ВЕТОТО НЕМА ДА ПАДНЕ, НО ПРЕГОВОРИТЕ СО БУГАРИЈА МОРА ДА ПРОДОЛЖАТ Ванчо Михајлов е само добро смислена провокација

Примерот со Ванчо Михајлов покажа колку се различни нашите сфаќања за тоа што Бугарите го подразбираат под поимот „заедничка историја“. Ние бугарската војска во Втората светска војна ја доживуваме како окупаторска, а различни погледи имаме и на Првата светска војна, но и на Балканските војни, вели Марјан Ѓорчев.

1,139

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека е свесен за прекршувањето на Договорот за добрососедство од бугарска страна, но тој нема да дозволи тоа да го наруши преговарачкиот процес што се води на релација Софија – Скопје.

Да потсетиме, во саботата во Битола беше отворен културниот клуб „Ванчо Михајлов“, во присуство на премиерот на Бугарија, Кирил Петков, потпретседателката Илијана Јотова и други актуелни и поранешни функционери од Софија. Османи истaкна дека името на културниот клуб е добро смислена провокација од другата страна, но дека тој нема да дозволи Бугарите да добијат алиби за прекинување на преговорите.






– Ние не смееме да си дозволиме преговарачкиот процес да запре. Не смееме да ја повториме грешката од преговорите што ги водевме со Грција, па после 10 години да бидеме принудени да постигнеме некаков договор, во многу потешки услови од денешните. А ако дојде до запирање или пропаѓање на преговорите, тогаш тоа мора да биде од бугарска, а не од наша страна – порача министерот.

Османи вели дека во моментов тој се однесува како да е возможно до јуни Бугарија да го симне ветото и Македонија да добие датум за отпочнување на преговорите за полноправно членство во Европската Унија.

– Во моментов не размислувам поинаку, иако сум свесен за сите работи што го отежнуваат преговарачкиот процес. Инаку во јуни е извесно дека Албанија ќе добие датум, по што оваа земја ќе биде одделена од нашата во преговарачкиот процес. Тоа ќе доведе до ново усложнување на нашата ситуација, а можам да претпоставам и дека интересот за нашиот спор со Бугарија ќе биде намален од страна на европските партнери – додава Османи.

Во врска со излагањето на македонскиот министер за надворешни работи, побаравме коментар од поранешниот амбасадор на Република Македонија во Бугарија, Марјан Ѓорчев, кој е дециден дека во јуни ветото на Бугарија нема да биде симнато.

– Според тоа што можевме да го видиме во последниот период, лесно може да се заклучи дека во јуни нема да добиеме датум. Албанија побара одделување од Македонија во преговарачкиот процес со ЕУ, а тоа беше кажано по средбата на претседателите на Албанија и на Бугарија, Илир Мета и Румен Радев. Тешко е да се предвиди и дека во блиска иднина ќе биде решен овој спор, а тука мислам пред сѐ, на преговорите што се водат во Комисијата за историја. Примерот со Ванчо Михајлов покажа колку се различни нашите сфаќања за тоа што Бугарите го подразбираат под поимот „заедничка историја“. Ние бугарската војска во Втората светска војна ја доживуваме како окупаторска, а различни погледи имаме и на Првата светска војна, но и на Балканските војни – вели Ѓорчев.

Сепак, поранешниот амбасадор е убеден дека преговорите не смеат да запрат и дека ние мораме да изградиме одлични односи со соседот.

– Судбината на Македонија е во географијата. Наши соседи се Србија, Бугарија, Грција, Албанија, а во поново време и Косово. Ние мораме со сите наши соседи да градиме блиски односи, бидејќи животот не смее да запре. Затоа би бил среќен кога во блиска иднина би заживеале економските односи со Бугарија и кога компаниите од оваа земја би почнале да инвестираат кај нас – вели Ѓорчев.

Тој додава дека тоа што можеби треба да се промени во преговорите е ако Бугарија не сака да го признае македонското малцинство, тогаш ние веднаш треба да истакнеме дека не преговараме за нацијата и за јазикот.

Османи претходно нагласи и дека настанот од Битола е добредојден во комуникацијата со дипломатите од ЕУ, на кои сега е лесно да им се објаснат проблемите со поимањето на историските факти меѓу Македонија и Бугарија. Тој вели и дека претставниците на Софија ќе треба да им ги објаснат своите постапки на претставниците на Еврејската заедница во Македонија и во светот, вклучително и на секретарот на Стејт департментот на САД, Ентони Блинкен, кој е Евреин.

Поврзани содржини