Весовиќ: Србија и Македонија имаат добра економска и трговска соработка

Најголем пад на извозот за време на ковид кризата во 2020 година претрпе металната индустрија, хемиската и прехранбената индустрија, бидејќи тие се и најзначајни во трговската размена - оцени Весовиќ.

228

Србија и Македонија имаат добра економска соработка и покрај минатогодишната криза и намалувањето на трговската размена, очекуваме оваа година благо да порасне, како и нивото на инвестиции, изјави директорот на Секторот за стратегиска анализа, услуги и интернационализација при Стопанската комора на Србија (ПКС) Михаило Весовиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

– Кризата не ја заобиколи економската соработка меѓу Србија и Македонија, така што минатата година во вториот квартал имавме драстичен пад на трговијата за околу 20 отсто. Сепак, првиот квартал беше значително подобар, бидејќи имавме зголемување на трговијата, а кога ќе ја сумираме минатата година, трговската соработка се намали за 4,6 отсто. Извозот падна за 4,1, а увозот за околу 3,1 отсто – кажа Весовиќ.






Тој прецизираше дека Србија има значителен надворешно-трговски суфицит со Македонија и дека сегашната размена на стоки е околу 860 милиони евра со што размената на услуги останува на нивото од 2019 година.

– Ние сме исклучително важен надворешно-трговски партнер за Македонија, ние сме на нивно второ место, тие се важни за нас, бидејќи Македонија е меѓу првите десет извозни пазари во Србија – прецизираше Весовиќ. Тој оцени дека во моментов економската соработка меѓу двете земји е стабилна и дека доколку нема сериозни нарушувања во текот на оваа година, може да се очекува постепен раст на размената.

– Најголем пад на извозот за време на ковид кризата во 2020 година претрпе металната индустрија, хемиската и прехранбената индустрија, бидејќи тие се и најзначајни во трговската размена – оцени Весовиќ.

Тој нагласи дека над 4.000 компании од двете страни на границата учествуваат во трговијата и дека македонските граѓани се мнозински сопственици во повеќе од 500 компании во Србија.

Официјалниот претставник на ПКС оцени дека нивото на меѓусебни инвестиции полека расте секоја година.

– Овие два пазари се познаваат многу добро. Бизнисмените многу често работат заедно и традиционално отвораат некои нови области. Очекувам дека ќе имаме повисоко ниво на српски инвестиции во Македонија во областите на прехранбената и кондиторската индустрија, па сè до софистицираните области како што се ИТ и телекомуникациите, бидејќи и Македонија е земја со многу голем број стартапи и нови технолошки компании. Привлече и голем број инвестиции од ЕУ во автомобилската индустрија, што е важно, затоа што постои синџири на снабдување меѓу нашите две земји со цел за извоз на готови производи, најчесто во ЕУ – кажа Весовиќ.

Според него, постигнати се конкретни резултати во реализацијата на иницијативата за Мал Шенген.

– Еден од добрите резултати насочени кон слободен проток на луѓе, стоки, капитал и услуги е заедничкиот премин Табановце – Прешево, кој е подобрен до тој степен што можеме да кажеме дека практично нема забавување на протокот на стоки. Иако не е сè совршено затоа што има повремени проблеми во некои области, пред се во извозот на прехранбени производи, но тоа е нешто што ваквите иницијативи имаат за цел брзо да го решат – изјави Весовиќ.

Тој потенцираше дека Стопанската комора на Македонија и ПКС го основаа Коморскиот инвестициски форум, што всушност е комора на Западен Балкан, кој се состои од деловен совет составен од најголемите увозници и извозници, големи шпедитерски компании, претставници на фармацевтската и машинската индустрија.

Според Весовиќ, нивната улога е да сигнализираат кога ќе се појават проблеми во регионот, со цел брзо да реагираат и да им објаснат на владите на тие земји од гледна точка на економијата што значи промена на одредени административни процедури, признавање на сертификати и усогласување на практиката во регионот со европската практика, кон кои тежнеат сите земји од Западен Балкан.

Поврзани содржини