ВЛАДАТА ДА ГИ ЗАШТИТИ ОБЕЗБЕДУВАЧИТЕ ОД ПРИТИСОЦИ И МОБИНГ! Барање од „Гласен текстилец“

Владата и Службата за општи и заеднички работи, кои го склучиле договорот, кој е со назнака деловна тајна, да реагираат на овие злоупотреби и кршења на правата на вработените – побара „Гласен текстилец“.

102

На вработени во службите за обезбедување во земјава им доцнат платите, некогаш и после 15-ти во месецот, често не се здравствено осигурани и не им се исплаќаат никакви додатоци и надоместоци, како што се минат труд, работа во смени, прекувремена работа, работа во недела или на празник – обвинија членовите на организацијата „Гласен текстилец“ на денешната прес конференција, поткрепувајќи ги своите тврдења со документација.

Од ова сега се засегнати 163 вработени од компанијата „Никоб“, од кои на поголем дел им се нудат спогодбени откази, а ако не сакаат да ги потпишат, се распоредуваат на нови работни места оддалечени од нивните места на живеење.






– Сега повторно на работниците кои вршат физичко обезбедување на објекти на државната управа, им се прават притисоци за да потпишат спогодбен отказ, а откако тие не потпишаа бидејќи имаат важечки договори за работа, сега „Никоб“ врши прераспоредување на работните места – од Пробиштип се бара да одат да обезбедуваат во Куманово и слично, со цел да се откажат од своите права и да подлегнат на притисоците за да потпишат спогодбен отказ – рече Кристина Ампева од „Гласен текстилец“.

Таа побара од Владата и Службата за општи и заеднички работи, кои го склучиле договорот, кој е со назнака деловна тајна, да реагираат на овие злоупотреби и кршења на правата на вработените.

Ампева посочи дека минатата недела „Гласен текстилец“ има доставено барање за инспекциски надзор и сега чекаат одговорот од Државниот инспекторат за труд и Управата за јавни приходи.

Поврзани содржини