Владата на денешната 58-ма седница ги разгледа и ги усвои протоколот за утврдување на процедурата за запишување на ученици во прво одделение во основните училишта и протоколот за постапување на средните училишта за време на запишувањето на ученици во прва година во учебната 2020/2021 година.
Усвоен е и протоколот за постапување на математичко-информатичката гимназија за време на полагање на приемниот испит на учениците во учебната 2020/2021 година, како и протоколот за утврдување и постапување на јавните и приватните високообразовни установи, односно единиците во состав, за изведување на испитите.
На оваа своја седница на предлог на Министерството за труд и социјална политика е усвоен Протокол за активности во установите за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст по укинување на вонредната состојба, изработен во соработка со Комисијата за заразни болести.
Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца во градинките ги определува постапките и обврските на установите за згрижување деца од предшколска возраст, на воспитно-згрижувачкиот кадар и на родителите.
На денешната седница, Владата ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на парични права од социјална заштита за мај 2020 година и го задолжи Министерството за труд и социјална политика да ги достави податоците за корисниците на социјална заштита до деловните банки најдоцна до 01.06.2020 година, со препорака до деловните банки да обезбедат достапност на средствата од мајските исплати на паричните права од социјална заштита преку банкомати и во трговските мрежи од 02.06.2020 година.