„УСТАВНИТЕ СУДИИ СО НЕАРГУМЕНТИРАНИ ИЗЈАВИ ЈА ПОТКОПУВААТ ДОВЕРБАТА ВО СУДСТВОТО“ Управниот суд реагира дека навреме го поништи изборот на уставната судијка Елизабета Дуковска
Изјавите дадени од уставни судии и членови на други судски инстанци се неприфатливи и серизоно го нарушуваат уставното начело на независност на судството, со тоа што повикуваат на јавна одговорност на судиите преку медиумите за донесена судска одлука, без почитување на независноста на судската власт, а притоа употребувајќи типологии како “време и невреме”, соопшти Управниот суд.
Пресудата на Управниот суд со кој се поништи изборот на уставната судијка Елизабета Дуковска, извршен во Собранието во 2023 година не е задоцнета одлука, соопшти денеска претседателот на Управниот суд Бурим Сејдини.
„Во врска со јавно изразените ставови на уставни судии и членови на други судски инстанци, а поврзани со одлуката на Управниот суд по предметот У-5.бр.380/25, во врска со Одлуката за избор на судија на Уставниот суд од 10.4.2023 година на Собранието, сакаме да ја информираме јавноста дека во конкретниот случај не се работи за задоцнета одлука, туку единствено законита и правно аргументирана одлука донесена во законски водена постапка. Имено, Управниот суд ја донесе својата одлука согласно одредбата од членот 3 став 1 точка 5 од Законот за управните спорови, согласно кој во управниот спор судот одлучува за законотоста на конечните поединечни акти со кои се одлучува за избор, именување и разрешување на носители на јавни функции донесени од Собранието, претседателот, Владата, органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, како и органите на единиците на локалната самоуправа”, се вели во соопштението на Управниот суд.
Во таа насока, се додава, напоменуваме дека тужбата против одлуката за избор на уставен судија е поднесена на 16.10.2023 година, а по неа Управниот суд првично одлучил на 8.11.2023 година, во рок пократок од 1 месец од поднесувањето на тужбата. Одлуката била обжалена, по што второстепениот суд донел одлука на 28.2.2024 година, односно, решение со кое жалбата е уважена, одлуката на Управниот суд е укината и предметот е вратен на повторно одлучување.
„Во повторна постапка, а имајќи ја предвид одлуката на Вишиот управен суд, како и по извршена темелна правна анализа, Управниот суд ја донесе одлуката на 15.5.2025 година, односно во рок пократок од 1 месец, по донесената одлука на повисокиот суд. Согласно горенаведеното, произлегува дека сите процесни дејствија од моментот на поднесувањето на тужба до моментот на донесување на одлуката, Управниот суд ги превзел брзо, ефикасно, навремено, во рокови пократки од законски предвидениот рок“, соопшти судот.
Оттука, се додава, изјавите дадени од уставни судии и членови на други судски инстанци се неприфатливи и серизоно го нарушуваат уставното начело на независност на судството, со тоа што повикуваат на јавна одговорност на судиите преку медиумите за донесена судска одлука, без почитување на независноста на судската власт, а притоа употребувајќи типологии како “време и невреме”.
„Жалиме што дел од чинителите на правосудната власт, со неаргументирани изјави ја поткопуваат судската независност која е темел на правната држава, а воедно и интегритетот и довербата во судството, кон кои сите се стремиме. Имено, судовите се обврзани да носат одлуки исклучиво врз основа на Уставот, законите и доказите, ослободени од надворешни влијанија од каква било природа. Само на тој начин може да се обезбеди довербата на граѓаните во правниот систем и да се зачува интегритетот на институциите. На крај, независното судство не е само професионален и морален императив – тоа е услов за стабилност, просперитет, правна сигурност и обезбедување на начелото на владеење на правото во нашето општество“, се вели во соопштението од Управниот суд, потпишано од претседателот Бурим Сејдини..