УСЛОВНИ КАЗНИ ЗА ТАТКОТО И ЗА ЌЕРКАТА КОИ ГРАДЕА БУНГАЛОВИ ВО ЛЕУНОВО Компанијата ќе биде парично казнета
На повтореното судење таткото и ќерката државјани на Косово добија условни казни, а компанијата „Радика резорт“ ДООЕЛ увоз извоз беше парично казнета.
Условни казни добија таткото и ќерка, државјани на Косово, обвинети за бесправно градење бунгалови во селото Леуново во Маврово, а компанијата „Радика резорт“ ДООЕЛ увоз извоз доби парична казна од 400.000 денари, пишува МКД.
Во текот на судската постапка било утврдено дека бунгаловите се изградени без добиена дозвола и се одземени во корист на државата. Откако странките ќе ја добијат пресудата во писмена форма имаат право на жалба на одлуката во рок од 15 дена.
Првата одлука за истото кривично дело по член 244 од Кривичниот законик беше ослободителна, бидејќи тогаш истиот суд, но друг судечки судија процени дека нема доволно докази за да ги осуди обвинетите.
Апелациониот суд во Гостивар го врати предметот на повторно судење со образложение доказите повторно да бидат изведени и правилно оценети.
Обвинетите Шериф Рамука и Блерта Рамука на судењето се изјаснија за невини за обвинението дека од 10 јули до 20 септември 2021 година без одобрение отпочнале градба на осум бунгалови.