ВЛАДАТА ПРОГЛАСИ ЕНЕРГЕТСКА КРИЗНА СОСТОЈБА ОД 1 МЕСЕЦ Нема да има рестрикции на струја, но опцијата е во игра
Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека кризната состојба е да се вбризгаат пари во енергетските компании и да се стабилизира пазарот на струја.
Владата прогласи енергетска кризна состојба во траење од 30 дена со цел да се зголеми ликвидноста на енергетските компании и да се обезбеди стабилен енергетски пазар, но не и да се реализираат рестрикции на струја за граѓаните и компаниите, информира денеска министерот за економија Крешник Бектеши на прес конференција.
Тој рече дека владата го прифати предлогот на комисијата за проценка на состојбата во електроенергетскиот систем која донесе одлука врз основа на извештај на МЕПСО во кој се наведува дека постои ризик за кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија поради помалото производство на домашните компании и како резултат на високата цена на струјата.
Бектеши рече дека кризната состојба се прогласува да се вбризгаат пари во енергетските компании и да се стабилизира пазарот на струја.
– Единствена мерка од оваа одлука да се вбризгаат финансиски средства во енергетските компании за да се стабилизира енергетската состојба. Се интервенира со буџетски средства во износ од 4 милијарди денари за увоз на електрична енергија и подобрување на производството на електричната енергија. Цел покрај другото е да се обезбеди ниска цена на струјата за домаќинствата – рече Бектеши.
За остварувањена целта се вклучени сите енергетски компании и владата.
– Не се предвидуваат рестриктивни мерки, но како опција и рестрикциите се во игра – појасни Бектеши.
Бектеши информира дека на денешната седница на владата не се разгледувала точка за покренување одговорност на раководниот тим на ЕСМ, но, рече, во наредниот период ќе се утврди одговорност за состојбата.
– Препорачано му е на Управниот одбор да изработи извештај за работата на ЕСМ, подружниците па и РЕК Битола и тој извештај ќе покаже каде се проблемите и дали и кој ќе сноси одговорност. Мое лично мислење е дека треба да има одговорност, но сега треба да се справуваме со енергетската криза прво, па потоа ќе донесеме одлуки за одговорноста – рече Бектеши.