Сега корупцијата ќе стане тема, ушите ќе ни ги пробијат со нови реторики и наводни борби против корупцијата, токму оние кои корупцијата со децении системски ја вградуваат во системот.
Притоа голем дел од странците погрешно го адресираат прашањето, по линијата на властите, кои ете почнаа со флоскули од типот: Треба да се промени свеста, не треба да се даваат пари на лекари, цвеќе на учителки и слични нешта (?!).
Така испаѓа дека проблемот корупција е само дијалектички, и ако е системски, тогаш е општествен, ама не и институционален, односно, дека зависи само од простата трансакција помеѓу два субјекта. Корупцијата кај нас е трансверзална, иако потекнува од два-три извори.
Не, проблемот на корупцијата кај нас е што е тотално и системски интегрирана во секој процес, во секоја јавна или приватна институција, во секоја партија, во секој тендер, во секој апарат, во секоја постапка на дејствување – од запишување во градинка, до одење на лекар, гласање, напредување, поставување на јавни функции, одговорност при нивно извршување, буквално во секој политичко-општествен чекор, кој е незамислив без коруптивна постапка и без длабоко вткаениte и формализирани односи и норми на кредитор, доверител или должник, помеѓу поединец/група и поединец/група, поединец/група и правен субјект или поединец/група и политичка партија/група/клан, или поединец/група и јавна институција/партија/етнички клуч.
Сетоа тоа и обратно од тоа.
Значи, нашата системска корупција не е само размена на приватни пари со цел привилегиран однос или одлуки на јавната администрација, не е само индивидуален однос помеѓу поткупувач и поткупен, туку е систем на висока и проширена корупција, со разноразни и многубројни размени и трансакции, системски и комплексни постапки, помеѓу картели и индивидуи или приватни фирми, кланови на политички личности, некогаш и цели партии, посредници, па дури и автентични мафијаши.
Знаете ли тоа како се решава?
Како што делумно беше направено со „Чисти раце“ во Италија. Прво мора да се уапсат битни политички или владини фигури. Доволен е еден голем скандал. Тие треба да соработуваат со „чистите“ обвинители и судии, за серија на владини функционери и бизнисмени блиски до нив да паднат. Потоа треба да падне Владата, па да се ослободи парламентот, па да дојдат некои „почисти“ владини претставници, кои ќе се заложат за решавање на системската корупција.
Потоа треба да се прочешлаат сите тендери, сите донации за партии, да се елиминира секое дискреционо право и секој сомнеж за криминал или несовесно работење да се истражи. Па да се зајакнат антикорупциските институции, па луѓе да завршат во затвор, па тие да ја издадат секоја шема и секој криминал што го знаат, па така да се надеваш дека коруптивниот систем на партиите и нивниот клиентелистички систем на раководење и поткупување на електоратот ќе се соочи со одговорност.
Мораш да ја отсечеш гангренозната нога на партиите, за да го спречиш понатамошното корумпирање и да ја запреш репродукцијата на коруптивниот систем.
Накратко, за да се соочиме со корупцијата, таа треба јавно да се разголи и да почнат одговорни луѓе да зборуваат за конкретни случаи, за конечно да се отвори целата шема. Ние сето тоа го знаеме, ама никој, ни власт, ни обвинителство, никој не презема ништо. Јавното мислење би требало да е клучен фактор кон таквите барања, ама кај нас е анестезирано и преморено од скандали и лажни ветувања.
Така што, процесот би бил тежок и долг, и никако, ни во најлош сон, не би можел да биде остварен или реализиран од актуелните политички банди, кои на прво место ја создадоа и ја оддржуваат оваа коруптивна и пред сѐ криминална шема и систем. Властите и странците треба да ја променат свеста дека една земја може да биде демократија со олкав степен на системска и висока корупција.
(ФБ статус на авторот)