ВЛАДАТА НА ТЕНДЕР БАРА ОПЕРАТОР ЗА ПАРНОТО ВО СКОПЈЕ Работата ќе ја добие компанијата со најголема инсталирана моќ за производство на топлина
На огласот можат да се пријават еден оператор и група понудувачи на нивната дејност треба да биде производство, дистрибуција или снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.
Компанииите кои сакаат да оперираат со парното во Скопје не треба да имаат дозвола за производство, дистрибуција или снабдување за топлинска енергија, но затоа, пак, треба да понудат најголема вкупна инсталирана моќност на постројките за производство на топлинска енергија за да ја добијат работата.Ова се дел од критериумите на трите тендери кои ги објави владата за производство, снабдување и дистрибуција на топлинска енергија во Скопје.
Според критериумите компанијата која ќе ја добие работата ќе треба да поднесе барање до Регулаторната комисија за енергетика за соодветните дозволи.
На огласот можат да се пријават еден оператор и група понудувачи на нивната дејност треба да биде производство, дистрибуција или снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.
Посебен услов е да има кумулативен приход од 2 милијарди денари во последните три години. Доколку понудувачот ја врши дејноста во период помал од 3 години, минимален услов за утврдување на економската и финансиската состојба е понудувачот да го остварил условот – приходот во годините за кои постојат податоци.
„Економската и финансиската способност на понудувачот може да биде поддржана од друг субјект, без оглед на правните врски меѓу понудувачот и тој субјект“, е наведено во огласот.
Операторот треба да има право на користење барем на две третини од можноста на постројките за производство на топлинска енергија во главниот град, да има договори со потребниот број (најмалку 10) на машински и електро инженери и работници (најмалку 25) кои барем три години ракувале со енергетски уреди и постројки.
Еден од критериумите да се добие работата е компанијата или компаниите кои ќе конкурираат на огласот да имаат обезбедено алтернативно гориво за период од 15 дена работа со максималните капацитети во грејната сезона.
„Најповолниот понудувач ќе се избере врз основа на критериумот вкупна инсталирана моќност на постројките за производство на топлинска енергија, кои понудувачот ги има во сопственост и/или под закуп. Понудувачот кој понудил најголема вкупна инсталирана моќност на постројките за производство на топлинска енергија ќе биде избран за најповолен“, е наведено во огласот.
Како дел од понудата понудувачот задолжително обезбедува гаранција на понудата во износ од 600.000 денари.
Фирмата која ќе биде одбрана ќе треба да ги снабдува со топлинска енергија потрошувачите на подрачјето на дел од градот Скопје и тоа: Општина Аеродром, дел од Општина Гази Баба, Општина Ѓорче Петров, Општина Карпош, Општина Кисела Вода, Општина Центар и Општина Чаир.
Краен рок за доставување на понудите е до 7.9.2022 година.
Да потсетиме ЕСМ на барање на владата формира три компании за оперирање со парното. Две од трите топлани во Скопје се сопственост на „Адора инженеринг“, а дистрибутивната мрежа е на АД „Градски енергетски системи“(ГЕС) односно на Град Скопје. Досегашниот оператор со топлинска енергија БЕГ ги изгуби лиценците на почетокот на годинава.