„ВЕДНАШ МЕ ИСПРАТИЈА НА ФРОНТОТ КАЈ МАРИУПОЛ“ Македонец лежи во „Идризово“ осуден за борба на руска страна
Љупчо Бојчевски од Скопје доби четири години затвор за учество во странска војска, прв случај поврзан со војната во Украина во Македонија.
37-годишниот Љупчо Бојчевски од Скопје е единствениот Македонец осуден на затворска казна за учество во странска војска во конфликтот во Украина, борејќи се на руска страна. Тој е осуден на четири години затвор, а на судењето изјавил дека се кае за стореното, што е забележано и во пресудата, јавува Радио Слободна Европа (РСЕ).
Според законот воведен во септември 2014 година, целта е да се спречи заминување на македонски државјани во странски конфликти, претходно поврзани со формации како ИСИС. Случајот на Бојчевски е прв поврзан со војната во Украина, која започна со руската инвазија во 2022 година.
Бојчевски бил регрутиран преку затворена група на апликацијата „Телеграм“ и отпатувал од Скопје до Москва пред да биде упатен на фронтот кај Мариупол. Тој на фронтот не бил сам – со него бил и неговиот другар Тони Шегмановски, кој подоцна починал во Скопје.
– Бев на забрзана обука и веднаш испратен на фронт. Сум видел непријатни сцени и колеги кои правеле ѕверства – изјавил Бојчевски. Тој тврди дека се борел од лични убедувања и дека месечно требало да добива 3.000 евра.
Државните институции нагласуваат дека ова се индивидуални случаи и нема организирано регрутирање на македонски државјани за конфликтот во Украина. Македонија ја осудува руската инвазија и ја поддржува меѓународната политика за санкции против Москва.
Целата сторија прочитајте ја на Радио Слободна Европа.