ВЕТО ОД ПОЛСКА, УКРАИНА ЌЕ ОСТАНЕ БЕЗ САТЕЛИТСКИОТ ИНТЕРНЕТ? Старлинк на Илон Маск е клучен во операциите на Киев
Според министерот за дигитални работи на Полска, ветото на полскиот претседател може да биде директен подарок за рускиот претседател Владимир Путин. Ветото се однесува на законот за финансиска поддршка за бегалците од Украина со кој е опфатено и финансирањето на сателитскиот интернет Старлинк клучен во воените операции на Украина.
На Украина од 1 октомври може да ѝ снема интернет од сателитите Старлинк на познатиот милијардер Илон Маск бидејќи полскиот претседател Карол Навроцки стави вето на закон кој го опфаќа и продолжувањето на финансиската поддршка за украинските бегалци. Оваа одлука исто така ги намалува правните основи за понатамошно плаќање на услугата Старлинк, која Полска ја финансира за Украина.
Претседателот Навроцки побарал и ограничување на социјалните и здравствените права на украинските бегалци, предлагајќи правата бегалците да ги добијат само ако работат во Полска.
На ова остро реагирал заменик премиерот на Полска и министер за дигитални работи, Кшиштоф Гавковски. Тој предупредил и дека овој чин може да биде директен „подарок за Путин“.
Портпаролот на Министерството за дигитални работи на Полска го потврди фактот дека, од 1 октомври, нема да има правна основа за плаќање на претплатата за Старлинк, доколку парламентот не усвои друг закон кој би го вратил ова финансирање.
Интернетот на Старлинк е клучен за воените операции на Украина.