„ВЕНЕЦУЕЛА ВМЕШАНА СО ДРОГА? НЕМА ШАНСИ!“ Мадуро му пиша писмо на Трамп
Во писмото до Трамп, Мадуро наведува дека односите меѓу Каракас и Вашингтон се засенети од „лажни вести“, за кои рече дека „имаат намера да оправдаат ескалација на вооружен конфликт што би предизвикал катастрофална штета низ целиот континент“.
Венецуелскиот претседател Николас Мадуро ги отфрли обвинувањата дека неговата земја е вмешана во трговија со дрога во писмо до американскиот претседател Доналд Трамп, што вчера беше јавно објавено, пренесе ДПА.
Во писмото до Трамп, Мадуро наведува дека односите меѓу Каракас и Вашингтон се засенети од „лажни вести“, за кои рече дека „имаат намера да оправдаат ескалација на вооружен конфликт што би предизвикал катастрофална штета низ целиот континент“.
Писмото, датирано од 6 септември, беше објавено на Фејсбук вчера од потпретседателката Делси Родригез. Извадоци од писмото беа претходно објавени. Родригез рече дека писмото е доставено до јужноамерикански медијатор за да се осигури дека ќе стигне до Трамп.
Мадуро во писмото наведува дека останува отворен за „директен и искрен разговор“ со специјалниот претставник на САД Ричард Гренел „за да се надмине медиумската врева и лажните вести“.
„Претседателе, се надевам дека заедно можеме да ги победиме лагите што го оцрнија нашиот однос, кој мора да биде историски и мирен“, продолжува Мадуро во писмото.
Венецуелскиот претседател, исто така, ги пофали напорите на Трамп за прекин на војните и повика на дијалог за да се обезбеди мир на американскиот континент.
Писмото доаѓа во услови на зголемени тензии меѓу двете земји по неодамнешните воени операции на САД во Карибите и обвинувањата од Вашингтон дека Венецуела извезува дрога и насилство во САД, потсетува ДПА.
Американската влада во август ја зголеми висината на наградата на 50 милиони долари за информации што ќе доведат до апсење на Мадуро. Американското Министерство за правда наведува дека Мадуро е вмешан во меѓународна трговија со дрога, потсетува германската агенција.
Од друга страна, Мадуро потенцира дека „убедливите податоци“ за производството и трговијата со дрога во Јужна Америка покажуваат „дека Венецуела е територија без производство на дрога и земја што не е релевантна во областа на наркотиците“.