ВАЗДА ЈЕ БИЛО ТАКО ИЛИ – ЛЕТ ВО МЕСТО Приказната за АД „Македонија вечна“: двајца братучеди, двајца браќа, вечниот Ахмети и нашето корумпирано судство

Политиката мора да е здрава, здрава! Судството мора да е здраво, здраво! А тие се многу, многу нездрави! Мала утеха е тоа што отсекогаш било така. Вазда је било тако. Постојано сме во лет во место. Подобри од постојните немаме, а полоши не можеме да најдеме. Дали над Македонија кружи сеништето на дисолуцијата?

6,883

Летото 2005, дел од годишниот одмор (семејно) престојувавме  во Будва.

Првиот ден, ситен малер. Ги скршив очилата за читање, поточно дел од рамката. Приквечерината, влегов во првата оптичарска работилница. Jа прашав вработената дали може да ги поправат.






Ги погледна и рече: „Не, ние ова не можеме ни да го поправиме, ни да ви најдеме замена за скршеното!“ „Кој може?“, додадов. „Само во Котор“, следеше краток одговор. Непотребно, но продолжив: „Зошто оние во Котор можат, а вие не?“ „Па, вазда је било тако“, одговори таа, овој пат без да ја крене главата.

И така си изнудив да се почувствувам како „вознемирувч“ на дневната рутина на животот што, „таму-некаде“, се  тркала со децении, можеби и со векови: нивното, вазда је било тако,  сличното, или истото, именувано од нашиот фантастичен Горан (Стефановски) како лет во место.

  • За кој наш, посебно важен сегмент од општествениот систем, можеме да кажеме вазда је било тако, доколку премногу не ситничариме?

Конкуренцијата за посочената селекција е голема. Но, ако во критериумите за избор се поаѓа од важноста и oд импликациите на секој одделен сегмент врз функционирањето и ефикасноста на целината на системот, судството секако би избило во прв план. Само идиоти од  сортата беспердувни двоножци не ја знаат неговата важност за квалитетот на животот во едно општество. Односно, дека без него нема општество. Судството е делителот на правдата, заштитникот на правата на луѓето, старателот на Уставот на државата, заштита од испади/насилства на легислативата и на извршната власт.

Поради таа негова улога, нема интересна група во општеството што не би сакала да го контролира, на индиректен или на директен начин, да го „поседува’’. Профитот од неговото контролирање, или поседување, посебно им е познат на сите видови мафии.

Во една прилика (говорејќи за изборниот процес на судии во државите на САД) поранешната судијка на Врховниот суд на САД, Сандра О’ Конор (Sandra Day O’konnor), се обидела на слушателите и на учесниците во дебатата, да им биде појасна на следниов начин:

  • „Важноста да се има непристрасен судија што суди кошаркарски натпревар е лесно да се сфати: ја држи играта под контрола, ги обезбедува објективните очи за проценување на контроверзните барања и им овозможува на навивачите да веруваат дека резултатот е фер“.

Па продолжила:

  • „Судската независност не се случува сама од себе… тешко е да се создаде, а полесно отколку што повеќето луѓе мислат, може да се оштети или уништи…“

И заклучила:

  • „Бидејќи ние имаме избрани функционери во државата, имаме интересни групи што се обидуваат да влијаат на резултатот од изборите. Тоа е дел од процесот… Но, судиите не се обични политичари. Нивната работа не е да ја интерпретираат волјата на народот.“ (болдираното е од мене)

ФУДБАЛОТ КАЈ НАС УШТЕ ПОКОЛОРИТНА СЛИКА ЗА ВАЖНОСТА НА НЕПРИСТРАСНОТО СУДЕЊЕ

Како дете, во Пирава, не гледав кошарка. Ја немаше. Гледав фудбал – на ниво на „потсојузи“ (трети, четврти фудбалски лиги во Македонија). Преку фудбалот разбрав – тогаш само за фудбалот, не и за општеството – колку е важно судиите што ги водат натпреварите да се непристрасни, со интегритет и таквите да бидат заштитени од нивната асоцијација и од други државни органи.

А што, многу често, се случуваше на фудбалските натпревари што тогаш ги гледав на тоа ниво?

Доколку домашниот тим не умееше да даде гол, домашните фудбалери и домашната публика очекуваа и бараа „заврбуваниот“, или исплашен судија да досуди пенал во нивна полза. Доколку, пак, постоеше прекршок за пенал сторен од домашните фудбалери, дури  и голем како куќа, истите се бунеа, врескаа да не се досуди. Кога тоа немаше да биде исполнето од страна на судиите, најчесто кон крајот на натпреварот публиката влетуваше на теренот – летаа од сите страни врз главите на тројцата судии и на гостинските играчи: ластегарки, жегли  од воловски бундруци, по некоја вила за собирање сено, камења од различни величини. Одвај живи стигнуваа до автобусот што ги чекаше  покрај игралиштето, веќе со отворени врати и со вклучен мотор. Кога домашниот „Ударник“ ќе се вратеше од некое гостување со наполнета мрежа голови и кога играчите и водството ќе беа прашани зошто сте играле толку слабо, чест одговор беше: „К’ква игра бе!, Едвај живи глави врнаме! Н’ дутапаа!’’ Беа само моменти на среќа, некој од противничките играчи или од судиите да не биде убиен. Претепани сигурно, за да го запомнат засекогаш гостувањето на соодветниот терен.

И подоцна (во самостојна Македонија) фудбалските судии (заедно со фудбалската асоцијација (ФСМ) не ги заборавија старите навики. Кога републичката лига (во СФРЈ трето ниво) стана прва државна лига, пречесто првакот се знаеше уште пред да почне натпреварувачката година. Зависеше од кој дел на Македонија е  претседателот на ФСМ (ФФМ).

На пример, кога на негово/нејзино чело беше „социјалистот“ Љубисав Ивановски – Ѕинго (лесна му земја), се знаеше дека Силекс од Кратово ќе биде фудбалски првак на Македонија. Кога, пак, ФСМ (ФФМ) го водеше прилепчанецот Харалампие Хаџи-Ристески, исто така, предвреме беше познато дека првакот ќе биде Победа од Прилеп. Кога Вардар, најтрофејниот фудбалски клуб во Македонија, во 2011 година излезе од Првата лига, не се пресели во Втората лига. Фудбалската мафија му договори фузија со првакот на Втората лига, тимот од Миравци, кој тогаш влегуваше во Првата лига. Така, Вардар стана Вардар (Миравци) и продолжи да игра во Првата фудбалска лига, како да не се случило излегувањето од неа.

Опишаните состојби и денес ги има ширум светот. Исто како што кај нас и денес постојат. Само, не секаде делителите на фудбалската правда се без интегритет и без логистичка заштита од фудбалските асоцијации и од другите државни институции. Не треба да   е човек научник за да забележи: таму каде што фудбалската правда се дели поправично, таму и квалитетот на фудбалот е на многу повисоко ниво.

КОЛКУ НАШИТЕ СУДИИ И ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛИ СЕ „НЕОБИЧНИ ПОЛИТИЧАРИ“ И ЧИЈА ВОЛЈА ИНТЕРПРЕТИРААТ?

Цитираната Сандра О’Конор рече дека „судиите не се обични политичари“. Не се таму за да ја „интерпретираат волјата на народот“. Тогаш, чија волја „интерпретираат“ нашите судии?

Кога се вклучив во политиката, во рамките на моите општи потреби за следење на состојбата во општеството на макро план, се обидував, како и денес, генерално, да следам што се случува и во „нефудбалското“ судство во Македонија. Природата на некои функции што ги извршував, понекогаш ме „испраќаше“ и на „личен увид“ во „државно-судскиот двор“. Сознанијата од тоа искуство силно ми ги враќаа(т) сликите од моето детство во врска со делењето на правдата на натпреварите на ниво на фудбалските потсојузи.

Разликата?

На фудбалските терени често влетуваше публиката (народот) со свои „реквизити“. На „натпреварите’’ помеѓу нашите мафијаши и државните судии нема(ше) влетување на публиката во „игралиштето“ – во усмрдените судски стаи. Таму каде што некадарници си играат мајтап со раздавањето на правото, а за тоа, наместо казна, добиваат разни благодарници од политичките и бизнис-мафии: именувања, реизбори, унапредувања и директни финансиски синекури. Во прилог на впечатливоста на сликите за кои зборувам и неизабеноста на основната поента на овој текст – вазда је било тако, или во Горановата верзија, лет во место – покрај другото ќе ви раскажам и неколку вистински лични анегдоти за темава на овој осврт. Нема да наведувам примери за партиско-политичкото судство од периодот што беше амблемиран како „едно сонце – еден народ – една партија – еден вожд“. Сакавме да го напуштиме!

„МЕЃУНАРОДНИОТ ФАКТОР ВЕТИ ДЕКА ИЗБОРИТЕ ВО ВТОРИОТ КРУГ ЌЕ БИДАТ ФЕР И ДЕМОКРАТСКИ“

Во 1994 гoдина, парламентарните избори беа брутално фалсификувани. Не се работеше за локални нарушувања на изборниот процес (како во 1990 година), туку за скроен проект од врвот на тогашната власт. Жалбениот процес течеше преку ДИК (Државната изборна комисија), чијшто претседател мораше да биде судија, па потоа незадоволната страна имаше право да поднесе жалба до Врховниот суд на Македонија. Поднесовме стотици и стотици аргументирани и документирани жалби. ДИК и Врховниот суд ги отфрлаа како неосновани, без воопшто да ги разгледуваат. Така постапуваа според устен налог од оние што ги именуваа и ги избираа.

Бесен поради таквото однесување, ненајавено отидов до Врховниот суд. Чукнав на првата врата. Внатре, две познати судијки (Смичкова и Ингилизова), спокојно си муабетат. Изненадени, речиси во еден глас ме прашаа: „О, Гошев, што наваму?“ Реков: „Извинете што не се најавив, бидејќи претпоставував дека ќе бидете ‘зафатени’ со не знам што! Дојдов, вака, некултурно, да ве прашам: Зошто, ни ги одбивате нашите жалби, без воопшто да ги разгледувате аргументите и доказите, давајќи ни некаков шаблонски, бесмислен одговор?“

Добив запрепастувачки одговор: „Видете, господине Гошев, ете и меѓународниот фактор рече дека неправилностите од првиот круг на гласањето ќе бидат отстранети за вториот круг!“ „Но, ние не се жалиме на вториот круг – реков – туку на првиот. Знаете дека изборниот модел е мнозински, изборите се веќе решени во првиот круг“.

Молк!

Се свртев и си заминав. Не мислев било што да инсценирам. Сакав само ди ги погледнам в очи, да слушнам што ќе ми кажат в лице. А не беа неписмени, беа (според стручноста) далеку над мнозинството денешни судии и судијки, исто како и поголемиот број од нив во тоа време.

Ние (ДП и ВМРО-ДПМНЕ), познато е, го бојкотиравме вториот круг и покрај тоа што „меѓународниот фактор“ – амбасадорите од „европската квинта“, плус тој на САД – ме убедуваа да не го правиме тоа, зашто, ете, „крадците на изборите“ им ветиле регуларност во вториот круг. Им ги покажав флагрантните повреди на четирите закони со кои тогаш беше регулиран изборниот процес. Патем, ги информирав за следното: „Власта јавно вели дека изборите се регуларни, а само еден час пред вас, дојде посредник, кој ми рече дека е испратен ‘од врвот на власта’ со понуда: доколку се откажеме од бојкотот, ‘ни гарантираат’ нам, на ДП и на ВМРО-ДПМНЕ, по петнаесет пратенички места’’. Им реков дека посредникот не е било кој (им го соопштив името). Амбасадорите добро го познаваа. Јас само ги прашав: „Како ќе ни дадат по 15 пратеници, а изборите не се лажирани?“

Тогаш состанокот со амбасадорите заврши. Се заблагодарија на разговорот и ми рекоа дека до своите надлежни ќе го пренесат тоа што им е кажано. Нормално, набљудувачката мисија на крајот ја соопшти стандардната формулација за „банана државите“. По сеќавање: „Со извесни нерегуларности, изборите поминаа во мирна атмосфера“. Шуќур, немаше мртви! За „млада демократија“, повеќе од добро.

Избори без мртви за „младата демократија“ некогаш беа големо достигнување

 

РЕФЕРЕНДУМ НА КОЈ ГРАЃАНИТЕ ЌЕ СЕ ИЗЈАСНАТ ДАЛИ ДА СЕ НАПЛАТУВААТ ДАНОЦИ ИЛИ НЕ?

Во 1996 година, еднопартискиот парламент (како последица од фалсификуваните и бојкотираните избори во 1994 година) го предизвикавме да донесе одлука за распишување референдум, на кој граѓаните ќе се изјаснат „дали се за одржување предвремени парламентарни избори?“. Условот (според Уставот) беше (и сѐ уште е) 150.000 собрани потписи од полнолетни граѓани. Во иницијативата поттикната од мојата Демократска партија и од ВМРО-ДПМНЕ, за неполни четири дена беа собрани над 220.000 потписи. Да обезбедевме поголем број места за потпишување на граѓаните, за истиот број денови иницијативата ќе беше потпишана од над половина милион граѓани и граѓанки.

Таканаречениот „Сојуз за Македонија“, што имплицираше дека другите не се за Македонија (формиран за изборите 1994 и предводен од Киро Глигоров) одлучи Уставот да го третира како тоалетна хартија. Најпознатите правници на тогашната влада (професори од избламираниот Правен факултет при УКИМ) дење даваа изјави дека иницијативата „не е уставна“, а ноќе подготвуваа закон за поинаков начин на собирање на потписите,  за да го усвојат пред нашето доставување на потписите до Парламентот. За нивна жал, ние бевме побрзи.

Сепак, ја отфрлија иницијативата како „неуставна“. Од правните лекови, ни остана жалба до Уставниот суд. Го сторивме и тоа. Јас и Љубчо Георгиевски, во име на иницијаторите, ја образложиме претставката до Уставниот суд за тоа дека Одлуката на Собранието е противуставна. Во образложението, го реков тоа што и на врапците има беше јасно: дека парламентот требаше само да констатира дека таа е поднесена во согласност со Уставот и со важечкиот закон за граѓански иницијативи и да го одреди денот на одржувањето на референдумот.

Еден од уставните судии, тажна фигура, бранејќи ги оние што го испратиле таму, дури почна да ме прекорува, велејќи ми: „Ама, Гошев, не може вака. Вам ви текнало со 150.000 потписи да барате предвремени избори. Утре некому може да му текне на ист начин да бара да не се плаќаат даноци“. Таа „уставно-судијска“ карикатура беше Јосиф Талевски. Таму го смести СДСМ, откако пред тоа беше секретар на Владата, чиј претседател беше Црвенковски.

Го погледнав и не знаев што е потажно: судската одора на него што треба да симболизира авторитет и позиција на уставен судија, или самиот тој во неа. Му реков: „Е, Јосифе, ти си судија на Уставниот суд на државата. Си прочитал ли некој устав во светот, во кој во темелните одредби не пишува дека плаќањето даноци е задолжително, зашто без тоа нема држава? А така пишува и во нашиот, што ти изгледа не си го прочитал“. Крајниот епилог: без срам и перде, уставните судии ја одбија нашата претставка за оценка на (не)уставноста на Одлуката на Собранието на Република Македониjа, како неоснована. Зашто и другите судии (како „обични политички работници“) беа со „кастриран“, човечки и професионален дигнитет, без оглед дали знаеја нешто повеќе или помалку од именуваниот токмак и безрбетник.

ВАЛАНДОВО ДАЛЕКУ ПРЕД ПУСТЕЦ (МАЛА ПРЕСПА) – ПРАПОЧЕТОЦИТЕ НА „СПЕЦИЈАЛНИТЕ ОПЕРАЦИИ“ ЗА КРАЖБА НА ИЗБОРИТЕ

Во истата 1996 година се одржаа изборите за локалната власт. Се соочивме со натамошно збогатување на палетата „изуми“ за фалсификување на изборите. Судиите дополнително сфатија дека уставниот принцип за поделба на власта е замрзнат на неопределено време, а во духот на старата „добра“ традиција на овие простори и они ќе чекаат нивната „независност“ во процесот на раздавањето на правото и на правдата да им ја подари и гарантира некој друг. Дотогаш они само треба да бараат „сокачиња и прозорчиња“ преку кои ќе влетуваат во прегратките на некој од политичките ментори и другите влијателни босови, за да останат или да напредуваат во судската кариера. Всушност, повторно на дело го имавме силното единство на трите власти, дури и поцврсто отколку во периодот означуван како „едно сонце – една партија – еден народ“. Уво не ги болеше дали изборниот процес е регуларен или не, наспроти нивната законска обврска.

На спомнатите избори (1996 година), СДСМ, нам, на Демократската партија, ни украде неколку градоначалнички места. За да скратам, ќе опишам само два случаја: едниот во општината Карпош, другиот во општината Валандово.

Во првиот случај (Карпош), сѐ до броењето на гласовите од последните две гласачки места, нашиот кандидат д-р Михаил Гаревски (од Институтот за земјотресно инженерство) беше во водство. И, што се случи? Последните две кутии со гласовите на избирачите, наместо заедно да ги донесат до Општинската изборна комисија контролорите од избирачките места, на чуден начин тоа го направиле ангажирани лица за извршување на „специјална операција“, предводени од еден „преблизок“ пријател на судијката Бајлозова, во тој момент претседателка на Општинската изборна кимисија. На патот до Општинската изборна комисија, „специјалците“ двете кутии ги замениле со други, „подобро исполнети“. Истовремено, судијката и претседателката на Општинската изборна комисија, ги отстранила нашите претставници од процесот на заедничко броење на гласовите. И, резултатот веднаш беше пресвртен во победа на кандидатот на СДСМ.

Поголема група симпатизери на ДП и на ВМРО-ДПМНЕ втрчала на „теренот“ (во една од бараките на Општина Карпош) каде што беше сместена Општинската изборна комисија. Некој револтиран симпатизер на опозицијата ја удрил судијката по глава со држачот од некое знаменце. Откако ми јавија за тоа, скокнав до местото на настанот. Ја видов судијката расплакана и вознемирена. Ѝ кажав дека насилството не смеело да се случи (на што требало да внимаваат други органи). Сепак, во име на партијата (иако не знаев кој ја удрил)  ѝ се извинив, барајќи нашите симпатизери да излезат од просторијата. Но, ја прашав зошто ги отстранила претставниците на опозицијата при отворањето на последните кутии со гласови, а според законот не смеела. Од неа, само молк.

Во жалбената постапка  поминавме, како и во сите други случаи, „боси по трње“. Исто како и во 1994 година. Шест месеци потоа, шефот на „специјалната операција“, ангажиран од некои луѓе од СДСМ, нејзиниот „преблизок“ пријател и  мој добар познајник од терените за мал фудбал, ми ја раскажа и ми ја потврди целата операција, што де факто јас и моите соработници веќе предобро ја знаевме.

Во Валандово имавме уште поинтересен случај. Нашиот кандидат (Пеев) по финалното пребројување на гласовите извојува победа. СДСМ прибегна (преку органите што ги контролираше) кон поништување на гласањето на некои избирачки места. Ни по третото прегласување на некои гласачки места, не го надминаа водството на нашиот кандидат. Во четвртиот обид нѐ изненадија со нова „специјална операција“. Во Валандово пристигнаа четири полни автобуси, жители на Турција, од семејства кои во педесеттите и во шеесеттите години се иселиле од тој крај на Македонија. МВР Валандово експресно им издало лични карти, со нив гласаа и ни ја киднапираа победата. Повторно, нашите жалби до судските органи беа фрлени во корпа за отпадоци, а судиите уште еднаш се самопотврдија како обични политички работници на владејачката  партија.

Кога судиите се „обични политички работници“ на владејачката партија

 

ДРЖАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ „НЕНАДЛЕЖЕН“ ЗА ОДБРАНА НА ДРЖАВНИОТ КАПИТАЛ И НА ЈАВНИОТ ИНТЕРЕС!

Кон крајот на јануари 2003 годнина, Владата на Република Македонија (претседател Б. Црвенковски) усвои предлог Собранието на Македонија за Државен јавен обвинител да го избере битолчанецот Александар Прчевски. Не знам што пред тоа се случувало во кабинетот на Црвенковски – подоцна разбрав дека таквиот предлог немал едногласна поддршка од министрите на СДСМ, што на седницата не беше случај – но дознав дека за него посебно се заложил тогашниот министер за одбрана, Владо Бучковски. Кратко потоа, Прчевски беше изгласан и од Собранието.

Во месец мај 2004 година бев избран за гувернер на НБРМ. Првите денови побарав супервизорите на НБРМ да извршат вонредна контрола во „Поштенска банка“. Таа, преку процес на трансформација во периодот кога Љубчо Георгиевски беше премиер, добила статус на банка. Државата задржала удел од 33,33% плус статус на „златна акција“ (да не може да биде надгласана за важни статусни прашања од работата на Банката), останатите 66,66% им биле продадени на двајца бизнисмени – секому по 33,33%.

Ревизорите ги враќав три пати, незадоволен од извештаите што ми ги доставуваа. Третиот пат (откако го прашав директорот на Дирекцијата за супервизија дали сака и натаму да биде на тоа место) го „откриле“ тоа што тој, заедно со гувернерот пред мене, сосема добро го знаеле: приватните акционери ги „купиле“ акциите спротивно на Законот за банки. Со пари (кредит) од самата банка, што претставува кривично дело. Ги повикав приватните акционери. Ги информирав дека начинот на кој ги стекнале акциите е кривично дело и дека итно мора да се ослободат од нив, а позајмените пари од Банката да ѝ ги вратат. Вкупниот износ беше околу 3 до 4 милиони евра. Акционерите, без проблеми, ја разбраа својата позиција.

За жал, морав да поднесам и кривична пријава. Повторно ги повикав, им објаснив што морам да направам, зашто Законот тоа аподиктично го бара од гувернерот. На втората средба, со нив беше Петар Шилегов, неодамнешниот градоначалник на Скопје. Во тој момент беше претседател на Второстепената комисија за жалби за јавни набавки, кога истовремено премиер беше професорот Владо Бучковски. Го прашав зошто е тој тука, ми одговори дека бил нивен застапник. Не му реков да замине, зашто мојот кабинет не е суд. Си реков, нека слуша. Кривичната пријава против акционерите ја поднесовме до Државниот јавен обвинител – Александар Прчевски. По само седум дена, експресно ни одговори дека е ненадлежен за предметот. Всушност, се откажа од обврската на институцијата чија должност е заштита на државниот капитал. Патем, во диспозитивот на решението „нѐ подучи“ дека може да водиме „граѓанска постапка“. За Македонија (и од други активности на истиот) знаеме, за Владо Бучковски не знаеме, колку ваквата кадровска инвестиција му се исплатеше.

ДВАЈЦА „БЕСПЕРДУВНИ ДВОНОЖЦИ“, СО СВИТА ПРИДВОРНИ ПАРАЗИТИ, ЦЕЛОСНО ЈА ЗАРОБИЈА ДРЖАВАТА

Од 2006 до 2016 година, двајца „беспердувни двоножци“ – братучедите Н. Груевски и С. Мијалков – сторија сѐ да ја стават под своја контрола вкупната власт во Македонија. Да остварат тотално единство на законодавната, извршната и судската власт. „Три во едно“. Нивото од кое што продолжија (погоре наведов и некои лични искуства) и нивната систематичност и фанатична посветеност, брзо им обезбедија целосен успех. Особено во „бавчата“ на едно етички демолирано и интелектуално мувлосано општество. Во тоа сѐ, помните, не беше одамна, спаѓаа и:

  • соло мениците (prommisory notes) потпишани од кандидатите за пратеници од листата на ВМРО-ДПМНЕ, со кои, секој(а) од нив, со износи од стотици илјади евра, гарантирал(а) дека нема да ја напушти пратеничката група во текот на добиениот мандат;
  • фамозното партиско „тефтерче од кое ги полнеа судовите со некадарници за професијата кои, давајќи ја судската заклетва, раката формално ја ставаа врз Уставот, суштински врз „тефтерчето“ рецензирано од братучедите;
  • братучедската непоколебливост на сите функции да поставуваат кадри според партиски, непотистички, кронистички, симонистички и клиентелистички критериуми – „персони“ чијшто заеднички именител им беше „ампутиран личен интегритет“.

Така, братучедите на челните места во „репресивниот“ државен апарат, со свитата безрбетници, пратеничката совест под хипотека, судии кои де факто се колнат во „тефтерчето“ наместо во Уставот – ете ги основните услови за гранитно единство на трите власти под команда на еден центар, братучедската „Таргет-Тврдина“. Го сакаа под контрола, на пораздробен начин кажано (според класификацијата на Луис АлтисерLuis Althusser) целиот репресивен државен апарат: владата, администрацијата, војската, полицијата, судовите, затворите, итн. И, како што истиот автор го нарекува, целиот државен идеолошки апарат (ДИА), концепт што во современиот политички дискурс е познат како „мека моќ“: религискиот ДИА (системот на разни цркви); образовниот ДИА (системот на разни „школи“, јавни и приватни); фамилијарниот ДИА; правниот ДИА; политичкиот ДИА (политичкиот систем, вклучително разните партии); синдикалниот ДИА; информативниот ДИА (печатот, радиото и телевизијата); културниот ДИА (книжевноста, убавите уметности, спортот итн.). Но, контролата значи и надгледување, собирање документација за, „по потреба“ да се изрекуваат дисциплински мерки спрема поданиците.

ДА НЕ СЕ ЗАБОРАВАТ „ГОЛЕМОТО УВО“ И ОПЕСИЈАТА СО „ЕДИНСТВЕНАТА СТРАЖА“!

Па така, „бомбастично“ дознавме дека ја „усовршиле“ алатката – користена од „од кад је кика и вијека“ (што би рекле Црногорците) – колоквијално нарекувана „Големото уво“: тајно ги следеле (прислушкувале) и документирале разговорите на илјадници граѓани – политички конкуренти, бизнисмени, новинари, странски дипломати и други, заборавајќи дека се снимаат и самите себеси.

Од што братучедите се инспирирале за вака широк атак врз правата и слободите на граѓаните?

Од сознанијата за „добрите“ искуства на старата УДБ-а, што вршителите на новава гнасна работа толку многу ја мразеа (барем декларативно), што панаѓурски и со задоволство лустрираа нејзини соработници, не малку, а на некои и без основ им ја накалемија таквата стигма? Или, пак, како „длабоки философски мислители и теоретичари на општеството“, сакале да продолжат таму каде што застанал англиски философ и социјален теоретичар од 18 век Џереми Бентам (Jeremy Bentham), кој, целиот свој работен век сакал, но не успеал да ја реализира својата опсесивна идеја: да изгради затвор – здание во форма на ротонда, во средината  вградена „набљудувачка кула“ (паноптикум), од каде единствена стража може да ги надгледува сите затвореници, без тие да знаат дали се набљудувани цело време, но, секако да мислат дека се без прекин под надзор?

Патем, Бентам сакал да биде и управник на еден таков затвор.

Откако на крајот сé дознавме, не звучи воопшто парадоксално дека ни едниот ни другиот извор им биле инспирацијата на „ нашите братучеди. Зошто?

УДБ-ашите долго верувале (некои до крајот на својот живот) дека на тој начин се во служба на државата; дека го чуваат „најдобро осмислениот општествено економски и политички систем во историјата на човештвото“.

Џереми Бентам, пак, верувал дека дизајнирал здание што овозможува „совршен“ „економичен“ и „ефективен“ надзор над затворениците, што самиот го опишал како „нова метода за воспоставување надмоќ на еден ум над друг, што достигнала најголеми размери досега“. Тој мислел дека ваквиот систем може да се примени и во болниците, училиштата, санаториумите, во камповите за азиланти… И, што е клучно, за својот (затворски) паноптикум бил мотивиран од неговата утилитаријанистичка филозофска доктрина, според која актот/дејствието е прифатлив(о) ако од тоа има утилитет (полза) мнозинството, независно какви последици трпат другите луѓе. Идеја којашто, без престанок, оправдано е критикувана до денешни дни.

На пример, во 1965 година, таа идеја на американската историчарка Гертруда Химелфарб (Gertrude Himmelfarb) ѝ послужила за есејот насловен „Проколнатата куќа на Џереми Бентам“ („A haunted house of Jeremy Bentham’’); во 1975 на Мишел Фуко (Michel Foucult) за трудот „Надзор  и казна: раѓањето на затворот“ („Surveiller et punir: Naissance de la prizon“), во кој паноптикум-моделот го користи како метафора за современото општество кое создава свест за постојан надзор над животот на неговите членови и во кое повеќе не се потребни „синџири и катанци“ за демонстрирање доминација на системот над поединецот; на Џорџ Драфан (George Draffan) и Дерик Џенсен (Derrik Jensen) во 2004 („Welcome to the machine: science, surveillance and the culture of control“) за да покажат како нашето општество се движи кон „Паноптикон држави“ (со биометриските пасоши, чиповите во стоките за широка потрошувачка, нано-технологијата во медицината, употребата на психоактивни супстанци итн).

Нашите братучеди, очебијно, не се измачувале со такви софистицирани идеи. По менталитет арамии и измамници, како да биле мотивирани од „делата“ на „славните“ Ал Капоне, Пабло Ескобар и слични. Сѐ подредиле на нивните најниски страсти: на парите и моќта, до патолошки димензии, прикривано, додека можеше, со најевтини флоскули за „патриотизам“, за неизмерна „љубов кон татковината“. Тие не изградија од далеку видлива ротонда со „набљудувачка кула“ за надзор над затвореници, болни, ученици…, водени од промисла (колку и да била погрешна) да изградат поекономичен и поефикасен систем во полза на мнозинството граѓани. Според „специјалните судијки“, изградиле „Тврдина“, но според мене, посоодветно, „Бункер“ од времето на „Студената војна“. Мрачно подземје во служба на нивната неограничена алчност. „Монструм“ за контрола на сечија активност (политичка, економска), за која би процениле дека ги загрозува нивните планови за неограничена акумулација на лично богатство. Особено контролата над судството мораше да биде дел од таквите планови.

Кога контролата на сечија активност станува опсесија, сите средства се дозволени

 

ИЗГРАДБАТА НА АКЦИОНЕРСТВО ДРУШТВО СО НЕОГРАНИЧЕНА НЕОДГОВОРНОСТ – АД „МАКЕДОНИЈА ВЕЧНА“

Што се случи по заробувањето на државата? Многу гнасотии!

Ќе се задржиме на некои.

  • Наместо европска демократска држава во функција на економија базирана на знаење, организирана во мноштво модерни пазарни акционерски друштва со неограничена одговорност, мала и ефикасна администрација; стапки на просечен годишен економски раст од најмалку 5-7%, братучедите изградија акционерско друштво со неограничена неодговорност – АД „Македонија вечна“. Во него самите партиципираа со 51% од акциите (го зграпчија контролниот пакет), додека Али Ахмети, во тој период го прибра остатокот, при што вториов (итро) сам одредуваше кога своите акции ќе ги третира како обични, кога како преференцијални.
  • На народот му остана статусот наемна работна сила, без суштинско право дури и на синдикално организирање. Затоа, реномираните странски рејтинг институции за проценување на нивото на демократијата во државите, оправдано нé сместија во фасциклата заробени држави. Исчезнаа и последните остатоци и зародишни рожби на механизмите за отчетност и одговорност на кое било ниво на вршењето на функциите на власта.
  • Јавниот долг почна да расте со невидена динамика. Да има што повеќе да „испраќаат“ на своите сметки. Ја менуваа и дефиницијата за јавен долг – спротивно на меѓународната – за да ја мамат јавноста дека е на пониско од стварното ниво. Крајбрежјата на нашите езера, реки, подножјата на нашите планини, нашите плоштади и нашите паркови станаа нивни градежни парцели и кастински населби за живот. Делеа државни субвенции за намалување на земјоделското производството во замена за повеќе гласови на партиските листи. Истураа пари во пропагандни медиуми, ги гаснеа критички ориентираните. Се обидоа да инсталираат слободна финансиска зона во државата, вон надлежноста на домашното законодавство – за да ги „исперат“ и сместат своите валкани пари без одговорност.
  • Во еден момент, направија чекори за преместување на државните девизни резерви од стандардните, логични, безбедни сметки во западните држави, кон некои источни дестинации. Се обидоа да ѝ ја одземат супервизорската функција на НБРМ за да ја стават целосно под нивен политички патронат, за среќа беа оневозможени.
  • Потрошија повеќе од 1 милијарда евра за „Скопје 2014“, како обид за замена на доминантните идентитетски особености на македонскиот народ со други, но и како проект од кој може дополнително да ги наполнат своите лични конта.
  • Станаа апсолутно недопирливи за правдата. Самите беа и тужители и судии. Станаа богови, а на боговите не им се суди. Вршеа апсења со филмска режија, повредувајќи ја пресумпцијата на невиност, глумејќи казнивост во системот. Разни медиокритети, морални ништавила и евтини конкубини облечени во  судски одори, ги соопштуваа затворските казни (главно за оние без акции во АД „Македонија вечна“) суштински измерени и изречени надвор од усмрдените судски стаи.

ЗАРОБЕНАТА ДРЖАВА КОЛАБИРАШЕ – ЗАМИСЛЕТЕ! – ВО РАЦЕТЕ НА ПАТРИОТИТЕ

Само на будалите и на заслепените од власта и моќта не им беше јасно дека „заробената држава“ секој момент може да колабира. За да ги одбранат стекнатите привилегии и избегнат последиците од начинот на кој до нив стигнаа, братучедите влегуваа од грешка во грешка.

„Гангстерската патологија“ ги втурна во два обиди за државен удар и еден изрежиран вооружен напад врз Македонија.

  • На 24 декември 2012 година опозицијата и новинарите, со полициски сили, незаконски и брутално насилнички беа исфрлени од парламентот. Целта? Да не им биде (филибастерски) блокирано усвојувањето на Буџетот, што предвидуваше голем износ на ново задолжување во странство. Пари, што им беа потребни да го продолжат шизофреничниот проект „Скопје-2014“, да продолжат со корупцијата и да обезбедат „логистика“ за купување на наредните избори. Тоа беше првата форма на државен удар.
  • На 9 февруари 2015 година, Зоран Заев почна да ги објавува незаконски снимените разговори што власта ги вршела од својата специјално опремена „Тврдина“, откако, пред тоа, некој наивно го советувал да му каже на Груевски со што располага, па, тој мирно да си замине од власта, со ветување дека „ни лук јал, ни лук мирисал“. Објавите течеа, јавноста зината, електрицитетот кај политички „поочакалените“ се зголемуваше. Се множеа протестите, растеше гневот во општеството.
  • И ете, на 9 и 10 мај 2015 година, „случајно“ почнува вооружен судир (мала војна) помеѓу македонските специјални полициски сили и „инфилтрирана“ тероростичка вооружена група Албанци, која, внимавајте, „подолго време била забункерирана“ во кумановската населба Диво насеље. Билансот: 8 убиени и 37 тешко ранети припадници на нашите сили, насанкани да влезат во судир без некој претходно да им објасни што ги чека на местото на судирот, без да знаат дека снајперите на групата „терористи“ ги чекаат на нишан и за што точно се работи.

Само два дена потоа (12. 05. 2015 година), откако „нашите победија“, оставки од своите функции „поднесоа“ министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, директорот на УБК Сашо Мијалков и министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески. Оставките (откако ги „посетија“ во нивните работни кабинети) им ги изнудија САД и ЕУ преку нивните амбасадори во нашата држава. Им посочиле аргументи што било многу ризично да ги негираат. Така, министрите патриотите беа сменети од „хомосексуалниот Запад“, од „педерите’’. Остана тајна зошто сменетите не се дел од соодветниот судски процес (и „оној“ што често не е на лице место на злосторството, но раководи од заднината).

Остана тајна, кој ја плати (не со животити, тоа го знаеме) туку со пари таа „мала“ војна, за да се потиснат и заборават злоделата на братучедите и нивната братија што почнаа да испливуваат на површина како фекалиите во загадениот Вардар. Остана тајна дали Македонија некогаш ќе има јавни обвинители, судство, полиција што ќе водат сметка за безбедноста на државата и вакви настани, поради нејзината иднина, нема да може никој да ги посипува со пепел. Остана тајна, кој и зошто издал налог за молк по таквите прашања?

МЕЃУНАРОДНИТЕ СТАРАТЕЛИ СПРЕЧИЈА ИНТРА-МАКЕДОНСКИ И МОЖЕБИ НОВ МЕЃУЕТНИЧКИ СУДИР ВО ДРЖАВАТА

Исклоцувањето од функциите на двата министри во Владата на Груевски и на директорот на ДБК (извршено од нашите меѓународни старатели) беше само почеток на расплетот на кризата на државата „заробена“ од братучедите и од Али Ахмети. Ако нашата јавност не знаеше како се случи настанот во „Диво Насеље“, САД и „Европската Квинта“ знаеја. Затоа се вмешаа да спречат „интрамакедонски судир’’ и евентуално нов меѓуетнички конфликт.

На 2 јули 2015., во населбата Пржино (Скопје) дипломатите на САД и ЕУ, ги присилија главните парламентари партии да потпишат Договор за разрешување на политичката криза. Главните директиви на Договорот беа:

  • СДСМ, на 01.09.2015, да се врати во Парламентот;
  • На 20.10.2015, да се вклучи во постојната влада со неколку министри и заменици министри, со технички овластувања.
  • На 15.09. 2015 Судскиот совет да именува Специјален обвинител за потенцијалните кривични дела кои произлегуваат и се во врска со нелегално снимените разговори.
  • На 15.01.2016 да биде избрана нова влада (по претходна оставка на актуелниот премиер Груевски) со мандат од 100 дена пред наложените вонредни парламентарни избори што треба да се одржат на 24 април 2016.

Некои од роковите беа пробиени незначително, за изборите најмногу. Предвремените парламентарни избори се одржаа на 11 декември 2016.

Изборните резултати (со сета помош за СДСМ од „шарените револуционери“) беа, сепак, такви што само со жестокиот притисок од САД и ЕУ братучедите беа исфрлени од повторно формирање Влада со корумпираниот тим на Алија Ахмети. Вториот не можеше да ги „собори“ аргументите на странците. Мораше да му сврти грб на заедничкиот партнер во дотогашното заробување на државата.

ЖИЛАВИ БРАТУЧЕДИ ИЛИ „МЕКОТЕЛНО“ ТКИВО НА „ПРОГРЕСИВНИТЕ СУБЈЕКТИВНИ СИЛИ“?

Но, братучедите не се предаваа. Им беше повеќе од јасно какви траги оставиле зад себе.

На денот на конституирањето на новата власт (4 ипол месеци по изборите, односно на 27.04.2017) од страна на насанкани и наивни самодекларирани патриоти, беше нападнато Собранието на Република Македонија. Целта: да се спречи „предавството“, всушност легалниот и легитимен трансфер на власта. Јавноста (домашна и надворешна) ги виде грозните слики од демолирањето на Парламентот, полумртвиот Зијадин Села, раскрвавеното лице на водачот на социјалдемократите. Но, главните организатори на државниот пуч во обид, повторно ниту во последните редови, туку скриени во некои „мајчини скутови“. Во, или зад границите на осакатената држава.

Така, декадата на најавената севкупна „преродба“ (економска, идентитетско-културолошка) заврши со целосно фијаско: нов крах и на онака слабите институции, помеѓу нив нова, грандиозна, бламажа на судството што ќе продолжи со јаловите судски процеси за криминалот на братучедите и на нивните содружници.

„ДРЖАВОТВОРЦИТЕ“ ДОБИЈА ПРИЛИКА ДА ЈА ИЗВЛЕЧАТ ДРЖАВАТА ОД КОМАТОЗНАТА СОСТОЈБА – АМА СО КОГО?!

Државотворците – државотворци според критериумите на нивните предраги мајки – повторно добија прилика за обнова на разрушената држава“. Да го исправат малку на нозе ничкосаното судство; да воспостават уставни релации помеѓу трите власти; да покажат дека отсега натаму криминалот нема да биде најисплатливата дејност во Македонија, а партиската книшка Аладинова лампа за сместување во јавниот сектор. Да испратат барем некаков сигнал кон младите (зошто само кон нив) дека вреди да се учи, да се стекнуваат вештини, дека најмногу вредат луѓето со интегритет (човечки и професионален) зашто само таквите можат општеството да го туркаат напред.

Со кого тргнаа во враќањето на правдата – зашто без тоа нема(ло) мир – во расчистувањето на криминалот, во враќањето на ограбеното и во градењето на „едно општество за сите?“

  • Со Зоран Заев, кој формално беше избран за претседател на СДСМ, а суштински ја купи финансиски ничкосаната и кадровски испостена партија. Зашто, во тој период, беше еден од ретките од партијата на некоја јавна функција: градоначалник на Струмица, една  од побогатите општини, функција која можеше „чесно“ да ја материјализира за себе и за „законско“ финансирање на партијата.
  • Со Заев, благородниот христијански верник, кој по „2 часа, 17 минути и 27 секунди“ седење во кафеана, ги испрати „шарените револуционери“ (оние што многу помогнаа да дојде на власт) во п..ка им мај….на! Ковачевски и Пендаровски не ги вратија оттаму назад!
  • Никому во таа партија не му пречеше што тој беше аболициран престапник, со кој (здружени) „ќе се борат“ против ендемската корупција во државата. Никој „не знаеше“ за неговата леплива рака за „книжни френки“. Ни тој ни Партијата не се чувствуваа непријатно Груевски да го нарекуваат криминалец (што е факт) служејќи се и со слушнатото од „незаконски“ снимените разговори, а за него (за З. Заев) постоеја, покрај другото, снимени разговори врз основа на судски одобрени посебни истражни мерки, од кои јасно се гледа и слуша како експлицитно бара поткуп од „рекетираниот“ бизнисмен – по едно евро (од квадратен метар градежно земјиште) за Вицето (неговиот брат) и за црквата итн. Колкав е бројот на луѓето од кои овој политички кловн зел поткуп? Како цела Струмица знае(ше) – не само Струмица – со колку материјални аквизиции се стекна семејството Заеви и на каков начин, токму додека беше градоначалник, а петте обвинители од струмичкото ОЈО (и не само тие) никогаш не мрднаа со прст да истражат било што? Се плашеа дека им треба цел годишен одмор само списокот да го состават или пак нешто друго било во прашање?

СИОТ ПЛЕН Е НАШ – НИКОЈ НЕ СМЕЕ ДА СЕ ИНФИЛТРИРА ВО НАШИТЕ РЕДОВИ!

Никој ли во СДСМ (и во надлежните државни органи), откако Заев стана премиер, не знаеше на кој начин семејството Заеви влезе во десетици и десетици сомнителни милионски (во евра) бизниси, дека донесе во Републиката разни белосветски криминалци, ставајќи некои од нив отворено и на платните списоци на државата и давајќи им вносни бизниси на штета на домашните компании и искубаните јавни финансии? Никој ли во партијата не знаеше пред тоа кој е Рашковски, која е Нина Ангеловска, Кочо Анѓушев и многу други слични на нив, што добија клучни функции за „опредметување“ на „социјалдемократската“ парадигма на партијата – „заштита на сиромашните“, „враќање на средната класа“, „прогресивно оданочување на богатите“ – парадигма одамна однесена од ветровите?

Колкупати овие и многу неспомнати влетаа во „состојба на конфликт на интереси“, а колкупати СДСМ („државотворна“ партија) расправаше за тоа и ѝ соопшти на јавноста дека такви работи не поминуваат во нејзините редови? Имало ли СДСМ, било кога, точка на дневен ред „како и кому нејзините избрани функционери делат  државна помош, во годишни износи кои се скоро на ниво на едногодишна исплата на пензиите од ПИОМ?

Кој од јавните обвинители, како заштитници на државниот капитал, пари, јавен интерес (по службена должност), погледнал што било во врска со ова  во валканите бизниси на Заеви за кои јавноста бруеше, а врапците на гранките се кикотеа? Чувствува ли партијата одговорност (бидејќи е предводник во извршната, законодавната власт) за изгорените 14 пациенти во „модуларната“ ковид-болница во Тетово, за загинатите во автобуските несреќи – 16 кај Ласкарци, 46 кај Перник (Бугарија) превезувани со автобуси на компании на кои „власта им гледала низ  прсти“, кога се во прашање безбедносните стандарди? И што, по толку време, нема утврдено одговорност (од судството) за наведените несреќи. „Надлежните органи го решаваат тоа?“ Чии и до кога?

Се сеќава ли СДСМ (пред доаѓањево на власт) какви забелешки  имаше на кандидатите за судии за сите видови судови, исто и за јавни обвинители што ВМРО-ДПМНЕ ги протуркуваше преку Собранието додека беше на власт? Ги поправи ли СДСМ критериумите за истите откако е на власт? Го слуша ли СДСМ лелекот на гладните и на болните во Македонија, поради истите непотистички, клиентелистички, кронистички, симонистички критериуми за полнење на администрацијата, со иста намера, како претходниците: сé да биде под „наша контрола“! Сиот плен да е наш! Јавното да биде партиско или на „нашата тајфа“! Никој што е лојален на државата, на професијата и што поседува трошка интегритет да не нѝ се „инфилтрира“ во „нашите“ редови. Да не се наруши „вообичаеното“, similis simili gaudet (сличен на сличниот му се радува) или да се загрози омерта-та (Code of silence) на мафијата.

Се сеќава ли СДСМ какви забелешки имаше на кандидатите за судии за сите видови судови, исто и за јавни обвинители, што ВМРО-ДПМНЕ ги протуркуваше преку Собранието додека беше на власт? Ги поправи ли СДСМ критериумите за истите откако е на власт? Го слуша ли СДСМ лелекот на гладните и на болните во Македонија, поради истите непотистички, клиентелистички, кронистички, симонистички критериуми за полнење на администрацијата, со иста намера, како претходниците: - сиот плен да е наш?!

Петар Гошев Економист, поранешен претседател на СКМ-ПДП и на Демократската партија

АХМЕТИ СО ГРУЕВСКИ ДИПЛОМИРАШЕ, СО ЗАЕВ ДОКТОРИРАШЕ, СО КОВАЧЕВСКИ ЌЕ СТАНЕ АКАДЕМИК И МНОЗИНСКИ АКЦИОНЕР НА АД „МАКЕДОНИЈА ВЕЧНА“

Ете затоа „двојката братучеди“ брзо доживеа реинкарнација во сложната „братската двојка“ плус братучедот Трајче – да не шириме понатаму.

  • Со Алија Ахмети кој, не по вина на СДСМ, не можеше да биде избегнат, но можеше да биде законски малку „поврамен“ ако „браќата Заеви“ (со сите помагачи) веднаш не покажаа колку и они се „business oriented“.
  • Со Ахмети кој е соодговорен за сѐ што се случи во времето на братучедите; кој неуморно работи на интеграција на Албанците, но со дезинтегративни последици врз Македонија (со голема помош од некадарните и корумпирани функционери – етнички Македонци);
  • Со Ахмети, кој, со својата партиска и клиентелистичка тајфа, ги ограбува сите, така што на крајот „интегрираните“ Албанци ќе можат да јадат само од неговата рака. Тоа што ќе им даде, или, пак      ќе фатат џаде, заедно со сите пристојни Македонци, Албанци и сите други, што води надвор од „интегрираниот паноптикален логор“. Процес кој интензивно трае веќе три децении.
  • Со Ахмети, кој за време на Груевски дипломираше на темата „Заробување држава“, со Заев докторираше, со Ковачевски ќе стане член на МАНУ за „придонесот“ во таа област. Кој, слушаме, се стекнал со материјално богатство да му позавидат дури и некои руски олигарси.
  • Со Ахмети, кој, во меѓувреме,  од   малцински   стана   мнозински   акционер   во   АД „Македонија вечна“. Па, можеби, затоа со леснотија изјавува дека „судбината на Македонија зависи од Албанците“ (а можеби мисли и само лично од него), па почна да ја пее онаа српската (само на албански) – „Не може нам нико ништа, јачи смо од судбине!“
  • Со Ахмети, кој почнува да му брца во окото на „Џандарот“ (фалејќи се од митинг до митинг за сопственото големо војсководство) што најдобро знае кој ги „потсреди“ работите во Западен Балкан да изгледаат вака како што се денес.

Епизодна, иако не и безначајна ролја во оваа драма има и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, жената со прескудно образование, со „џиш“ менталитет на провинцијалка и со леплива рака на секакви видови синекури.

  • Катица Јанева, која на прв поглед „се вљуби во Зоки и Боки“ (а за кратко и тие во неа);
  • Таа што потроши многу јавни пари од сиромашните граѓани на Македонија и од даночните обврзници на „Џандарот“ (САД);
  • Taa што ноќе влезе таму каде што не ѝ беше местото, што брзо плукна врз надежта за правда, а дење отиде таму за каде што е родена.

Но, таа што за жал има многу двојници кои го запоседнуваат целото судство, зад кои стојат реинкарнирани „братучеди“, реинкарнирани „браќа“ и, засега вечниот Ахмети, со својата „интегративистичка“, зелена (или зеленашка) и истовремено „ветинг партија“, која поради „напредните идеи“ сѐ уште е наша судбина.

И, што сега?

Прашува Констракта!

Политиката мора да е здрава, здрава!

Судството мора да е здраво, здраво!

А тие се многу, многу нездрави!

Македонија е нападната од роеви големи скакулци. Глодаат во  неа сѐ што е зелено! Пестицид за нив сѐ уште нема!

Дали над Македонија кружи сеништето на дисолуцијата?

Ме „охрабрува“ што секој ден водиме дебата со Џамбаски!

Џамбази од оваа страна, џамбази од другата страна!

Подобри од постојните немаме, полоши не можеме да најдеме!

Ќе имаме ли време за нешто друго?

Поврзани содржини