ВЕНЕЦИЈАНСКАТА КОМИСИЈА ДА ГО ИСПИТА ЗАКОНОТ ЗА ЗДРУЖЕНИЈА Османи ќе ѝ предложи на Владата да го прати текстот на проверка
Донесен е закон во Собрание чија цел беше да се спречи саботирање на заедниците од страна на други чинители. Тоа што се оспорени одредени прашања, ќе предложам Владата да го прати законот до Венецијанската комисија за да каже таа дали има спорни елементи, рече Османи.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи по средбата со колегата Николај Милков во Софија рече дека ќе ѝ предложи на Владата новиот Закон за регистрација на здруженија да го испрати до Венецијанската комисија.
– Донесен е закон во Собрание чија цел беше да се спречи саботирање на заедниците од страна на други чинители. Тоа што се оспорени одредени прашања, ќе предложам Владата да го прати законот до Венецијанската комисија за да каже таа дали има спорни елементи – рече Османи.
Тој го информирал Милков и за активностите на меѓуресорската работна група за политичка координација на спроведувањето на мерките од протоколот со која лично раководи.
– Ова го сметам за важно затоа што во минатиот период бевме сведоци како се злоупотребуваат овие теми и преку манипулација на чувствата на граѓаните се креираат непријатни настани чија крајна цел е да се киднапираат активностите на двете земји за унапредување на односите. Заедно со Милков ќе сториме сѐ за да не дозволиме други од надвор да ни ја водат надворешната политика. Треба министерствата да ги водат процесите и затоа културно-информативните центри отворени од државите ќе придонесат за тоа – додава министерот.
Османи и Милков во Софија зборуваа за тоа што е исполнето од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, за заедничките обврски кои произлегуваат од него. Како што информираат од МНР, на средбата биле договорени конкретни механизми за превенција на говорот на омраза во двете земји, при што двајцата министри заемно се согласија дека не треба да се дозволи бројните провокации од групи и поединци во двете земји да го нарушат процесот на зајакнување на добрососедските односи.
– Сакам да верувам дека заедно со колегата Милков ќе сториме сѐ за да не дозволиме други да ни ја водат надворешната политика, други на ди ги кројат билатералните односи, туку ние двајца, заедно со дипломатите од нашите министерства, во духот на европските вредности ќе продолжиме да градиме европска иднина за сите наши граѓани. Не треба да заборавиме дека ние сме актуелни сојузници во НАТО, идни партнери во Европската Унија, но пред сѐ пријатели и добри соседи и очекувам нашата соработка да се развива соодветно – истакна Османи.
Во рамките на средбата беше донесена и одлука за одржувањето на претстојниот Бизнис форум меѓу двете земји, во декември, на кој ќе разгледуваат начините за заедничко справување со најактуелните прашања какви што се енергетските предизвици, како и за соработката во земјоделието, во здравството, и за валоризирање на придобивките од прекуграничната соработка.
– За динамиката на меѓусебната соработка зборува и растот на трговската размена која за првите осум месеци од оваа година изнесува над 710 милиони евра, што е зголемување од точно 52 отсто во однос на истиот период минатата година и ја става Бугарија на петто место на листата на држави со кои имаме најголема трговска размена – нагласи Османи пред новинарите и додаде дека очекува со овој тренд до крајот на годината трговската размена да надмине една милијарда евра.
На средбата, како што е наведено во соопштението, се направи пресек и на досегашните активности во однос на отворањето на Граничниот премин Клепало, како и на соработката на планот на културата, притоа јасно охрабрувајќи го интензивирањето на културната соработка која преку своите универзални вредности треба да дејствува во насока на зближување и градење пријателство меѓу двата народи.