ВЕВЧАНЕЦОТ РАНКО СРБАКОСКИ ЈА ЗГРОЗИ ЈАВНОСТА СО НАВРЕДИТЕ КОН ДЕЦАТА СО АУТИЗАМ Доби кривична пријава за говор на омраза и поттикнување насилство

Во суштина е жална целата работа, не се случува еднаш, се случува со многу родители, со години, вели Зоран Мијалков, татко на деца со аутизам, кој ја поднесе пријавата.

2,073

Штипјанецот Зоран Мијалков, самохран родител на две деца со аутизам, поднесе кривична пријава против Ранко Србакоски од Вевчани за изречен говор на омраза кон лицата со посебни потреби на социјалната мрежа Фејсбук.

Мијаков вели дека и покрај предупредувањата дека ќе добие пријава за ширење на говор на омраза и насилство, лицето Ранко Србакоски, за кој децата со атипичен развој се само товар на државата, продолжи да пишува недолични коментари со грозоморни содржини по социјалните мрежи.






– Вчера дури сакав да му дадам и шанса да се покае, да се извини, го поканив на гости да нè запознае и мене и децата, за да види колку греши со тоа што го напишал. Но, тој не се кае. Не само моите, туку и другите деца се навредени – изјави Зоран Мијалков.

Тој вели дека ова не е само борба за неговите два сина, туку и за сите деца со посебни потреби. Сепак, вели тој, целата работа е жална, бидејќи само осудата нема да промени многу. Посочува дека е потребно човек да биде свесен за состојбата на лицата со попречености или ретки болести и нивните семејства, а ако не може да им помогне, барем да не им одмага.

– Во суштина е жална целата работа, не се случува еднаш, се случува со многу родители, со години. Едноставно, мене ми е целата работа жална, затоа што не треба да се случуваат вакви работи. Победа не би било некој да се осуди, победа би било да сфати дека згрешил и сите други слично што пишуваат и размислуваат да сфатат дека нашите деца се како сите обични, само имаме повеќе потреби, за жал – вели Мијалков.

Тој посочува дека со говорот на омраза се засегнати сите родители на деца со посебни потреби, но се разочарани што надлежните не прават речиси ништо за помош. Најжално е што во ваквите случаи рацете ги меша политиката, а тешките последици ги трпат родителите и нивните деца.

Мијалков истакна дека членовите на неколку Здруженија размислуваат во следниот период да поднесат тужба против државата во Судот за човекови права. Помошта ја има на хартија, заклучува тој, но во реалноста ситуацијата е многу постравична.

Од МВР за МИА потврдија дека добиле пријава.

„Ве известуваме дека до Секторот за компјутетрски криминал е пристигната пријава за лицето Р.С. од страна на Детската амбасада ‘Меѓаши’. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, стои во одговорот од МВР.

Од „Меѓаши“ побараа институциите навремено да реагираат, а истовремено упатија апел и ги охрабрија родителите да ги пријавуваат случаите на социјален линч, кои се повеќе зачестуваат.

Поврзани содржини