Валентина Дисоска: Економското јакнење на жените е win-win за сите

Жените не се доволно информирани и информациите не стигнуваат лесно до нив. Од истражувањето на Здружението на бизнис жени произлезе дека жените покрај професионалниот ангажман се многу повеќе ангажирани со домашните обврски и тоа не им остава многу време да ги следат сите информации кои се пласираат.

499

Валентина Дисоска е претседателка на Здружението на бизнис жени во Македонија. Веќе втора деценија работи на еконономско јакнење на жените и верува дека само така може да имаме силна економија и помала невработеност. Креаторка е на Националната платформа за женско претприемништво, проект кофинасиран од ЕУ, со кој треба да се се обединат сите активни чинители во јакнењето на женското претприемништво.

Работите на јакнење на женското претприемништво, зошто е потребно да се работи на ова поле, нели претприемништвото е исто и за мажите и за жените?






– Се работи за принцип на позитивна дискриминација. За работите кои не се познати и не се препознаени како важни потребно е да креира свесност заради поттикнување и придвижување на работите. Позитивна дискриминација се случува и со иновативноста, која сега на големо се промовира, нештата мора да се промовираат да им се овозможат услови да растат за на крај да ги видиме резултатите.

Ако им овозможиме доволно услови на жените да влезат во претприемништвото, за неколку години ќе имаме јака економија, намалена невработеност, поголемо учество на пазарот на труд, зајакнати семејни заедници, среќно и здраво детство на најмладите. Сето тоа е систем на поврзани садови, затоа е многу важно да се работи на оваа проблематика.

Откаде и како да се почне со промените на ова поле?

– Ние чекорите за правење промени, ги почнавме, со изготвувањето на Националната стратегија за развој на женско претприемништво. Во неа точно се наведени четирите главни столба, на кои е потребно да се работи за да имаме резултати. На пример, многу важно е да имаме родово поделена статистика, ако не на сите полиња, барем во врска со информациите за компаниите, за да видиме дали има раст или пад во работењето, да ги видиме силните и слаби страни и во кој сегмент треба да се овозможат подобри услови. Вака без статистички податоци „Креираме одлични политики со неточни податоци“ . Препознавањето на темата, едукацијата за претприемништво, како и фондовите, исто така се дел од националната стратегија.

На какви сѐ „сцили и хариби“ налетавте во процесот на јакнење на женското претприемништво?

– Ова прашање ме насмеа но и ме замисли. Навистина се појавуваат од време на време различни закани и препреки, но тоа не ми претставува голема тешкотија, затоа што знам дека работам за вистинска и добра кауза. Најчесто гледам дека препреките се поради непознавање и непрепознавање на проблематиката, како и немање фокус за економските прашања, особено за родовото третирање во тој сегмент. На тоа одговарам со информација и едукација. Темата за економско јакнење на жената е win-win за сите засегнати страни, но ако се препознае. Непрепознавањето на работата на здруженијата, институциите и слично е почнување на процесот одново и тоа го сметам за закана и пречка. Ние за жал, немаме бази на податоци за претходно сработените проекти и за веќе завршени активности, за проекти кои се повторуваат, без да знаат донаторите и организациите и тоа го сметам како голема пречка. Им препорачувам на сите кои сакаат да работат на оваа проблематика, да видат што е претходно сработено, за да не ги повторуваат активностите. Мора да чекориме напред и тоа со големи чекори.

Општ впечаток е дека земјата сѐ уште се соочува со сериозни предизвици поврзани со родовата еднаквост и застапеност на жените во јавни политики. Што е сработено, а што треба да се сработи?

– На оваа проблематика се работи долги години, се сеќавам дека во деведесетите СОЖМ и други организации потоа, работеа на зајакнување на позицијата на жените во политиката, за квотата на жени во парламентот, па за зголемување на бројот на жени парламентарки од 30% на 40%, а во меѓувреме се сработија уште многу други проекти, но не напредуваме многу. Тоа, за жал, според мене, е резултат на начинот на кој се разбира и работи политикава во нашава држава, а не до жените и нивните способности.

Она што сметам дека треба да се сработи е да и се даде еден друг тек на политиката. Да направиме политиката и политичарите да му служат на народот и да не биде важно од која политичка партија или крило некој потекнува, туку да се согледаат повисоките цели и чесно да се работи истите да се постигнат. Тогаш, сметам дека жените, ќе имаат поголем интерес да се вклучат во политиката, затоа што тие сакаат подобро општество, а послабо се снаоѓаат во дневно почитичките превирања, кои траат со децении во нашата земја.

Мажите се три пати повеќе на јавни позиции. Само 4 отсто жени се на раководни позиции во приватниот сектор, тие се за 17,9 отсто помалку платени. Зошто е тоа така?

– Според едно наше истражување, на менаџерските позиции во стоте најдобри компании кои котираат на берзата, на менаџерските позиции се вкупно 4 отсто жени. Тука се соочуваме со „стаклениот таван“ и непрепознавање на жената како топ менаџер, туку како извршувач на работите, што може да се види од бројот на жените на извршните позиции. Тоа повторно е последица од начинот на водење на бизнисите и политиката. Според одредени истражувања, ако се смени пристапот формите може да имаат далеку поголеми резултати.

Од истражувањата за родова нееднаквост во платите, произлегува дека во приватниот сектор имаме 17,9% разлика во платите за иста работна позиција. Во јавниот сектор таква дискриминација не постои, затоа што таму критериумите не се интуитивни како во приватиниот сектор. Напротив, се работи по одредени параметри, се мери сработеното и резултатите.

Со проблемот на помали плати се среќаваме секојдневно. Затоа ги советувам жените да се борат и цврсто да стојат зад својата стручност, кога преговараат да плата. Само така ќе се избориме со родовиот дисбаланс во платите.

Направивте „Национална платформа за женско претпреимништво“ со цел се вклучат сите активни чинители во процесот на јакнење на женското претпримеништво. Кажете ни повеќе за целите на проектот?

– Преку проектот „Национална платформа за јакнење на женското претприемништво“ кој е кофинансиран од ЕУ, ги спојуваме сите активни чинители и креираме поголема критична маса за да ја покажеме потребата од посериозен пристап во создавањето можности за раст и развој на женското претприемништво во нашата држава.

Главна цел на проектот е зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за јавна политика и застапување во областа на женското претприемништво, со спојување на постојните мрежи во единствена платформа што ќе претставува интерес на жените претприемачи на сите нивоа. Специфични цели на проектот Националната платформа за женско претприемништво се платформата да се изгради како главен социјален партнер во креирањето на политики и реформски процеси. Олеснување на структурниот дијалог, вмрежување и консултации меѓу засегнатите страни од женското претприемништво на национално и локално ниво. Подобрување на капацитетите на граѓанските организации за женско претприемништво за политика, застапување и соработка со националните и локалните власти. Промовирање на жени претприемачи како двигатели на промените во јавната политика и (младинско) економско зајакнување поврзани со женското претприемништво. Проектот треба да придонесе за видливоста и опфатот на платформата.

Кои се вашите партнери во проектот?

– Здружение на бизнис жени е носител на проектот, а партнери ни се Фондација за менаџмент и индустриско истражување, Сојуз на Стопански комори и Национална федерација на фармери. Сите организации со својата стручност и активно работење придонесуваат во различни аспекти во креирањето и работењето на платформата.

Какви комуникациски вештини треба да поседува жена за да биде успешен претприемач?

– Комуникацијата е главна за претприемништвото, без разлика за каква личност се работи. Во претприемачките води мора да се знае да се комуницира, да се искажуваат ставовите, очекувањата, желбите и целите. Во комуникацијата се важни изречените или напишаните зборови, но исто така важна е невербалната комуникација. Енергијата што се создава во комуникацијата е важна за да се прими информацијата и да се препознае реакцијата на другиот. На тој начин ја согледуваме нашата позиција во преговарачкиот процес.

Мотивираноста, делегирањето, позитивноста, довербата, креативноста, одговорноста, посветеноста и флексибилноста се својства кои треба да ги има личност која сака да навлезе во претприемачките води. Најважно е да се биде посветен, да се даде време за да се привикнеме на новонастанатата ситуација. Затоа сметам дека желбата за постојано учење е можеби најважен сегмент во процесот на претприемаштвото.

Што подразбира добар бизнис план?

– Бизнис план е формален писмен документ кој ги содржи целите на бизнисот, методите за нивното постигнување и временската рамка. Исто така, ја опишува природата на бизнисот, основните информации за организацијата, финансиските проекции на организацијата и стратегиите што таа има намера да ги спроведе за да ги постигне наведените цели. Во целост, овој документ служи како патоказ (план) кој обезбедува насока кон бизнисот. На оваа општа формулација за бизнис план потребно е да се додаде дека претприемачот мора да е посветен во креирањето и пишувањето на бизнис планот. Тоа не може друг да го направи за него, затоа што е сериозно согледување на реалната ситуација за нашиот иден бизнис. Затоа, препорачувам сериозна посветеност кога се работи. Секако дека може бизнис планот да се менува во согласност со околностите. Добриот деловен план ќе претстави јасна споредба на бизнисот со сите директни и индиректни конкуренти. Компаниите треба да покажат дека ги знаат нивните силни и слаби страни и знаат како ќе се рефлектираат на бизнисот.

Дали жените се информирани за грантовите што може да ги добијат за да почнат сопствен бизнис и дали тие се лесно достапни?

– Од нашите истражувања имаме податоци дека жените не се доволно информирани и дека информациите не стигнуваат лесно до нив. Од истражувањето на Здружението на бизнис жени произлезе дека жените покрај професионалниот ангажман се многу повеќе ангажирани со домашните обврски и тоа не им остава многу време да ги следат сите информации кои се пласираат. Токму затоа нашето Здружение секојдневно на членките им ги пласира информациите во директна комуникација и им нудиме помош во идентификувањето на можностите за женско претприемништво.

Каква е соработката на Здружениото на бизнис жени со останатите земји, може ли да направите некаква споредба со нашата земја?

– Здружението на бизнис жени е препознаен партнер во Југоисточна Европа, како и пошироко на тема јакнење на женското претприемништво. Ние ја креиравме Балканската коалиција на бизнис жени, во која членуваат здруженијата од ЈИЕ и активно работиме на подобрување на условите, како и на поврзување на бизнисите во регионот и пошироко. Еве на пример, можам да го посочам, активното членство во Business Professionals World Emirates Club, активната соработка со Здружението на бизнис жени од Русија, Светското здружение на бизнис жени FCEM, здружението од медитеранските земји AFAEMME, светското здружение WEDО, и многу други. Соработката се одвива на повеќе полиња, од размена на искуства, креирање политики на регионално ниво, креирање можности и отворање пазари за жени претприемачки, па сѐ до искористување лични контакти заради креирање бизнис можности.

Поврзани содржини