ВЛАДАТА Е РЕКОРДНА САМО ВО ЗАДОЛЖУВАЊЕТО Во ВМРО-ДПМНЕ се загрижени за јавниот долг
Во 2021 година, со дефицит на буџетот од 38,8 милијарди денари и 4% раст на БДП, го доживеавме најлошото остварување во споредба со земјите во регионот, вели Анастасија Илиеска од ВМРО-ДПМНЕ.
2,2 милијарди евра изнесува новиот долг кој оваа Влада го создаде за само три години со променливите и ненавремени економски политики. Во претходните две години кумулираа 1,6 милијарди евра нов јавен долг кој ќе се зголеми со ново задолжување од 600 милиони евра за оваа година, вели Анастасија Илиеска од ВМРО-ДПМНЕ.
– Растот на јавниот долг секогаш треба да биде предмет на критика, но доколку споредуваме може лесно да се увиди кој какви политики спроведувал. Во период од 10 години кога мандатот го има ВМРО-ДПМНЕ јавниот долг беше зголемен за 2,9 милијарди евра во време на три кризи: светска финансиска криза, должничка криза во еврозоната и политичка криза. Сегашнава Влада остварува рекорди единствено во најлоши рејтинзи во економските извештаи и има катастрофални резултати во справување со кризни состојби. Во 2020-та година со дефицит од 53,4 милијарди денари и пад на БДП од 6,1%, влеговме во рецесија најдлабока од осамостојувањето и најголема во споредба со повеќето земји од регионот – вели Илиеска.
Таа додава дека во 2021 година со дефицит на буџетот од 38,8 милијарди денари и 4% раст на БДП, го доживеавме најлошото остварување во споредба со земјите во регионот.
– Од почетокот на оваа година до сега имаме дефицит на буџетот од 13 милијарди денари, кој за последниве 26 месеци вкупно изнесува 1,7 милијарди евра, што јасно покажува дека економската криза сериозно го руши економскиот стандард на граѓаните. Дополнително, инфлацијата и нискиот раст водат во ситуација на стагфлација. За жал, со економската криза се справуваат исто како што се справија и со здравствената криза – додава таа.