Владата денеска ќе одлучи дали ќе има полициски час

251

Мерки за брзо и ефикасно спречување на ширењето на коронавирусот во државава согласно показателите од теренот треба денеска на седница да донесе Владата, согласно препораките на Комисијата за заразни болести.

Комисијата вчера предложи да се воведе полициски час од 22 до 05 часот во четири града Скопје, Тетово, Штип и во Куманово.






Во земјава и натаму има голем број заболени од ковид-19. Вкупната бројка на дијагностицирани во земјава изнесува 3.152, излекувани се 1.653 пациенти, има 1.343 активни случаи, а починати се 156 лица.

Според министерот за здравство Венко Филипче, непочитувањето на мерките за заштита го донесе овој втор бран на коронавирусот во земјава. Тој посочи дека кластерската анализа покажала дека речиси сите нови случаи се врзани со некаква форма на собир или прослава во периодот околу 23, 24 и 25 мај, односно точно пред две недели, а на што укажала деталната анализа во епидемиолошките прашалници.

– Овој пик е резултат на тоа. Непочитувањето на мерките нѐ доведе до овој нов бран. Анализата во текот на последните седум дена покажа дека успеавме жариштата да ги задржиме во рамките на територијалните целини, односно дека нема значајно ширење надвор од нив. Една од дилемите која се појави е ширењето во другите општини во Скопје надвор од првичните кризни – Чаир, Сарај, Гази Баба и Бутел и тоа е очекувано, затоа што Скопје функционира како една целина и голем дел од овие нови случаи во други општини се исто така се резултат на семејни собири од истиот период – рече Филипче.

Тој апелираше до граѓаните да се почитуваат мерките, до надлежните институции за контрола во спроведувањето на мерките, заради тоа што секое прекршување мора да се детектира и да се санкционира.

– Вирусот е тука, тој останува, мора да научиме да живееме со него. Целиот свет впрочем продолжува да живее со вирусот, а овие превентивни мерки се практично универзални и се темелат на истите принципи – на носењето маска, одржување физичка дистанца, хигиена, дезинфекција и други мерки и други форми на мерки практично нема никаде во ниту една друга земја во светот. Само со почитување на овие принципи можеме да ставиме крај на епидемијата. Дисциплината на граѓаните, личната, колективната одговорност побрзо ќе нѐ врати кон нормализирање на нашиот живот – додаде Филипче.

Поврзани содржини