ВЛАДАТА ПРЕКУ ЕМИРАТИТЕ ГО ОТВОРА ПАТОТ НА ИЗВОЗНИЦИТЕ КОН ИСТОЧНИТЕ ПАЗАРИ Потпишани се неколку договори за економска соработка

Министерот за транспорт Александар Николоски вели дека следи втората фаза, а тоа е конкретизирање на проекти и за брзо време ќе можеме да видиме делегација на ОАЕ во Македонијa, како и инвестиции тука.

87

Очекувам дека во брзо време ќе видиме инвестиции од Обединетите Арапски Емирати во Македонија. Потпишавме неколку договори за економска соработка што се услов за идната соработка. Посебно е важно тоа што Дубаи станува центар за извозот кон Истокот, што е одлична можност за домашно извозните компании да ја користат помошта и логистиката што ја нуди Владата на ОАЕ, изјави вицепремиерот Александар Николоски, кој е дел од владината делегација која е во работна посета на Обединетите Арапски Емирати.

-Министрите за надворешни работи потпишаа договор за економска соработка, исто така има договор и во образованието и културата, како и договор за заштита на инвеститорите и одбегнување на двојното оданочување. Овие договори се предуслов за да можеме да одиме кон следната фаза, а тоа се конкретни инвестиции и конкретни проекти кои што ќе ги видиме во Македонија – вели Николоски.






Тој посебно го издвојува фактот Дубаи станува центар за трговијата кон Исток.

– Постои огромна можност за македонските компании кои што извезуваат да го користат Дубаи и Владата на ОАЕ како помош и сервис при нивниот извоз, како би се отвориле бројни нови пазари, кои што во моментов не се достапни за македонските компании – изјави Николоски.

Како што соопшти Министерството за транспорт, по средбите со стопанските комори во Шарџа и Дубаи, тој потенцирал дека има голема заинтересираност за соработка во делот на туризмот, инфраструктурата и земјоделскиот сектор.

-Морам да кажам дека фокус број еден е туризмот, кој сериозно расте и потенцијалите кои ги нуди Македонија навистина се нешто што е препознаено. Секако тука е и инфраструктурата, коридорите 10 и 8, како и коридорот 10д, како потенцијални места за инвестирање, тука секако е и земјоделието, тука се и недвижностите. Така што ова се области каде што има огромна заинтересираност од страна на ОАЕ да инвестираат во Македонија, очекувам во периодот којшто е пред нас ќе одиме кон втората фаза, а тоа е конкретизирање на проекти и за брзо време ќе можеме да видиме делегација на ОАЕ во Македонијa, како и инвестиции тука – рече Николоски.

Поврзани содржини