ВИДРА КАСНАЛА ВЕЛЕШАНЕЦ, МУ ОТКИНАЛА ПАРЧЕ МЕСО Ова е 45. вакво каснување во светот
Во езерцата чувам крапови и вечерта на 5 јануари кога сакав да уловам некое парче, го осветлив просторот со батериска лампа и некое животинче скокна и ме касна. Видов дека е видра, морав да барам помош од доктор, вели велешанецот С.Д.
Велешанецот С.Д. (47) на 5 јануари вечерта бил каснат од видра во месноста Капиновски Вирови, преградени на реката Бабуна.
– Во езерцата чувам крапови и вечерта околу 20 часот кога сакав да уловам некое парче, го осветлив просторот со батериска лампа и некое животинче скокна и ме касна. И тоа преку јакна и преку облека, ме касна за десната рака. Парче месо ми скина. Видов дека е видра, морав да барам помош од доктор – вели С.Д.
Во велешката болница го потврдија настанот.
– Вечерта на 5 јануари, околу 21.30 часот на ургентното одделение е дојден пациент кој се пожалил на каснување од видра на десната надлактица. Извршена е хируршка интервенција. Пациентот е пуштен на домашно лекување – изјави д-р Билјана Босилкова, портпаролка на Општа болница Велес.
Велешанецот С.Д. е 45. човек во светот што го каснала видра, според евиденцијата Националната медицинска библиотека на САД, објави СДК.МК.
Според документацијата на библиотеката, во евиденцијата за каснати лица од видра, која се водела од 1875 до 2010 година, досега имало 44 каснувања во светот, а најголем број случаи се регистирани во Флорида.
Видрата е месојаден цицач од семејството на куните. Таа е добро прилагодена за живот во слатки води. Видрите се познати како вешти пливачи. Се хранат со риба, а активни се ноќе. Инцидентите, според стручната литература, се последица на човековото навлегување на територијата на видрата. Повредите може да бидат доста тешки, бидејќи речните видри имаат остри заби.