ВИКЕНДОВ МЕЃУНАРОДЕН ТУРНИР ВО ПИНГ-ПОНГ „ЗЕГИН ОПЕН 2023“ Берово се етаблира како град на пинг-понгот

80

Викендов Берово ќе биде епицентарот на спортските случувања. Од први до трети септември во ова мало малешевско гратче продолжува традиционалниот Меѓународен турнир во пинг-понг  Зегин Опен.

Берово во поновата спортска историја на Македонија јасно се етаблира како центар на пинг-понгот во Македонија.






– Минатата година Зегин Опен се одржа за прв пат, но турнирот уште на своето прво одржување стана своевидна атракција на балканските простори. Изјавата на минатогодишниот победник во апсолутна категорија дека тоа е најдобро организираниот турнир на којшто учествувал, беше само поттик за организаторите Зегин Опен 2023 да биде уште подобро организиран – велат организаторите.

За разлика од минатата година кога на турнирот натпреварите беа организирани во два дена и натпреварувачите се натпреваруваа во четири категори, оваа година ќе има натпревари во десет категории.

Натпреварите од турнирот ќе бидат пренесувани во живо на You Tube на официјалниот канал на турнирот.

– Зегин Опен оваа година го привлече вниманието на повеќе од 130 натпреварувачи од единаесет држави. За Зегин Опен се слушна и подалеку од границите на Европа. Со учеството на натпреварувач од Аргентина, турнирот само ја потврдува својата атрактивност која ги надминува локалните и регионалните рамки на пингпонгарските натпреварувања на сличните натпреварувања – додаваат организаторите.

Наградниот фонд е двојно зголемен за разлика од минатата година, благодарение на единствениот спонзор на турнирот, компанијата „Зегин“.

– Зегин Опен и понатаму останува приказна која се случува еднаш во годината а се прераскажува до следниот Зегин Опен кој секогаш ќе биде подобар од претходниот – нагласуваат организаторите.

Поврзани содржини