ВЛАДАТА ДОПРВА ЌЕ СЕ ЧУДИ ОД КАДЕ ДА НАЈДЕ ПАРИ ЗА ЗГОЛЕМЕНИТЕ ПЛАТИ Експерти и поранешни пратеници предлагаат функционерите да се солидаризираат со народот во криза

Експерти и поранешни пратеници очекуваат Владата или пратениците да реагираат и да предложат измени на Законот со цел да се солидаризираат со граѓаните и да не го оптоваруваат Буџетот дополнително со огромни суми на пари кои треба да се слеат во џебовите на функционерите.

1,882

Не е добар моментот за некакво зголемување на платите на функционерите во услови на криза кога граѓаните не можат да состават крај со крај со платите и кога инфлацијата ги јаде нивните плати, сметаат експертите, откако Уставниот суд вчера одлучи да укине член од законот со кој се утврдува основица за пресметка на функционерската плата која досега изнесуваше 26.755 денари, а сега ќе треба да изнесува 31.859 денари, што е просечна нето-плата во 2022 година.

Тие, иако сметаат дека платите на функционерите во основа се ниски, очекуваат владата или пратениците да реагираат и да предложат измени на Законот со цел да се солидаризираат со граѓаните и да не го оптоваруваат буџетот дополнително со огромни суми кои треба да се слеат во џебовите на функционерите.






Опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара да се направи измена на законот на платите на пратениците и избраните функционери.

– ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш да се намали и коригира коефициентот за сложеност на работното место со што би се намалиле платите на функционерите. Функционерите не смеат да бидат граѓани од посебен ред, туку слуги на народот – изјави денеска портпаролката на партијата, Марија Митева.

Владата или пратениците да предложат измена на законот за плати 

Поранешниот пратеник Маријанчо Николов вели дека новото решение за платите кое е резултат на одлуката на Уставниот суд е законски во сила и ако не направат ништо Владата и пратениците да се промени законот, платите на функционерите ќе се зголемат од 15.000 до 30.000 зависно од коефициентот за сложеност при работа.

– Во вакви услови на криза се очекува од пратениците и Владата да се солидаризираат со граѓаните. Очекувам тие да реагираат преку промена на законот на плати на пратениците и другите именувани лица за да се коригира нешто бидејќи овој издаток од државниот буџет нема да биде мал бидејќи ги опфаќа сите избрани лица во државните институции и јавни претпријатија кои се финансираат од буџетот, освен општините каде што тие овој издаток треба да го покријат од сопствените буџети. Предлог-измени на законот може да направи Владата, на иницијатива на група пратеници или преку граѓанска иницијатива што е подолг процес. Ако не се преземе ваква активност тогаш законското решение важи и функционерите и пратениците ќе земат зависно од коефициентот што го имаат за пресметка на платата ќе добијат повисоки примања од 15.000 до 30.000 денари. Изданокот на државата ќе биде поголем и за износот на придонесите кои ќе им се плаќаат на функционерите – вели поранешниот пратеник Маријанчо Николов.

Според него, доколку ова зголемување на платите на функционерите не е пресметано во планираниот буџет ќе треба да се направи и негово дополнување.

– Според она што го имам како информација, иницијативата до Уставниот суд е дадена во ноември, време кога буџетот веќе е испланиран и во тек на расправа, па мислам дека ова зголемување на платите на функционерите не е пресметано. Доколку е така, ќе треба да се прераспределат средствата од други ставки на буџетот за да се исплаќаат платите – вели Николов.

Податоците од Буџетот за годинава покажуваат дека расходот за плати за годинава е зголемен за 6,7 отсто во однос на минатата година. А дали ова зголемување на функционерските плати е пресметано во овие пари не се знае бидејќи Министерството за финансии кое го прашавме за тоа не ни одговори.

Не добивме одговор ниту за тоа колку пари на граѓаните месечно ќе одат во џебовите на функционерите и колкави ќе бидат пресметките на годишно ново.

Позната е економската законитост според која растот на платите секогаш ја подгрева инфлацијата поради зголемената побарувачка. Николов вели дека е можно ова и претходните зголемувања а платите да влијае на инфлацијата.

Можно е повисоките плати да ја зголемат инфлацијата

Секое зголемување на платите, па и последното за функционерите, но и она што е почната со зголемувањето на минималната плата, усогласувањето на платите влијае на зголемување на потрошувачката и со тоа раст на инфлацијата. Сметам дека е можно сето ова да ја зголеми стапката на инфлација во наредниот период. Притоа се очекува реакција на Народната банка и на владата за сопирање на инфлацијата – вели Николов.

Според професорот Здравко Савевски, пак, Владата ако нема удел во иницијативата пред Уставен суд, треба да преземе активност за промена на законот за плати на функционерите, но тој очекува Владата да ја објави и списокот на корист од функциите за кои народот не знае а ги прават функционерските приходи високи, иако главно се сметаат за ниски споредено со регионот и внатре во државата.

– Во основа платите на функционерите кај нас се ниски. Дури и одделни директори на јавни претпријатија и регулаторни тела, приватници, па и граѓани имаат повисоки плати од функционерите, па се поставува прашањето зошто сите се борат да добијат некаква функција. Тоа значи дека не е сè до платите и дека многу поинтересни се бенефите кои ги носи функцијата за кои граѓаните и не се свесни дека постојат. Затоа за да се утврдат вистинските примања на функционерите треба да се објави списокот на сите бенефити што ги имаат функциите. Тогаш ќе се знае и нивната вистинска плата која е далеку од она што се прикажува како плата – вели Савевски.

Дел од соговорниците го поставуваат и прашањето за тоа дали Уставниот суд требало да расправа за оваа иницијатива бидејќи прашањето за кое решавал е во судир со интересите на членовите на судот.

Колку се зголемија функционерските плати?

Даночниот експерт и сопственик на Агенцијата за економско-правна поддршка „Про Агенс“, Павел Гацов, вели целата забуна околу зголемувањето на платите на функционерите по одлуката на Уставниот суд, настана бидејќи пресметките за процентот на зголемување на платите произлегле од земањето како основица врз основа на бруто платата, а не како што е законски утврдено врз основа на нето платата-односно просекот на нето-плата за 2022 година.

Тој вели дека зголемувањето на платите на функционерите е за 19,1 отсто, а не за 78 отсто како што се прикажува.

– Износот на плата која се множеше со функционерскиот коефициент заклучно со февруари 2023 година изнесуваше 26.755. Овој износ е НЕТО ПЛАТА. По одлуката на Уставниот суд, наместо фиксниот износ од 26.755 денари, како основица за пресметка на платите на функционерите за 2023 година треба да се зема НЕТО платата за 2022 година која изнесува 31.859 денари (соопштение на ДЗС бр. 4.1.23.16 од 22.3.2023 година). Според точната и законита математика (без сензационализам), основицата за пресметка на платите на функционерите после оваа Одлука на Уставниот суд има раст од 19,1%. Во сензационализмот некој ја заменил НЕТО платата со БРУТО плата (47.637 за 2022 година) како основа за пресметка на функционерските плати!??? Ваквата замена нема правна подлога и е погрешна – прокоментира Гацов на Фејсбук.

Но реакциите по одлуката на Уставниот суд кои започнаа вчера не стивнуваат. Вчера од функционерите прв реагираше претседателот, Стево Пендаровски, а денеска единствена од Владата се огласи министерката за одбрана Славјанска Петровска.

– Владата размислува да ги коригира коефициентите за пресметување плати, сѐ со цел тоа зголемување да не биде толку големо колку што би требало да биде според одлуката на Уставниот суд, затоа што сме свесни за предизвиците со кои се соочуваме како држава – изјави Петровска.

Реагираше и градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, кој најави дека зголемувањето ќе го донира, бидејќи законски треба да у се пресмета платата според одлуката на Уставниот суд.

Остра реакција има и од синдикатите кои заедно со вработените во културата изминатите неколку денови протестираат со барање за зголемување на платите, а веќе втора година бараат усогласување на платите со минималната плата.

Кои се коефициентите на платите на функционерите?

Закон за плата и другите надоместоци на пратениците и другите избрани и именувани лица во земјава платата на функционер и на раководен работник се утврдува на начин што основицата за пресметување на плата се множи со утврдениот коефициент и се зголемува за процентот за работното искуство. Работното искуство се вреднува така што платата во месечен износ се зголемува за процентот утврден за работното искуство од 0,5% за секоја започната година работен стаж, а најмногу до 20%.

Пресметката на платата на премиерот во тој случај би изгледала вака: Основна плата 31.859 денари помножена со коефициентот 4,50 утврден законски и плус 0,5 отсто за стаж од 26 години колку што сега има премиерот.

Според законот за плати на функционерите коефициентите за утврдување на надоместокот на плата и на платата изнесуваат од 2,20 до 4,50.

Коефициентот за утврдување на платата за претседател на Република Македонија, претседател на Собранието и претседател на Владата, изнесува до 4,50.

Коефициентот за утврдување на платата за претседател на Уставниот суд потпретседател на Собранието и потпретседател на Владата, изнесува 4,00.

Коефициентот за утврдување на платата на член на Владата, претседател на работно тело на Собранието, претседател на Врховниот суд, јавен обвинител, судија на Уставниот суд, гувернер на Народната банка, јавен правобранител, народниот правобранител, секретар на Собранието и секретар на Владата, изнесува до 3,70.

Коефициентот за утврдување на платата на заменик министер, директор на републичка организација, раководител на Кабинетот на претседателот на Република Македонија, советник на претседателот, секретар на Кабинетот на претседателот, републички советник во Собранието, заменик на гувернерот на Народната банка, заменик на секретарот на Собранието, судија на Врховниот суд, заменик на јавниот обвинител, заменик на јавниот правобранител, заменик на народниот правобранител, претседател на апелацискиот суд и виш јавен обвинител, изнесува до 3,40.

Коефициентот за утврдување на платата на раководен работник кој го именува Собранието или кој го назначува надлежното тело на Собранието, на судија на апелациски суд и заменик на вишиот јавен обвинител, претседател на основен суд и основен јавен обвинител изнесува до 3,20.

Коефициентот за утврдување на плата на судија на основен суд и на заменик на основниот јавен обвинител, изнесува до 2,80.

Коефициентите за утврдување на платите на градоначалниците на општините и за градоначалникот на град Скопје изнесува од 2,70 до 3,70.

Коефициентите се определуваат според бројот на жителите и тоа:

– за градоначалник на општина до 10.000 жители, коефициент 2,70;

– за градоначалник на општина од 10.001 до 25.000 жители коефициент 2,90;

– за градоначалник на општина од 25.001 до 50.000 жители, коефициент 3,20 и

– градоначалник на општина со над 50.000 жители коефициент 3,40. Коефициентот за утврдување на платата на градоначалникот на град Скопје изнесува 3,70.

Градоначалниците кои функцијата ја вршат волонтерски, имаат право на надоместок на плата во висина од 30% од соодветниот износ.

Овие функционери земаат и надоместоци

Надоместоците за определени трошоци на избраните и именуваните лица во Републиката, се утврдуваат според висината на трошоците, а можат да изнесуваат:

– дневница за службено патување во земјата без трошоците за ноќевање – до 8% од просечната нето-плата по работник исплатен во Република Македонија во претходните три месеци,

– трошоците за ноќевање се признаваат во полн износ, според приложената сметка, освен во хотелите од де лукс категорија,

– дневницата за службено патување во странство согласно со Уредбата за издатоците за службен пат и селидби во странство што на органите на управата им се признаваат во тековни трошоци;

надоместок на трошоците за користење автомобил во лична сопственост за службени цели

– до износот што според еден изминат километар не може да биде поголем од 30% од продажната цена на еден литар гориво за возилото кое се користи;

– надоместок поради одвоен живот од семејството до 30% од просечната нето месечна плата по работник исплатен во Република Македонија во претходните три месеци;

– надоместок за селидбен трошок од местото на живеалиштето до местото во кое се врши функцијата, односно до местото на преселување во рок од една година од денот на престанување на функцијата. Во селидбен трошоци на функционерот се признаваат и трошоците за превоз на функционерот и на членовите на неговото домаќинство. Селидбените трошоци и трошоци за превоз се исплатуваат врз основа на приложени сметки и документација, под услови утврдени со општиот акт на органот од член 3 на овој закон;

– надоместок за користење на годишен одмор најмалку во висина на просечната месечна плата по работник исплатен во Република Македонија, во претходните три месеци;

– испратнина при заминување во пензија во висина на двократен износ од просечната месечна нето-плата по работник во Републиката, објавена до денот на исплатата; и

– надоместокот на трошокот за погреб во износ на две просечни месечни нето плати на функционерот, а ако трошоците за погреб не ги поднесува неговото семејство – во износ на последната нето-плата на починатиот функционер.

Поврзани содржини