ВЧЕРА БЕВ ЖЕНА, ДЕНЕСКА СУМ МАЖ, А УТРЕ Е САБОТА И НЕ ЗНАМ ДАЛИ РАБОТИ НОТАРОТ Предложената леснотија за менување на полот наиде на силен отпор

Не е соодветно само преку нотарска изјава да се менува полот на луѓето. Ваквото решение ќе предизвика многу проблеми и долгорочни последици, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

1,925

Не е соодветно само преку нотарска изјава да се менува полот на луѓето, оти ваквото законско решение ќе отвори простор за многу злоупотреби и манипулации. Ваков е ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако Владата предложи закон со европско знаменце, а со кој ќе се овозможи секој граѓанин декларативно да си го промени полот со тоа што ќе завери изјава на нотар.

Предлог-законот наскоро ќе биде поставен за гласање пред пратениците во Собранието, но според пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, опозицискиот блок силно ќе се спротивстави на ваквата брзоплетост која ќе предизвика повеќе штета отколку корист.






– Станува збор за овозможување секој граѓанин да може декларативно да си го промени својот пол само со заверена изјава на нотар. Едноставно, оди некој маж на нотар, изјавува дека се чувствува како жена, ја потпишува изјавата и станува жена. Или обратно. Оди некоја жена на нотар, кажува дека се чувствува како маж, потпишува изјава и станува маж. Но, во предлог-законот на Владата има уште една одредба која е особено спорна, а во којашто се дефинираат браковите помеѓу исти полови. Значи, некој сака во завиена, сокриена форма да ја протне легализацијата на истополовите бракови. Ние како демохристијанска партија имаме став дека бракот треба да биде заедница само помеѓу маж и жена. И затоа ова законско решение нема да го поддржиме. Истиот став го делиме и за предвидениот начин за промена на полот. Сметаме дека не е соодветно само преку нотарска изјава да се менува полот на луѓето. Ваквото решение ќе предизвика многу проблеми и долгорочни последици – објаснува Стојаноски во разговор за Плусинфо.

Тој вели дека законското решение не нуди заштита од можни злоупотреби.

– Ако еден маж на 30 години почувствува дека е жена, тој ќе може да си го смени полот на нотар. На тој начин, тој или таа ќе добие други права во однос на новиот пол. Но, никој не го спречува по само 5 години истиот тој човек повторно да почувствува дека е маж. На крајот на краиштата, политичките партии се задолжени да имаат родов баланс на политичките листи, односно најмалку 40 отсто од предложените да бидат жени. Тоа значи дека јас со изјава дека сум жена можам утре да добијам место на листата. Или, пак, зошто маж кој наполнил 62 години не би потпишал изјава на нотар дека е жена и на тој начин порано би заминал во пензија, а две години подоцна, кога ќе наполни 64 години, повторно ќе потпише изјава дека се чувствува како маж? Значи, постојат многу недоречености во предлог-законот и дефинитивно ќе ни се случи хаос доколку се изгласа во Собранието. Не е во ред да се носат брзоплети решенија – вели Стојаноски.

Фадил Зендели, Беса: Не сум го прочитал текстот на предлог-законот и не би можел да кажам нешто поконкретно, но во секој случај не поддржувам такви работи.

Сличен став делат и пратениците од Алијанса за Албанците и од Беса.

– Посветени сме на зачувување на семејните вредности и институцијата семејство, како и на борбата против појавите кои го напаѓаат ова основно ткиво на општеството – велат од партијата на Зијадин Села.

Пратеникот Фадил Зендели од Беса, во разговор за Плусинфо вели дека дефинитивно нема да гласа „за“.

– Не можам да поддржам нешто такво. Искрено, не сум го прочитал текстот на предлог-законот и не би можел да кажам нешто поконкретно, но во секој случај не поддржувам такви работи. Неприфатливо е да им се дозволи на луѓето да го менуваат својот пол само преку заверена изјава на нотар. Постојат меѓународни стандарди во однос на ваквите прашања. Нашата партија е конзервативна и не прифаќаме такви работи – изјави Зендели.

И портпаролот на Алтернатива, Орхан Муртезани, истакна дека ваквиот предлог-закон не наидува на одобрување кај пратениците од оваа партија.

– Прво треба да го видиме текстот на предлог-законот за да можеме точно да се изјасниме, но како што веќе знае јавноста, ние сме конзервативна партија и за нас е неприфатливо уривањето на традиционалното семејство и дозволувањето друг вид на општествено организирање. Не дозволуваме да се злоупотреби поимот семејство, бидејќи тоа е света општествена организација. Кога ќе го анализираме предлог-законот, тогаш ќе имаме поконкретни одговори, но што и да се коси со овој принцип на Алтернатива, нема да наиде на поддршка ниту од нашите министри, ниту од нашите пратеници во Собранието – вели Муртезани.

Од СДСМ, пак, за Плусинфо велат дека „преку глава им е дојдено“ државава да плаќа отштети врз основа на пресуди на Судот во Стразбур, па затоа ќе го поддржат владиниот предлог-закон за декларативна промена на полот.

– Со оглед на тоа што за ова прашање како држава веќе плаќаме отштети врз основа на пресуди од Судот за човекови права во Стразбур, наша обврска е да ги заштитиме граѓаните и Буџетот. Предлог-законот за матична евиденција е влезен во собраниска процедура, а со цел да дојдеме до најдоброто можно решение. Наскоро ќе се одржи и јавна нрасправа со цел отворено да се разговара за сите прашања – ни изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Пратеничката Моника Зајкова од ЛДП објаснува дека предлог-законот е либерален по теркот на повеќе европски закони.

– Станува збор за промена на Законот за матична евиденција, а промените конкретно се однесуваат за транс-родовите лица. Законот е доста либерален по теркот на повеќе европски закони и нормално е дека ќе го поддржиме. Не треба да ги стигматизираме луѓето врз основа на тоа каков пол ќе си определат. Ако еден маж се чувствува како жена, тој ќе добие лична карта на којашто ќе пишува дека е жена, а тоа значи дека ќе ги добие и сите права што ги имаат жените. Транс-родовата жена, де факто, е жена. Во некои земји, секој човек добива право најмногу двапати да изврши промена на полот. Искрено, не знам дали постои вакво ограничување и кај нас, но тоа што го знам е дека предлог-законот не предвидува лицата да подлежат на хормонска терапија пред да го сменат полот. Постојат различни модели, а ние го имаме најлибералниот модел којшто се применува во Белгија, во Луксембург и во уште пет-шест други земји. Во Србија, на пример, луѓето имаат право да го сменат полот, но тие мора да подлежат на шестмесечна хормонска терапија која е измачувачка. Тој што не пиел хормонска терапија не може да сфати какви последици остава – објаснува Зајкова за Плусинфо.

Моника Зајкова, ЛДП: Ако еден маж се чувствува како жена, тој ќе добие лична карта на којашто ќе пишува дека е жена, а тоа значи дека ќе ги добие и сите права што ги имаат жените. Транс-родовата жена, де факто, е жена.

Во поглед на злоупотребите што би следувале доколку се изгласа предлог-законот, пратеничката смета дека никому не би му дошло на памет да го смени полот заради некаков друг интерес.

– Јас не познавам ниту еден случај кога некој маж или некоја жена го смениле полот заради политички или некој друг интерес. Ниту еден маж не станал жена поради луксуз. И обратно. Премногу е сензитивна темата за да отвораме такви прашања. Ако разговарате со некој транс-родов маж или со транс-родова жена, тогаш ќе сфатите низ какви тешкотии минуваат додека самите се прифатат себеси, а не, пак, да бидат прифатени од општеството. И самата таа заедница, односно тие транс-родови луѓе со коишто сум разговарала, се плашат дека постои можност некој што е меѓу нив да го злоупотреби законското решение – посочува Зајкова.

Предлог-законот предвидува законска можност за декларативна промена на полот за која ќе биде потребна само изјава заверена на нотар, а Владата предлага да се додаде и одредба со којашто ќе се прецизира дефиницијата на родовиот идентитет.

„Родов идентитет претставува внатрешно и индивидуално доживување за род на секое лице, кое може или не кореспондира со полот којшто е одреден со раѓање, вклучително личното чувство за телото и други манифестации на родот, како што се: име, облека, говор и манири. Предложените одредби треба да ја олеснат постапката со тоа што таа се сведува на декларирање од страна на личноста и заверување на изјава на нотар. Копија од лична карта на барателот за правно признавање на родот, изјава од барателот за правно признавање на родот заверена од нотар во форма на нотарски акт дека родовиот идентитет не е во согласност со полот назначен во матичната евиденција во моментот на раѓање“, се вели во предложените измени на законот.

Покрај потписот на поранешниот министер за правда Бојан Маричиќ, на предложените измени во законот е потпишан и заменик-министерот за правда од редовите на ДУИ, Агим Нухиу, пишува Алсат.

Предлог-законот, како што дознаваме, во вторник ќе биде разгледуван на Комисија за политички систем.

Поврзани содржини