На Вибер група со речиси 7.000 членови се споделувале решенијата од испитот по мајчин јазик, открива редакцијата на Канал 5 која добила фотографии од групата.
На нив се гледа дека учениците уште пред почетокот на испитот го фотографирале тестот, а неколку часа подоцна почнале да се споделуваат и одговорите.
Од Државниот испитен центар потврдуваат дека се споделени прашањата, но не можат да потврдат дали тестот е пробиен претходно или по почетокот на полагањето.
Директорката на центарот Билјана Михајловска најголем дел од одговорноста за протекувањето на тестот ја гледа во самите тестатори.
– Некогаш се случува учениците да носат повеќе од 1 телефон, еден телефон да го остават на местото каде што треба а другиот да го задржат кај себе. Работа на тестаторот е да го забележи тоа. Мислам дека тука има многу улога и тоа тестаторот како ја завршил својата работа бидејќи мене ми е неверојатно некој човек кој е задолжен да надгледува 15 ученици воопшто да не забележи дека некој ученик го извадил телефонот, го фотографирал тестот, па добил текст, па го препишал цел текст од телефон, а притоа тоа да не се забележи воопшто – вели таа за Канал 5.
За да нема препишувања од годинава државната матура ќе се полага во големи простории и спортски сали. Испитот по мајчин јазик започна во 10 часот утринава и траел 3 ипол часа. Го нагледуваа околу 2.000 тестатори и 250 набљудувачи.