УСТАВНИ СЕ ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ЕКСПРОПРИЈАЦИЈА Уставниот суд не поведе постапка за олеснувањата за „Бехтел и Енка“

Судот оцени дека е неосновано тврдењето дека терминот „градби од стратешки интерес” е недефиниран, а отсуството на законска рамка која ќе го регулира прогласувањето на одредени проекти од национално или стратешко значење доведува до правна несигурност.

379

Уставен суд денеска одлучи да не поведе постапка за измените на Законот за екпропријација кои му овозможија на конзорциумот „Бехтел и Енка“ забрзана експропријација на приватен имот на трасите на коридорите 8 и 10.

Подносителот на  иницијативата, адвокатот Жарко Стеваноски од Прилеп смета дека зборовите „како и за изградба на градби од стратешки интерес“, од законските измени не се во согласност со Уставот.






Во иницијативата тој наведува дека законодавецот го користи терминот „градби од стратешки интерес“ без притоа да утврди јасни рамки за тоа какви видови на градби може да се сметаат за градби од стратешки интерес, и тоа непотребно, бидејќи јавниот интерес и градбите од јавен интерес се веќе утврдени со закон. Единствена причина за оваа формулација, смета подносителот, е да се воведат олеснети правила за овој вид на градби и да се елиминираат заштитните механизми во сферата на урбанистичкото планирање.

Уставниот суд не ги прифати наводите на подносителот на иницијативата дека со оспорените одредби се повредува Уставот.

Судот оцени дека е неосновано тврдењето дека терминот „градби од стратешки интерес” е недефиниран, а отсуството на законска рамка која ќе го регулира прогласувањето на одредени проекти од национално или стратешко значење доведува до правна несигурност.

Исто така, според Судот неосновано е тврдењето дека со оспорените одредби се повредува уставно-загарантираното право на граѓанинот да бара судска заштита на своите права, бидејќи градбите од стратешки интерес сами по себе не може да претставуват основ за ограничување на правото на граѓаните да побараат судска заштита за одложување на експропријацијата или одземање на владението како едно од овластувањата кои произлегувале од правото на сопственост.

Судот при расправата и одлучувањето утврди дека веќе има заземено став дека Собранието има уставен основ со специјален закон да уреди посебен правен режим за постигнување на легитимна цел, во предметот во кој претходно беше оспорен Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за инфраструктурните коридори 8 и 10д .

„Во наведениот закон, кој веќе го има поминато филтерот на уставноста, Законодавецот точно утврдува што е јавен интерес, го издигнал на ниво на стратешка важност и предвидува за кој дел од постојната законска регулатива во целост или делумно нема да се применува, за да може да се олесни реализацијата на стратешкиот проект“, соопшти Уставниот суд.

Дополнително, се додава, при расправата Судот утврди дека веќе има заземено став за т.н. Закон за утврдување на стратешки партнер за Коридорите 8 и 10, согласно кој, Собранието има уставен основ со специјален закон да уреди посебен правен режим за постигнување на легитимна цел.

„Судот во тој предмет утврди дека законот во целост е во согласност со уставните одредби со кои беше оспорен од подносителот на иницијативата, односно Судот го имаше предвид фактот дека кога станува збор за предмети од стратешка важност кои се утврдени со закон, дел од постојната регулатива во целост или делумно нема да се применува за да се олесни реализацијата на стратешкиот проект, што значи Законодавецот има право и овластување со законски измени во повеќе закони да воспостави нов правен режим за такви проекти чија стратешка важност и јавен интерес е претходно утврден во законскиот интерес за градби“, соопшти Судот.

Согласно претходната уставно-судска практика Судот оцени дека не се повредува правото на сопственост, бидејќи се предвидува заштита на сопственоста на недвижнста на начин и со закон е обезбеден надоместок на штета како и судска заштита.

 

Поврзани содржини