ВЕЌЕ ГО ОБРАВМЕ БОСТАНОТ СО АНТАРКТИКОТ Никакви „зелени“ политики нема да го спречат топењето, вели нова студија
Да сакавме да го зачуваме во неговата историска состојба, ќе требаше да работиме на тоа уште пред неколку децении, вели Кејтлин Нотен, авторката на студијата и додава дека ниту намалувањето на фосилни горива не може да го спречи топењето на Антарктикот. Со други зборови, наместо да ги решаваме климатските промени, ние ќе треба да се соочиме директно со последиците и да ги решаваме последиците од кревањето на водите за 5 метри на ниво на цела планета.
Го „обравме бостанот“. Топењето на огромната ледена покривка на Западен Антарктик очигледно ја поминало точката од која нема враќање и може да биде „неизбежно“, се вели во нова научна студија. Всушност, поради климатските промени предизвикани од човекот, ледената покривка на Западниот Антарктик ќе продолжи да ја зголемува стапката на топење во остатокот од овој век, без разлика колку ја намалуваме употребата на фосилни горива, сугерира истражувањето објавено во списанието Нејчр(Nature).
– Изгледа дека сме ја изгубиле контролата врз топењето на ледената покривка на Западен Антарктик – рече водечката авторка на студијата, Кејтлин Нотен.
Таа работи како океанографка во Британското истражување на Антарктикот.
– Да сакавме да го зачуваме во неговата историска состојба, ќе требаше да работиме на тоа уште пред неколку децении – додаде таа.
Бостанот е веќе обран
Кејтлин со тимот пресметала колку мраз ќе се изгуби, колку ќе се подигне нивото на морето и со која брзина. Таа е песимистка.
– Не гледам многу надеж. Но, тоа е она што ми кажува науката. Така што, тоа е она што треба да му го соопштам на светот.
Гледано заедно, Антарктикот и Гренланд содржат повеќе од 99% од копнениот мраз и над 68% од свежата вода на Земјата, според Националниот центар за податоци за снег и мраз.
Светска поплава висока 61 метар, морето ќе се крене 5 метри
Ледената покривка на Западен Антарктик е само една од ледените плочи. Ако се стопат сите ледени плочи на Антарктикот – што не е предвидено – глобалното морско ниво би се зголемило за околу 61 метар!
Бидејќи колапсот на ледената покривка на Западниот Антарктик сега се чини неизбежен, „за креаторите на политиката, клучното прашање сега не е само како да се ублажат климатските промени, туку и, сè повеќе, како да се прилагодат на неизбежните ефекти од климатските промени“. Без оглед колку човештвото и да успее да ги намали емисиите на стакленички гасови, клучното и огромно пространство на антарктичкиот мраз е веќе осудено на неминовно топење.
Колапсот на ледената покривка е загрижувачка климатска пресвртна точка, велат експертите. Морето секаде низ светот ќе се подигне до пет метри. Топењето на ледот би траело стотици години. Сепак, предупредува Кејтлин луѓето брзо ќе ги почуствуваат последиците и ќе мора да го сменат начинот на живот.
Светот ќе почуствува, топењето ќе оди три пати побрзо
Луѓето кои живеат покрај море ќе бидат најпогодени. Дури и во најдоброто сценарио од 1,5 степени Целзиусови пораст на глобалната температура, топењето ќе се зголеми три пати побрзо отколку во текот на 20 век. Ова го покажуваат компјутерските симулации на тимот на Кејтлин. Тие засега се концентрираат на критичната точка – Западен Антарктик.
Токму таа ледена обвивка најмногу придонесува за зголемувањето на нивото на морето. Загубата на мразот се предизвикува кога водите се спојуваат со Јужниот Океан, особено во Амундсенското Море.