Судијката Васка Николовска-Масевска за утре закажа судење за предметот „Рекет“ во кој се обвинети Бојан Јовановски и Катица Јанева, поранешна специјална обвинителка. Третообвинетиот Зоран Милески е осуден на три години затвор, откако на почетокот на судскиот процес призна дека е виновен.
Се очекува на рочиштето да бидат повикани обвинителите од СЈО, кои треба да сведочат на предлог на Јанева.
Судењето е најавено и покрај мерките за заштита од коронавирусот со оглед на одлуката на Основниот кривичен суд Скопје да се судат само предмети во кои еден или повеќе обвинети имаат мерка притвор или куќен притвор, а во овој процес веќе неколку месеци Јовановски и Јанева ги издржуваат тие мерки. Поранешната шефица на СЈО е во домашен притвор, а првообвинетиот Бојан Јовановски е во притвор во истражниот затвор „Скопје“.
На последното рочиште на 23 март, судијката Васка Николовска-Масевска одлучи да го прифати барањето тогаш поднесено од адвокатите Ирена Фрчкоска и Дељо Кадиев, бранители на Катица Јанева за одложување, откако тие укажаа дека Јанева има хронична болест за која Владата препорача седење дома.
Тогаш рочиштето беше одложено и поради здравствената состојба на еден од нејзините адвокати кој имал респираторни проблеми, така што е неизвесно дали утре ќе продолжи најавеното судење.
Јанева, во обвинението се товари за две кривични дела, примање награда за противзаконито влијание и злоупотреба на службена положба и овластување, а Јовановски за перење пари и примање награда за противзаконито влијание.