„ВАРДАРСКА ДОЛИНА Е КОЛОСЕК НА НАШАТА ИДНИНА“ Инженерите бараат трасата на брзата пруга да не го загрози енергетскиот проект
Според Здружението потенцијалот на овој проект „Вардарска долина“ ќе биде загрозен, ако трасата на брзата пруга се реализира по постоечкиот колосек, со што ќе ја исклучи можноста за развој на хидроенергетските капацитети во Вардарската долина.
Здружението Инженери на Република Македонија бара да се исклучи можноста трасата на идната брза железничка пруга да поминува низ просторот резервиран за реализација на енергетскиот проект „Вардарска долина“.
Како што соопштија од Здружението тие упатиле претставка до Владата и до Министерството за транспорт.
Според Здружението потенцијалот на овој проект „Вардарска долина“ ќе биде загрозен, ако трасата на брзата пруга се реализира по постоечкиот колосек, со што ќе ја исклучи можноста за развој на хидроенергетските капацитети во Вардарската долина.
„Ова не е само техничко прашање, туку морална и еколошка одговорност да не им го одземеме правото на идните генерации да ја користат енергијата и придобивките од акумулациите што Вардарската долина може да ги понуди. Ние, како општество, мораме да ги зачуваме сите опции за развој и користење на природните ресурси на најодржлив можен начин. Затоа цениме дека трасата на брзата пруга може да биде адаптирана на локации каде би ги зачувала просторните можности на Вардарската долина овозможувајќи притоа истовремено и модерна транспортна инфраструктура и развој на хидроенергетиката“, се наведува во соопштението.
Од Здружението потсетуваат колкава е важноста на овој енергетски проект за земјата
„Дванаесетте хидроелектрани планирани во оваа регија не се само инфраструктурни проекти – тие се стратешки столб на домашната економија, извор на чиста, зелена енергија и значителен потенцијал за раст и просперитет на Македонија. Изградбата на хидроцентралите во „Вардарската долина” ќе донесат многу економски придобивки. Тие ќе овозможат значително намалување на зависноста од фосилните горива, ќе ја зајакнат енергетската безбедност на земјата, акумулациите и системите за наводнување ќе го зголемат приносот во земјоделството, ќе се обезбеди стабилно управување со водните ресурси и заштита од поплави, а ќе се обезбеди и заштита на плодното земјиште преку намалување на ерозијата“, се вели во соопштението.