ВЛАДАТА ПРЕПОРАЧА РАБОТЕЊЕ ОД ДОМА, БРЕМЕНИТЕ ЖЕНИ И ПОСТАРИТЕ РАБОТНИЦИ ДА СЕ ОСЛОБОДАТ ОД ОБВРСКИТЕ Топлинскиот бран продолжува до петок

Од 23 до 26 јули 2025 година, за време на топлинскиот бран, се препорачува ослободување од работните обврски за бремените жени и за лицата постари од 60 години. Каде што е можно, да се овозможи работа од далечина или со флексибилно или со двократно работно време, препорача Владата.

3,781

Имајќи го предвид кумулативниот ефект на продолжениот топлотен бран, Владата ја усвои информацијата и издаде препораки до работодавачите кои важат од 23.7 до 26.7, со кои се препорачува ослободување од работни обврски за бремените жени и за лицата постари од 60 години, соопшти Владата. Со оваа мерка се овозможува и работа од далечина, флексибилно и двократно работно време, каде што е изводливо.

Претходно, Министерството за здравство информираше дека согласно најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), топлотниот бран со температури над 40 степени Целзиусови ќе продолжи до 26 јули 2025 година.






„Имајќи го предвид кумулативниот ефект на продолжената изложеност на високи температури врз здравјето на ранливите категории на население, Владата, на предлог на Министерството за здравство усвои дополнителни препораки за работодавачите, кои ќе важат во периодот од 23 до 26 јули 2025 година. Се препорачува ослободување од работни обврски за бремени жени и за лицата постари од 60 години. Каде што е можно, да се овозможи работа од далечина, или со флексибилно или со двократно работно време. Овие препораки не важат за вработените во критичната инфраструктура, како што се здравството, полицијата, армијата, транспортот, енергетиката и јавните комунални претпријатија“, соопшти Министерството за здравство.

Дополнително, Владата потсетува на веќе важечките мерки од Акцискиот план за зштита од топло време, а тоа се одложување на работниот процес од 11 до 17 часот за работниците кои се изложени на директна топлина, обврска за обезбедување микроклиматски услови за работа – простории со температура до 25 степени, освен каде што природата на работата не дозволува поинаку, континуирано информирање на јавноста преку институциите, како и активирање на интерните протоколи за работа во вонредни услови во сите здравствени установи, домови за стари лица и образовни институции. Сите останати институции опфатени со Акцискиот план се повикуваат да продолжат со спроведување на своите обврски и активности.

Истовремено Министерството за здравство апелира населението да се придржува до постоечките препораки за самозаштита, а тоа се престојување во разладени простории, особено од 11 до 17 часот, внесување доволно течности, избегнувње алкохол и засладени пијалоци, носење лесна и светла облека, користење заштита за главата и зз очите, избегнување физичка активност во најтоплите часови. При симптоми како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс – веднаш да се побара медицинска помош.

Поврзани содржини