Васил Гарванлиев останува претставник на Македонија за Евровизија и годинава
Со оглед на непредвидливата состојба со корона вирусот, а со цел да го осигура одржувањето на шоуто, ЕБУ подготви четири можни сценарија, кои ќе овозможат непречено одвивање на натпреварот дури и ако се неопходни промени во последен момент.
Македонската радио телевизија одлучи минатогодишниот претставник Васил Гарванлиев и годинава да ја претставува Северна Македонија на Евровизија 2021. Одлуката е донесена според јасно утврдените правила од страна на ЕБУ кои ги обврзуваат националните радиодифузери да селектираат нова песна за Евровизија 2021, а самите да донесат одлука дали минатогодишниот претставник ќе остане истиот и годинава.
Бројот на земји учеснички за Евровизија 2021 е идентичен како и за претходната, која за жал не се одржа поради светската пандемија со новиот корона вирус и беше заменета со алтернативно музичко шоу.
Четириесет и една земја веќе се подготвуваат за Евровизија 2021, за која се предвидени две полуфинални и една финална вечер, закажани за 18, 20 и 22 мај во арената Ахој, во Ротердам, а повеќе од дваесет земји ги потврдија истите учесници селектирани од минатата година.
Со оглед на непредвидливата состојба со корона вирусот, а со цел да го осигура одржувањето на шоуто, ЕБУ подготви четири можни сценарија, кои ќе овозможат непречено одвивање на натпреварот дури и ако се неопходни промени во последен момент. Тоа може да подразбира одржување на шоу со примена на протоколи за социјална дистанца и лимитиран број на публика, интернационален прес и членови на делегациите.
Без оглед на тоа дали ќе биде можно или не патување и присуство на делегациите во мај во Ротердам, сите земји учеснички имаат обврска претходно да обезбедат снимка од настап во живо на својот претставник, кој во секој момент ќе им биде на располагање на организаторите за емитување.
Македонската радио телевизија ќе почне да избира нова песна за Васил Гарванлиев и ги повикува сите заинтересирани страни да ги понудат своите музички проекти на следната е-маил адреса: [email protected], најдоцна до 27-ти јануари 2021 година.
Демо снимката со максимално времетраење до 3 минути, според евровизиските пропозиции, треба да е квалитетно изработена, со разбирлива вокална и хармонска линија.
Јавниот повик е достапен на веб страницата на МРТ, преку следниот линк: http://mrt.com.mk/node/60250