Верно ли ништо страшно не се случи со ветото, министер президент Борисов?
Мерси, господине министер президент! И за убавите думи и за донацијата во вакцини. Но, не е толку едноставно да се каже дека меѓу Софија и Скопје ништо не се случило. Ветотото не е еднократна одлука, која важи неколку часови, заради уметнички впечаток. Македонија и сега е под вето. Постои опасност тоа во иднина да ги обесмислува сите обиди Скопје и Софија да се вратат на преговарачка маса. Убавите думи и гестовите се за поздравување, но нема да биде лесно да се преговара во услови кога Захариева, Каракачанов, Радев или некој друг во секој момент може да се повика на одлуката на вето и да ја наметне волјата на посилниот.
Кога новинар, принудно, мора да го преспие и она што треба да го следи будно и со големо внимание, тоа се нарекува пех. Но, понекогаш и тоа може да донесе некакви згодни предности. Еден стар афоризам, на пример, вели – она што ќе го преспијам, нема да ми се случи.
Случајот сакаше привремено да се „исклучам од програмата“ и да се посветам на борбата со коронавирусот, токму во време кога Бугарија го искористи правото на вето на одлуката за почеток на преговорите меѓу Македонија и ЕУ, а Чешка, Словачка и Австрија, пак, го искористија своето право на вето да ја спречат Софија во текстот на европскиот документ да ги уфрлат своите непристојни услови и уцени за Македонија.
И буквално ги преспав деновите на најгрубата вербална војна меѓу Софија и Скопје. Читав вџашено подоцна. Ги преспав надмудрувањата за тоа кој „победил“ и кој бил „поразен“ во таа битка. Наместо тоа, во миговите на тој колку тажен толку и комичен триумфализам од двете страни, размислував за дострелите на моќта, за вистинската смисла на системот на одлучување кој му дозволува на малцинското мислење понекогаш да ја блокира одлуката на мнозинството, но и обратно.
Се сеќавам, прв пат по изразувањето на претензиите на поранешните југословенски републики за самостојност, силата на ветото Македонија ја почувствува во средината на 1992 година, кога во Лисабонската декларација на ЕУ (тогаш ЕЗ) беше изразена спремност „ПЈРМ“ да се признае во рамките на нејзините постоечки граници, но под име што не го содржи поимот Македонија. Оваа трагично неправедна одлука (во нејзината целина), не само што не го реши статусот на нашата земја, туку долгорочно ја влоши ситуацијата на Балканот, каде што подоцна избија големи етнички судири. Иако постоеше реална шанса за тоа, европските земји во Лисабон не создадоа рамка што ќе спречи таков крвав распад на некогашната југословенска федерација.
Се сеќавам и на неформалното вето со кое Грција во 2008 година, на самитот на НАТО во Букурешт, ја спречи одлуката на прием на Македонија во Алијансата. Поучени од претходните искуства, од повеќегодишните преговори со Скопје, свесни дека еден ден Македонците и Грците сепак ќе мора да се договорат и да ги затворат спорните прашања, во Букурешт Атињаните си останаа на своето, но беа направени сите возможни и невозможни напори да се избегне формално вето и да се остави можност разговорите да продолжат. Покрај сето разочарување и наспроти фактот дека одлуката на Грците во 2008 години ја зацврсти позицијата на тогашниот режим во Скопје за следните два мандата, внимателното ракување со „експлозивното полнење“ брендирано како „вето“ беше добра стилска вежба за малку поодговорно поведение во политиката.
Зошто?
Демократијата, системот на одлучување во кој во принцип победува волјата на мнозинството, е добар, но не е и совршен. Во системите со сложена архитектура и динамика на политичките процеси (во етнички комплицираните општества, на пример, како нашето), секогаш постои опасност мнозинството непринципиелно да го надгласа малцинството и со тоа да го стави во подредена положба. Затоа, правото на вето како ултимативен елемент на консензуалната демократија, е противтежа на оваа тенденција. Истовремено, правото на вето може да биде и опасна алатка во рацете на одлучувачите, зашто таа може целосно да го блокира системот на одлучување. Видовме, при одлучувањето за Македонија, покрај ветото на Софија, за да не се направат уште поголеми политички штети на процесот, беа потребни уште три вета. Таков преседан предизвика неодговорното поведение на владата во Бојко Борисов.
Оттаму, при одлучувањето со консензус, многу повеќе треба да се размислува за скрупулите и за легитимитетот, одошто за формите на „легалитетот“. Читам, симпатичниот бугарски премиер Борисов денеска изразил надеж дека следната година ќе се најде заедничко решение за продолжување на процесот на интеграција на нашата земја во ЕУ. Борисов ова го кажал на седницата на бугарската влада, на која била донесена одлука од секоја количина вакцини против ковид-19, која стигнува во таа држава, еден дел да биде наменета за нашите граѓани и тоа да биде во форма на донација. „Ова го правиме со чисто срце без никакви задкулисни намери, го правиме за нашите најблиски соседи. Се надевам дека следната година со Захариева и со Каракачанов ќе пронајдеме заедничко решение за интегрирањето на Северна Македонија во Европската Унија, како што ја поддржавме и за НАТО. Така што не се случи ништо страшно, прашање на политичка волја и од двете страни е да стигнеме дотаму“, изјавил бугарскиот премиер Бојко Борисов на денешната седница на бугарската влада.
И ние на Борисов, исто така со чисто срце и без задкулисни намери, може и треба да му одговориме – мерси, господине министер президент! Но, не е толку едноставно за да се каже дека ништо не се случило. Ветотото не е еднократна одлука, која важи неколку часови, заради уметнички впечаток. Македонија и сега е под вето. Постои опасност тоа во иднина да ги обесмислува сите обиди Скопје и Софија да се вратат на преговарачка маса. Убавите думи и гестовите се за поздравување, но нема да биде лесно да се преговара во услови кога Захариева, Каракачанов, Радев или некој друг во секој момент може да се повика на одлуката на вето и да ја наметне волјата на посилниот. Затоа преседанот – одлуката на Софија со вето да ја блокира Македонија – не смееше да се случи.
А научивме ли ние, овде во Македонија, нешто повеќе од оваа неславна епизода? Пред ветото, на ова место напишав: „ Нема сомнение дека ние во Македонија треба да изградиме нова стратегија за преговорите со Бугарија. Новата стратегија мора да се потпре на нашето генерално политичко искуство и да тргне од обнова на политичката дебата внатре во земјата – треба да ги намалиме политичките конфликти, да отвориме дијалог, да се обидеме да градиме заеднички ставови за клучните преговарачки теми, да се потрудиме да изнедриме единствена платформа, а треба и да го реафирмираме, но и да го редефинираме и македонизмот, кој не е фолклорен национализам и шовинизам, туку цивилизациска одредница“.
Можеме ли да го сториме тоа? Веднаш да се разбереме – за жал, не можеме. И ние во Македонија, буквално во сите области, сме опседнати со моќта на надгласувањето, со пустата желба политичкото мнозинство секогаш и во секоја можна прилика не само да го „победи“ малцинството со гласање, туку и да го понижи. Малцинството, нормално, реагира со одбивање на партиципативност и со закани за делегитимирање на одлуките, еден ден кога ќе дојде на власт. Многумина сметаат дека сега сето тоа не значи ништо, дека е најважно да се најде „маж за одлука“ и да се „приведат“ доволно пратеници да ја легализираат. Но, не се знае што носи иднината. Без дијалог, без елементи на консезуално одлучување на најважните прашања, одлуките што ќе се усвојуваат сега можеби ќе бидат легални, но од аспект на политичкиот легитимитет, тие ќе бидат фрагилни, а некои од нив и неодржливи.
Затоа, не е исклучено во периодот што следи често да ја слушаме заканата за отфрлање на Договорот за добрососедство со Бугарија. Се разбира, јас мислам дека тоа би било грешка, но некој ќе рече – и ќе биде во право! – да, тоа би било грешка, но не помала грешка од софиското вето.
Да се надеваме дека нештата сепак ќе се придвижат во поволна насока. Едно е сигурно. Политичките кавги нема драматично да ги влошат односите меѓу граѓаните од Бугарија и од Македонија. Со нетрпение ја очекувам првата можност да појдам во Бугарија и да се видам со моите драги пријатели. Сега во разговорите веројатно сите ќе бидеме покомотни, бидејќи софиските политичари не можат да ни наметнат второ вето. Она првото важи и сега тоа повеќе ѝ тежи на Софија отколку на Скопје. И ако некој ме праша што ќе правиме сега во врска со тоа, јас уште сега имам спремен одговор – обаче, не знам, пријатели, ваше вето ваш проблем!