ВЕСКОВСКИ НА СРЕДБА СО ПЕНЗИОНЕРИТЕ ГОРДИ КАРПОШАНИ Од ветераните ќе црпиме искуство
„Во првата година од мандатот ќе овозможиме форум за редовна комуникација со претставниците на овие наши граѓани, со цел дел од нивното искуство да се примени во креирањето на политиките што ќе ги спроведува oпштината“, вети Душко Весковски, кандидат на СДСМ за градоначалник на Карпош.
Кандидатот за градоначалник на општина Карпош, Душко Весковски и претседателката на ОО Карпош Марија Георгиевска, денеска остварија средба со пензионерите во општината, во знак на одбележување на 1 Октомври, Меѓународниот ден на стари лица и почит за она што тие го направиле за младите генерации.
– Пензионерите, или ветераните во општината, се лицата со најголемо животно и професионално искуство. Нашата цел е да го искористиме тој потенцијал и оваа целна група да ја вклучиме во сите процеси и активности во кои тие ќе имаат можност да го споделат своето искуството и да го пренесат своето знаење на помладите генерации – изјави Весковски.
Беше презентиран дел од програмата во која е вклучена социјализација и дружење со највозрасните:
– Во првата година од мандатот ќе овозможиме форум за редовна комуникација со претставниците на овие наши граѓани, со цел дел од нивното искуство да се примени во креирањето на политиките што ќе ги спроведува oпштината. Ќе го продолжиме спроведувањето на хуманата патрола за помош и нега во домот, а ќе дејствуваме и во олеснување на нивното секојдневие со различни активности во соработка со засегнати страни. Се стремиме кон тоа да овозможиме подобри услови за секојдневен живот на пензионерите, нивна меѓусебна комуникација и социјализација – истакна Весковски.
На средбата, почестените пензионери упатија и своја порака, искажувајќи го своето задоволство:
„Годините ни се голема бројка, но искуството непроценливо богатство. Ние најискусните, кои сме поминале низ разни општествени промени, разни историски случувања, испечени професионално, богати со фамилијарни искуства, со неизгубен осет за другарство и дружење, стоиме секогаш на располагање во тековното живеење во општината преку волентерска работа, пренесување на знаење и искуства, помош за грижа на семејството Вие сте наши деца, и ние сме тука „Сите заедно за најдоброто во општината“ – порачаа тие.