Увидот во „Империја“ ја затвори за јавност одбраната на Катица Јанева, следната рунда на 23 март

Бранителите на поранешната специјална јавна обвинителка докажуваа дека нема ништо спорно на нејзините сметки и во нејзиниот имот.

898

Адвокатите Ирена Фрчкоска и Дељо Кадиев денеска во Кривичниот суд, како доказен материјал во одбрана на обвинетата Катица Јанева, прво прикажаа десетминутен извадок од дебатна емисија на 1 ТВ, во која гостите Јанева и обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов разговараат за мерката притвор и за неговата замена со куќен притвор.

Кадиев прикажа и извештај од трансакциска сметка за периодот од 1 септември 2018 до 1 септември 2019 година, за која како што објасни дека се гледало дека на таа сметка била уплатувана нејзината плата и имало една уплата од Владата извршена на 5 јули 2019 година, хонорар за учество во судските реформи.






Потоа адвокатот прикажа анкетен лист кој покажува дека кај Јанева немало промена на имотната состојба. Кадиев прикажа документ со кој потврди дека таткото на Јанева се лекувал во „Систина“ и дека тоа било уредно платено. Овој доказ го приложи како аргумент дека не станува збор за коруптивно однесување, а против тврдењето на сведокот Ана Камчева дека таткото на обвинителката се лекувал во нивната болница.

Кадиев прикажа и документ со кој пред судот докажа дека запленетиот телефон на Јанева бил од нејзината сестра Лиле Делиџакова, која тој апарат го добила на наградна игра. Одбраната покажа и барање за увид во предметот „Империја“, по што адвокатот Кадиев побара јавноста да биде исклучена од рочиштето поради презентација на тајни податоци.

По ова судот се повлече и по кратко време судијката Васка Николовска Масевска информираше дека рочиштето ќе биде затворено за јавноста. А следното рочиште за јавноста ќе биде на 23 март.

Поврзани содржини