ВАШИНГТОН Е ЗАГРИЖЕН ПОРАДИ ХУМАНИТАРНАТА КРИЗА ВО ГАЗА Загинаа 50 лица во нов израелски напад

САД не се имуни или на кој било начин нечувствителни на страдањето на луѓето во Газа, каде не е доставена хуманитарна помош од 2 март, наведе државниот секретар на САД, Марко Рубио.

51

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, по разговорот со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека Вашингтон е загрижен поради хуманитарната ситуација во Појасот Газа.

– САД не се имуни или на кој било начин нечувствителни на страдањето на луѓето во Газа, каде не е доставена хуманитарна помош од 2 март – наведе Рубио.






Тој го повтори ставот на администрацијата на САД дека милитантите од Хамас се виновни за ситуацијата во палестинската енклава.

– Мислиме дека со елиминација на Хамас ќе се постигне мир. Вознемирени сме поради хуманитарната ситуација – посочи Рубио.

Рубио се осврна и на Хуманитарната фондација за Газа, која е поддржана од САД и од Израел и која треба да почне да работи до крајот на месецот.

Фондацијата би овозможила луѓето да добијат хуманитарна помош, а Хамас да не ја украде.

– Ќе продолжиме конструктивно и продуктивно да работиме на тоа – посочи Рубио.

Обединети нации вчера соопштија дека нема да учествуваат во хуманитарната операција во Појасот Газа, поддржана од САД, бидејќи не е непристрасна, неутрална или независна. Додека Израел вети дека ќе ја олесни дистрибуцијата без да учествува во испораката на помош.

Загинаа 50 луѓе во израелскиот напад врз Газа

Во меѓувреме, Цивилната одбрана на Појасот Газа објави дека во израелскиот напад врз палестинската енклава загинале најмалку 50 луѓе.

– Билансот на израелското бомбардирање врз Појасот Газа е најмалку 50 загинати – изјави директорот на Цивилната одбрана Мохамед ал Могаир, додавајќи оти продолжува потрагата по преживеаните под урнатите.

Лекар во индонезиската болница во Беиг Лахи истакна дека во болницата се примени 30 безживотни тела. Вршителот на должност директор на болницата Ал Авда во Џабалија наведе дека болницата примила 5 тела и над 75 повредени.

Израелските напади врз северниот дел на Појасот Газа продолжуваат и денеска. Синоќа, во четвртокот, израелската армија повеќе часа бомбардираше цели во Појасот Газа, а утрово Палестинците го напушта бегалскиот камп Џабалија и градот Беит Лахија.

Поврзани содржини