ВЕЧЕРВА Е СТАРА НОВА ГОДИНА, УТРЕ Е ВАСИЛИЦА Убаво е и дома, ама повесело е со друштво во кафеана

Угостителите кои се подготвени и за ова празнување веќе ги затвораат резервациите и се подготвуваат за претстојната забава. Цените за организиран дочек на Стара нова година се движат и до 1.400 денари по човек.

362

Делење пита со паричка, свечена гозба, жива музика и познати пејачки имиња за добро расположение и посебни награди. Ова е дел од организацијата за дочекот на Стара нова година во рестораните кои очекуваат по пандемиските години да им донесе приход.

Граѓаните, секој според сопствениот џеб и расположение, ја празнуваат Старата нова година. Постарите главно ја почитуваат традицијата и слават дома со семејството и со пријателите, а помладите во домашните ресторани или со патување во странство.






– Традиционално дочекот на оваа нова година го правиме дома, со семејството и пријатели. За нас многу поважен е утрешниот ден, празникот Василица. Годинава ручекот ќе биде поскромен, зашто се потрошивме за Божик и Нова година, но расположението како за секој голем христијански празник – вели повозрасна скопјанка.

Но, секој не ја следи традицијата. Помладите и овој празник ќе слават во  ресторани клубови, а некои одат и во странство.

– Со друштвото веќе резервиравме во ресторан во Скопје. Цените им се скоро исти со оние за Нова година, околу 1.300 денари за вечера и за забава со познат пеач. Толку трошиме и за излегување.  Друштвото ни е добро и очекувам да имаме добар дочек – вели граѓанин.

Угостителите кои се подготвени и за ова празнување веќе ги затвораат резервациите и се подготвуваат за претстојната забава. Цените за организиран дочек на Стара нова година се движат и до 1.400 денари по човек. Но, одделни ресторани се одлучија да работат вообичаено само во посвечен амбиент, без организиран дочек. Дел од нив наплаќаат само влезница, а храната ја избира гостинот. Сепак, велат дека иако има интерес кај граѓаните за дочек на Стара нова година, опаѓа интересот за организиран дочек што беше традиција порано.

– За разлика од минатите години, годинава за дочекот на Стара нова година имаме помал интерес, посебно за организиран дочек. Клиентите главно се млади и се одлучуваат да резервираат во последен момент. Капацитетот од 130 луѓе е скоро пополнет па очекуваме клиентите да бидат задоволни од менито и забавата со жива музика што им ја подготвивме – велат од скопскиот ресторан „Доместика“.

Во дел од градовите во земјава пак се враќа старата традиција за Старата нова година и Василица се слават заеднички и на отворено. Така е годинава во Прилеп, кој организира дневна прослава на Стара нова година и на Василица во центарот на градот, кадешто на граѓаните веќе им беа поделени 500 парчиња бурек. Прилепчани и нивните гости, вечерва сепак ќе ги наполнат рестораните и ќе слават со музика.

Дел од граѓаните, пак, за овој празник одбраа да престојуваат во Охрид или во зимските центри.

Поврзани содржини