ВЕЌЕ ГИ ЧУВСТВУВАМЕ ПРОБЛЕМИТЕ НА ГЕРМАНСКАТА ЕКОНОМИЈА Забележан е пад од 13,4% на извозот во оваа земја
Од јануари до септември годинава од земјава во светот вкупно се извезени стоки од 6,370 милијарди долари, а се увезени во износ од 8,915 милијарди долари.
Вкупната вредност на извозот на стоки во периодот јануари – септември 2024 година, изнесува 6,370 милијарди САД долари и бележи пад од 5,7% во однос на истиот период од претходната година, објави Државниот завод за статистика.
Во истиот период вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 8,915 милијарди долари, што е за 0,2 % помалку во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари – септември 2024 година, изнесува 2,544 милијарди долари.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – септември 2024 година, изнесува 71.5 %.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и други моторни возила за превоз на лица.
Во периодот јануари – септември 2024 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија, но и со овие земји освен со соседна Србија имаме намален извоз.
Извозот со Германија во периодот јануари- септември е намален за 13,4%, со Велика Британија за 22,7%, Грција за 11,4, а со Кина извозот е преполовен односно бележи пад за 51,5%. Единствено со Србија во овој период се бележи раст на извозот од 15, 6%.
Податоците покажуваат и дека македонскиот извоз во ЕУ е намален за 7,4%, но затоа пак е зголемен со северноамериканската трговска заедница каде што има раст од 60%. Раст од 8% е забележен и во извозот со Западен Балкан.
На страната на уозот, пак, состојбата е поинаква. Увозот од земјите членки на ЕУ е зголемен за 3,5%, од земјите од ОПЕК увозот е зголемен за 18,9 %, а од Организација за економска соработка на земјите од Азиско-пацифичкиот регион за 5,1%. Намалување на увозот има од Западен Балкан за 3,8%, како и од северноамерикнасата трговска организација од 6,5%.