УСТАВНАТА ЖАЛБА Е ПОТРЕБНА АМА ЗАРАДИ НЕА ТРЕБА ДА СЕ МЕНУВА УСТАВОТ Владата ќе чека да се создадат услови за таква промена

Апсолутно се согласувам со уставната жалба, но најдобро е да се создадат услови за промена на Уставот за да не ја вознемириме и така вознемирената јавност, рече премиерот Мицкоски.

388

Уставната жалба е апсолутно потребна, но за нејзино воведување треба да се промени Уставот и тоа е чувствителна тема, за чие отворање потребно е да се создадат услови. Oва беше порачано на отворањето на тркалезната маса за воведувањето на уставната жалба како инструмент за заштита на човековите права и слободи, организирана денеска во Уставниот суд со поддршка на делегацијата на Европската Унија.

Претседател на Владата, Христијан Мицкоски, на отворањето рече дека владеењето на правото претставува императив што мора да се почитува и Владата има засилена агенда на испорака на реформите, кои директно влијаат на владеењето на правото, и најави дека очекува многу бргу позитивни вести за планот за раст.






– Сите закони се работени со експерти од ЕК, домашната и стручна јавност, голем дел добиваат и мислење од Венециската комисија. Правото не треба да биде шведска маса. Треба да има поинаков, принципиелен пристап и тогаш кога можеби нешто не се сложувате, но ако правото вели така треба да го прифатите. Како луѓе и како Влада може некои одлуки на Уставниот суд не ни се допаѓаат, но мораме да ги почитуваме – рече Мицкоски.

Треба, нагласи премиерот, сите што се занимаваат со јавна дејност да се свесни дека не само што се исправени пред судот на јавноста туку имаат и своја тежина со своите постапки.

– Законот за Уставниот суд и уставната жалба, согласни сме со Костадиновски, дека е потребен, но за тоа е потребна промена на Уставот и кај нас тоа е болна тема и кога ќе се спомне тоа, нè потсетува на болни работи од минатото… Апсолутно се согласувам со уставната жалба, но најдобро е да се создадат услови за промена на Уставот за да не ја вознемириме и така вознемирената јавност. Во услови кога треба да се консолидираме и во услови на светска криза, имаме уште еден предизвик да враќаме солидарен данок што некој го собрал, а ние сега дојде време да го враќаме. Но, покрај владеење на правото, мора да се има разбирање и за општествените текови и процеси – изјави Мицкоски.

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, во воведното обраќање порача дека клучно за една демократија се независноста и самостојноста на Уставниот суд.

– Тоа не е можно само да се одржи од Уставниот суд и ме радува што разговаравме со премиерот и имаме речиси идентични стојалишта во врска со овие исклучиво важни теми – независноста на судството, уставната жалба и финансискита независност – изјави Костадиновски.

Амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, рече дека важно е за фундаменталните реформи да одат рака за рака.

– Уставниот суд не е само уште една институција, туку е вистински бранител на правото и заштитник на правата на луѓето и неговата независност и суверенитетот се клучни. Во ЕУ-системите имаме разни пристапи и не е прашање за еден модел, но сакаме да имаме иста цел – луѓето да имаат исти права и пристап до уставна правда – изјави Рокас.

Од наша страна, нагласи евроамбасадорот, ќе ги обезбедиме и поддршката и знаењето на патот кон ЕУ-интеграцијата.

Настанот е во рамките на проектот финансиран од Европската Унија „Зајакнати капацитети на Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на донесените нормативни акти и заштита на основните права“.

Поврзани содржини