УТРЕ ТРЕБА ДА СТИГНАТ ТРИ ХЕЛИКОПТЕРИ ОД СОСЕДСТВОТО Два ќе испрати Словенија, по еден Србија и Црна Гора, најави Тошковски
Денеска претпладне од Турција пристигнаа два „ер трактори“ и еден хеликоптер, кои веќе активно работат на терен. Во текот на утрешниот ден ќе пристигнат два хеликоптери од Словенија и по еден хеликоптер од Србија и од Црна Гора, потенцираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Во Центарот за управување со кризи денеска се одржа седница на Управувачкиот комитет за координација на системот за управување со кризи, со која претседаваше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а присуствуваа и министрите за одбрана Владо Мисајловски и за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, како и раководителот на Групата за процена на ризици и опасности Стојанче Ангелов, соопшти МВР.
– На седницата беше утврдена потребата да се активираат меѓународните механизми за обезбедување на помош во воздухоплови, кои ќе се вклучат во гаснењето на пожарите кои деновиве ја зафатија државата. Денеска претпладне од Турција пристигнаа два „ер трактори“ и еден хеликоптер, кои веќе активно работат на терен. Во текот на утрешниот ден ќе пристигнат два хеликоптери од Словенија и по еден хеликоптер од Србија и од Црна Гора – потенцираше министерот Тошковски.
Министрите изразија благодарност до пријателските земји кои ни помагаат во справувањето со огнената стихија, се вели во соопштението од МВР.
Србија ќе испрати помош од Хеликоптерската единица и Одделението за вонредни состојби на (српското) МВР за гаснење на шумските пожари во Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Белград.
– Противпожарен хеликоптер Камов К-32 со капацитет од 5 тони вода, со 7 припадници на Министерството за внатрешни работи, Хеликоптерската единица и припадник на Секторот за вонредни ситуации, утре ќе заминат за Република Северна Македонија во 9:30 часот – соопшти српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.