буџет се полни од приредувачите и преку оданочување на закупнини на деловни простории, ДДВ преку купување опрема, мебел, надоместоци за струја и давање угостителски услуги, со кои се подdржуваат меѓу 54 000 до 100 000 други работни места надвор од секторот игри на среќа. Конечно, тие плаќаат огромни суми на ДДВ, но се исклучени од правото да бараат негов поврат.
Да резимираме, кога ќе се сумираат приходи и расходи, за приредувачите останува 10 проценти од кои треба да ги покријат трошоците за инвестициите и да остварат заработка што е основна цел на секоја економска дејност. Оттука, 1 милијарда профит од игри на среќа во нашата земја е нереално да се замисли, а камоли да се реализира!
Колку изнесуваат инвестициите во игрите на среќа во Македонија досега?
– Групацијата Новоматик и Апекс Македонија се странски инвеститори, бидејќи седиштата на компаниите кои ги претставуваат се во Република Австрија, земја членка на Европската Унија. Надвор од редовните годишни финансиски обврски кон државата, грубата пресметка упатува дека обемот на досега реализирани инвестиции изнесува 124 милиони евра и дополнителни 30 милиони евра инвестиции кои се реализираат тековно.
Групацијата Новоматик и Апекс Македонија вработуваат илјадници луѓе и како општествено одговорни компании донираат во јавното здравство, спортот, културата и постојано учествуваат или се покровители на хуманитарни акции.
Зошто АПИС е против предложените законски измени?
– Сметаме дека е вообичаена демократска пракса, како странски инвеститори, претставници на капитал кој доаѓа од земја членка на ЕУ, да бидеме ислушани и нашата експертиза и знаење да бидат уважени со цел изработка на одржливо законско решение во согласност со највисоките светски стандарди за организирање игри на среќа. Погрешен е впечатокот дека ние генерално сме против измени на законот за игри на среќа и забавни игри, туку сме против нелогични, погрешни, популистички и политички мотивирани измени. Апсурдно е Владата да става европско знаме на предложените измени, а истовремено да не ги следи актуелните процеси во Европа.
На 29 јануари, 72 проценти од жителите на Лихтенштајн на референдум со гласање „против“ ја отфрлија иницијативата за затворање на казината во Кнежевството. Еве не треба да се гледа дури до Лихтенштајн, доволно е Владата да погледне во соседството. Во октомври лани, албанската Влада соопшти дека после четиригодишната забрана ги враќа игрите на среќа. Образложението на нивниот премиер Еди Рама е дека после забраната, игрите на среќа во Албанија почнале да се одвиваат на црно и дека повторното отворање на индустријата значително ќе ѝ помогне на албанската економија. И во Грција беа забранети на игрите на среќа. Кога грчките власти видоа дека меѓу 3 000 до 5 000 Грци само во еден ден играат во Гевгелија, во 2018 поставија 36 000 апарати за игри на среќа за да спречат одлив на финансиски средства надвор од државата.
Иако сѐ уште не сме ги виделе законските измени кои Владата ги усвоила, од тоа што се слуша, голем дел од превидените законски решенија се контроверзни и е прашање дали ќе го поминат испитот на уставност. Затоа, не е потребно да се брза и по секоја цена да се донесат законски измени кои на среден рок ќе направат несогледиви последици кои многу тешко ќе можат да се поправат.
АПИС тврди дека дистанцата од 500 метри од училиштата е популизам. Зошто?
– Никој од Групацијата Новоматик и Апекс Македонија нема интерес во објектите за игри на среќа да влегуваат малолетници. Контролите се толку ригорозни што е речиси невозможно и по грешка да се протне малолетно лице. Не постои записник на надлежните државни органи каде е евидентирано присуство на малолетник во казината и во автомат клубовите кои се во надлежност на групацијата, што е исклучителна потврда дека се работи за врвни професионалци, општествено одговорни компании кои го штитат јавниот интерес 100 проценти и неселективно ги спроведуваат законските норми.
Во автомат клубовите има дежурен психолог кој стои на располагање за секој играч кој евентуално ќе почувствува зависност од игрите на среќа. Тој веднаш може да го контактира за стручна помош. Како Асоцијација спроведовме едно истражување и податоците покажаа дека во казината и автомат клубовите во Северна Македонија влегува само 3 проценти од полнолетната популација, кои се традиционални играчи. Тоа се луѓе кои најчесто играле на запад и овде си ја пробуваат среќата. Затоа, клучното прашање кое општествената јавност треба да си го постави е дали младите се повеќе заштитени сега кога игрите на среќа се одвиваат на легален начин или кога ќе се организираат на црно?
Владата и Собранието не треба да го кријат фактот дека дислокацијата на објектите на 500 метри од образовните институции неминовно ќе предизвика затворање на легална економска дејност и отворање на играчници на црно, врз кои државата ќе нема никаква контрола. Аргумент за тоа е аферата „Детонатор“ од 2011 кога на истокот на земјата, беа конфискувани 1.500 нелегално поставени покер апарати. Искушувањето на среќата е дел од човечкиот карактер, затоа игрите на среќа ги имало и ќе ги има секогаш, сѐ додека постои цивилизацијата. Никој во Европа не ја прифаќа тезата дека потенцијалната зависност од игрите на среќа се решава со затворање на казината, автомат клубовите и обложувалниците, како што ни потенцијалната зависност од алкохол и никотин никаде не се решава со затворање на кафулињата, тобаката и продавниците на алкохол. Подигнувањето на општествената свест се прави со јавни кампањи и организиран пристап за насочување на младите генерации кон наука, култура и кон спорт.