ВЕ САКАМЕ ВО ЕУ Целта е полноправно членство на земјите од Западен Балкан
Имаме стратешки интерес државите од Западен Балкан да ги поврземе со Европската Унија, рече германскиот канцелар, Фридрих Мерц.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска по самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват изјави дека Европската Унија планира да почне постепен процес за вклучување на земјите од регионот во Унијата, што испраќа сигнал дека тие се посакувани како полноправни членки.
– Јасната порака од денеска е, и ќе остане: Ве сакаме. И сакаме државите од овој регион наскоро да станат членки на Европската Унија – рече Мерц на прес-конференција.
Тој истакна дека целта е и останува полноправно членство на сите држави од регионот на Западен Балкан.
– Имаме стратешки интерес овие држави да ги поврземе со нас, со Европската Унија. Да им го
отвориме патот и кон институциите, на пример за учество како набљудувачи на седниците на Европскиот совет, а можеби и на Европскиот парламент – кажа Мерц.
Сепак, за ова ќе треба да одлучи Европскиот парламент, во рамките на своите надлежности.
– Нема веќе да има изговори, туку ќе има многу конкретни, но индивидуални процеси што ќе се однесуваат на секоја одделна држава од Западен Балкан – изјави германскиот канцелар.
Тој претходно изјави дека ЕУ мора јасно да покаже дека има политичка волја и дека е подготвена за проширувањето, кое веќе со години доцни. Нагласи дека Унијата цели 13 години нема примено ниту една нова земја-членка е јасен показател дека самата ЕУ направила одредени сопствени грешки во управувањето со процесот на проширувањето.
Франција и Германија денеска на самитот во Тиват презентираа нон пејпер, во кој се предлага постепена интеграција на Западен Балкан во ЕУ пред полноправното членство.
Европската комисија е повикана да подготви предлози за олеснување на постепената интеграција на земјите кандидати, вклучително и привилегиран пристап до единствениот европски пазар врз основа на нивниот напредок во пристапните преговори и поцврсти врски со европските институции во секојдневниот процес на одлучување.