Владата нема пракса и не се појавува во улога на организатор на прес настани кои се одржуваат во локалните самоуправи, одговори Владата во врска со прес-конференцијата организирана во Куманово при посетата на владините претставници на Општинскиот кризен штаб по која во самоизоалција отидоа премиерот Оливер Спасовски и министрите за здравство и за образование Венко Филипче и Арбор Адеми, како и вицепремиерот Бујар Османи.
„Како и при секоја друга посета на општина, така и овој пат, Владата даде препораки и насоки за реализацијата на прес-конференцијата, го најави учеството на владините претстатвници на прес-конференцијата, но не беше организатор на истата. Прес службата на Владата беше во комуникација со општинските служби кои ја утврдија локацијата за одржување на прес-конференцијата. Во однос на препораки беше препорачано да се изврши дезинфекција на цел простор и говорницата, поставување на микрофони на говорница, замолување на камерманите да се позиционираат на безбедно растојание и сите да носат заштитна опрема. Од нашиот увид на терен, општинските служби имаа преземено активности за запазување на дадените инструкции“, се наведува во одговорот од Владата.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) вчера побара од Владата да објасни чија е одговорноста за пропустот во организацијата на прес-конференцијата во Куманово за да се избегнат шпекулации во јавноста, но и да не се префрла вината од централна и локална власт за овој инцидент.