ВЕНКО, АЛИ И ДИМЧЕ СЕ ОБЕДИНИЈА ЗА ВЛАСТ Тројната коалиција ја враќа државата назад, рече Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од митингот во Дојран порача дека тројната коалиција СДСМ–ДУИ–Левица е обединета единствено од желбата за власт и омразата кон неговата партија.

385

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од народниот митинг во Дојран порача дека тројната оска СДСМ–ДУИ–Левица повторно се обединила за претстојните локални избори, но, како што рече, единствено околу желбата за власт и омразата кон ВМРО-ДПМНЕ.

Митингот се одржа во рамките на изборната кампања за локалните избори закажани за 19 октомври, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“.






– На овие избори имаме две опции. Првата е една полуформална, на моменти неформална, но суштински многу формална коалиција, во која членуваат партии што се здружиле поради две основни цели, власта и омразата кон ВМРО-ДПМНЕ – изјави Мицкоски пред граѓаните во Дојран.

Тој нагласи дека, според него, СДСМ, ДУИ и Левица се здружиле „бидејќи власта им е помила од сè во животот“, па дури и од сопствените принципи.

– Се осојузиле Венко, Али и Димче затоа што власта им е поважна од сè. Омразата кон ВМРО-ДПМНЕ е толку силна што ги премости сите нивни разлики, и политички и лични – додаде тој.

Мицкоски ги обвини партиите од претходната власт дека ја ограбиле и опустошиле државата, потпишувале „срамни договори“ и не оставиле ништо зад себе освен пустош.

– Седум години имаа власт, седум години можност да се борат за нашиот заеднички дом, Македонија. Наместо тоа, ја ограбија државата, ги распродадоа националните интереси и не оставија ништо вредно за паметење – рече тој.

Во своето обраќање, Мицкоски се осврна и на минатите односи меѓу СДСМ и Левица, потсетувајќи на излагањето на Зоран Заев во Собранието, кога, според него, се потврдило дека двете партии одамна соработуваат.

– Тогашниот премиер Заев му рече на Апасиев дека се договориле да работи против ВМРО-ДПМНЕ и дека по изборите ќе коалицираат. Тоа е доказ дека оваа тројна оска функционира одамна – нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски оцени дека оваа коалиција ја враќа државата „во времето на грабежот, националните понижувања и предавствата“, и повика граѓаните на 19 октомври да ја изберат опцијата што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, која, како што рече, ќе ја врати надежта и достоинството во Македонија.

Поврзани содржини