ВИШЕГРАДСКА ГРУПА ПЛУС ЗАПАДЕН БАЛКАН Маѓар и Туск предлагаат нова оска во Европа
Новиот премиер на Унгарија отвори идеја земјите од Вишеградската група да се прошират со државите од Западен Балкан. Заедно со премиерот на Полска тие најавија дека ќе дејствуваат како „една тупаница“ во Европската Унија.
Новиот унгарски премиер Петер Маѓар, заедно со полскиот премиер Доналд Туск, од Варшава испрати порака дека е време повторно да оживее влијанието на Вишеградската група.
Маѓар предложил В4 да се прошири и со земјите од Западен Балкан кои сè уште не се дел од Европската Унија.
– Подготвен сум да ја прошириме соработката на Вишеградската четворка и на други земји, можеби скандинавските држави, Австрија, Хрватска, Словенија, Романија и земјите од Западен Балкан кои уште не влегле во ЕУ – изјавил Маѓар на заедничката прес-конференција со Туск.
Полскиот премиер порача дека Централна и Источна Европа повеќе не се периферија, туку простор каде се решава иднината на континентот.
Маѓар изразил надеж дека Унгарија до крајот на своето претседавање во јуни ќе организира самит на Вишеградската група во Будимпешта.
Полска и Унгарија како една тупаница
Туск директно посочил дека односите меѓу Полска и Унгарија биле нарушени во последните години од владеењето на Виктор Орбан.
Сепак, тој нагласил дека со доаѓањето на Маѓар гледа можност двете држави повторно да дејствуваат координирано во Европската Унија.
– Петер Маѓар е гарант дека Полска и Унгарија повторно ќе делуваат како една тупаница во ЕУ, бидејќи имаме заеднички интереси – изјавил Туск.
Азилот за полските функционери повторно отвори стара рана
За време на посетата во Варшава, Маѓар се осврнал и на чувствителното прашање околу азилот што претходната унгарска влада им го дала на поранешниот полски министер за правда Збигњев Зјобро и неговиот заменик Марќин Романовски.
Двајцата во Полска се обвинети за злоупотреба на службената положба и финансиски малверзации.
– Будимпешта и Унгарија повеќе нема да бидат прифатилиште за кривично прогонувани престапници. Едниот од нив побегна во САД, а другиот, колку што е познато, преминал во Србија. Подготвен сум да помогнам овие лица да бидат вратени во Полска – истакнал Маѓар.
Тој појаснил дека европскиот налог за апсење нема правна сила во Србија и во САД, каде што тие на крајот нашле засолниште.
Што значи ова за Балканот?
Предлогот на Маѓар доаѓа во време кога Брисел бара нови модели за приближување на Западен Балкан кон Европската Унија.
Идејата за поширока Вишеградска група би можела да отвори нов политички и економски канал меѓу Централна Европа и Балканот, особено во делот на енергетиката, безбедноста и инфраструктурата.