Владата ги охрабрува „министрите за попис“ да туркаат партиска и етничка агенда
Од Владата нема конкретен одговор на прашањата на Плусинфо за одговорноста на двајцата функционери, чии официјални посети во странство во кои доминира агендата за пописот, се платени со државни пари.
Секој повик за поддршка на пописот од претставници од Владата е поддршка за придонес на успешноста на оваа статистичка операција и добро е сите политичари да испратат порака за попишување. Ова сублимирано е ставот на Владата за лобирањето на министрите Артан Груби и Бујар Османи во Приштина, Тирана и во Швајцарија за масовно попишување на албанската дијаспора.
Од Владата нема конкретен одговор на прашањата на Плусинфо за одговорноста на двајцата функционери, чии официјални посети во странство во кои доминира агендата за пописот, се платени со државни пари. Во кое својство двајцата функционери ги одржале средбите со политичари, функционери и иселеници Албанци, и зошто од час во час на социјалните мрежи објавуваат информации за тоа колку луѓе од дијаспората се самопопишале?
– Секој повик за поддршка на пописот е плус придонес кон успешноста на оваа статистичка операција. Ги повикуваме сите политички чинители најгласно што можат да испратат порака за поддршка на пописот како сопствен највисок чин на одговорност и придонес кон оваа исклучително важна државна статистичка операција. Секој граѓанин треба да учествува во пописот и да придонесе кон неговата популаризација. Очекуваме пораката за задолжително попишување да ја испратат сите домашни политичари. Пописот е операција околу која треба сите да се обединиме за тој да биде спроведен успешно – изјави владиниот портпарол Душко Арсовски.
Од одговорот на владиниот портпарол може да се заклучи дека Владата нема ништо против дека двајцата министри тераат партиска и етничка агенда во соседството за пописот во Македонија. Напротив од Владата стаса и охрабрување така да продолжат.