Владата да најде чаре за работа на културните манифестации
Неопходна е поддршка од Владата за компаниите кои организираат јавни собирања, настани, концерти, семинари, да не бидат затворени. Ова беше генералниот заклучок од денешната дебата која ја организираше Асоцијација на ивент индрустрија ИВЕТ во Скопје.
Културни настани имаше летово, но немаше економска исплатливост. Манифестациите се одржуваа со посебни протоколи и со помалку гости, а организаторите на настаните работеа со загуби. Токму затоа, неопходна е поддршка од Владата за компаниите кои организираат јавни собирања, настани, концерти, семинари, да не бидат затворени.
Ова беше генералниот заклучок од денешната дебата која ја организираше Асоцијација на ивент индрустрија ИВЕТ во Скопје. Претседателката на ИВЕТ, Маја Бабиќ посочи дека годинава имало настани, но не и економска исплатливост.
– Не зборувам за профит, тоа се помиривме дека нема да го имаме, туку за покривање на трошоците и доведување на буџетот на нула. Оние фестивали од настани кои претходно беа избуџетирани од конкурси на Министерството за култура и Град Скопје можеби и можеа да се одржат, но има и огромен број на компании кои не се поврзани со овие конкурси и немаат таков извор на финансирање – посочи Бабиќ.
Никола Наумоски, шеф на кабинетот на градоначалникот на Град Скопје на дебатата посочи дека треба да се најде начин како со многу малку публика, а повеќе посредници во смисла на технологија, институциите да пристапат до повеќе граѓани, и да го одржат настанот како комуникација меѓу уметникот и корисникот.
– Самата локална самоуправа е многу подобар менаџер на култура од државата и е повреден. Филхармонија и Охридско лето работеле сега во септември, август и јули, но да не заборавиме дека градските институции скоро и да не затворија. Универзална, КИЦ и МКЦ работеа со настани уште во април во маалата, значи не во своите згради и во парковите, туку во маалата низ Скопје. Организираа околу 50 настани во осум различни општини секој втор ден, правејќи проект Култура во време на корона – рече Наумоски.
Според него, прашање е на наоѓање начин како институциите да ги искористат своите ресурси кои ги имаат во корист на оние за кои работат, односно граѓаните и посетители на овие институции.